ВО МАЛА СТАНИЦА, ВО СКОПЈЕ
Разоткривање на кремот на српската уметничка сцена
Оваа патувачка изложба всушност ја претставува современата српска уметност, и она што е највредно во неа во моментот
По изложбата во Музејот на модерна уметност во Сент-Етјен (Франција), 11 српски уметници од различни генерации и поетика, во понеделник, своите дела ќе ги претстават и пред македонската публика, која ќе има можност да ги види во галерискиот простор на мултимедијалниот центар Мала станица. Изложбата насловена Разоткривање, Подвлечено сеќавање, ќе биде отворена во 20 часот, а ќе бидат претставени вкупно 18 дела.
-Оваа патувачка изложба всушност ја претставува современата српска уметност, кремот на српската уметничка сцена и она што е највредно во неа во моментот, потенцираше кустосот Александра Естела Бјелица Младеновиќ. За изборот на делата, пак, вели, пресуден бил квалитетот на продукцискиот чекор со кој овие автори поминале низ минатите 20 години, како и посветеноста и постојаноста во нивното творење, и кои се почитувани во Србија, како и на меѓународна сцена.
Инаку, различните прашања кои откриваат недоумици и самоувереност во дефинирањето на идентитетот, културниот, општествениот, политичкиот, националниот, личниот... овие уметници настојуваат да ги објаснат со исказ кој за тематско почетна точка го има сеќавањето како категорија на креативен полет. Тие се служат со различни уметнички медиуми за бележење и складирање на тие сеќавања.
По Скопје, Разоткривање ќе биде претставенио и во Бања Лука, како и во Солун.
Слики, фотографии, инсталации...
На изложбата за која организаторите потенцираат дека е всушност мост кој културно ќе ги поврзе градовите, ќе бидат прикажани скулптурите на Мрѓан Бајиќ, Габриел Гилд, Здравко Јоксимовиќ, слики од Марија Драгојловиќ, масла на платно од Биљана Ѓурѓевиќ, инсталации на Владимир Периќ, Душан Отешевиќ, фотографија на Александар Рафајловиќ...