Во Даут-пашиниот амам до 10 јануари ќе бидат изложени дела од Мартиноски, Коџоман, Петлески, Ивањицки, Бербер...
Дел од вредната уметничка колекција на Стопанска банка АД Скопје, вчера беше презентиран на изложба во Даут пашиниот амам, организирана во рамките на одбележувањето на влезот на Банката во 65-тата година од нејзиното основање.
Во две изложбени простории се претставени 28 дела од реномирани ликовни автори од земјава и странство, а истата публиката ќе може да ја погледне до 10 јануари.
„Значајната колекција е изградена во текот на повеќе години како резултат на бројни реализирани проекти и акции“, посочува Банката, чиј генерален директор и претседател на Управниот одбор Глигор Бишев, на свеченото отворање ја нарече изложбата „обид со јавноста да се подели дел од традицијата и културното богатство“. Колекцијата, рече тој, е израз на долгогодишната поддршка на реномираните македонски автори и израз на општествената одговорност.
На ова прво од ваков вид, претставување на ликовното богатство што го поседуваат големите приватни компании во земјава во просториите на Националната галерија, публиката има ретка можност да види и дела од значајни автори што влијаеле на развојот на македонската ликовна сцена. Изложени се слики на Никола Мартиноски „Вазна со цвеќе“ (1969-70), Вангел Коџоман „Низ реката Црни Дрим“ (1979), на доајенот на македонската ликовна сцена, Трајче Јанчески „Полиптих“ - (2001), слики од Ордан Петлески, Рубенс Корубин, Мустафа Асим, Константин Танчев - Динка, Дијана Томиќ - Радеска, Коле Манев, Зоран Јакимовски, Димитар Димитров - Мичо, Глигор Чемерски, Павле Кузмановски, Васко Ташковски и други, како и дела од странски автори Баиматов Гаират, Бата Вукановиќ, Јанис Киријакидис, Јашар Чапл, Мерсел Бербер, Оља Ивањицки и др.
Стопанска банка во оваа прилика како една од најзначајните свои активности за поддршка на уметноста ги издвои, под нејзино покровителство во минатото одржаните бројни уметнички колонии на кои учествувале некои од најголемите македонски, регионални и светски уметници. „Со таа иницијатива почна да се составува нашата богата колекција која денес содржи разни форми и техники на експресија, почнувајќи од мозаици, витражи и скулптури вградени во зградата во која Банката секојдневно работи, па се до бројните уметнички слики, распоредени низ нејзините простории во Скопје и Македонија “ стои во пригодно изработениот флаер, наменет за посетителите што ќе можат бесплатно да ја видат изложбата до 10 јануари.
Катерина Богоева - Утрински весник