„Крилја“ - 2007, Мира Митрова
На 14 мај во Сите де арт, Друштвото на ликовни уметници ќе изложи 110 дела од 107 члена
Ликовни дела на 107 македонски уметници ќе бидат презентирани во Париз на заедничка изложба што ќе биде отворена на 14 мај во 18.30 часот, во целиот изложбен простор на познатото Сите Де арт.
На ова второ по ред претставување во градот на уметноста, организирано од Друштвото на ликовните уметници на Македонија по пауза од десет години кога биле презентирани дела од 77 автори, публиката во седум изложбени салони ќе има можност да види 110 дела.
На отворањето на изложбата е предвидено обраќање на македонскиот амбасадор во Франција, Јон Ивановски, на претставникот на УНЕСКО Јордан Плевнеш, а се очекува пред присутните да се обрати и висок претставник од Париз кој треба да говори за долгогодишните релациите меѓу Македонија и Франција . Пред париската публика до 1 јуни ќе бидат презентирани дела работени во најразлични техники, од автори кои припаѓаат на различни генерации, но со акцент на помладата авторска ликовна сцена.
Предвидено е потоа, изложбата извесно време да биде отворена и во просториите на македонската амбасада во Париз.
Сегашното раководство на ДЛУМ, чии што претставници вчера одржаа прес - конференција во Скопје, е задоволно од поддршката за организирање на значајната презентација на дел од македонската култура што ја добиле од Министерството за култура, Градот Скопје, Музејот на современата уметност, Музејот на град Скопје и од неколку приватни фирми, потенцирајќи дека во изминатиов период, успеале и да анимираат одреден број на еминентни имиња од француската ликовна сцена, од општествено - политичкиот живот на Париз, а очекуваат и тамошните медиуми да покажат интерес за информирање.
„Во сеуште неповолните моменти за Република Македонија, која незнам по кој пат бара лична идентификација во светот, ние уметниците , сплотени во нашата асоцијација со традиција долга повеќе децении, даваме допринос во културолошка смисла со етаблирање на македонската современа уметност во Франција, земја чиј збор се цени во процесот на евроинтеграциите. Посакуваме во иднина да не се прават големи паузи при нашето претставување во значајните светски центри“ - изјави претседателот на уметничкиот совет на ДЛУМ, Милош Коџоман.
„Предел“, Илиријан Беќири
Изложбата најавена како сумиран резултат на случувањата на полето на ликовната сцена во земјава, е конципирана по извршената селекција од страна на ликовните критичари Владимир Величковски и Небојша Вилиќ. „Делата може да се читаат како одделни остварувања во контекст на едно традиционално шаренило на периоди и вредности. Сепак, меѓу нив можат да се препознаат и некои знаци на новиот сензибилитет, чии носители се уметниците од помладите генерации“ - забележува Величковски.
Небојша Вилиќ пак посочува:„размената во Париз, светското средиште на уметноста, за повеќето членови на ДЛУМ ја има важноста и како светско средиште на современата, тековна уметност и изложувањето во него се поставува, а и наложува како своевиден императив. Оттука кој и каков избор од дела да се направи, и како тој избор да ја изрази актуелноста на творечкиот миг, се насочува кон широкиот спектар на изразности, интереси и побуди“.
Во Париз меѓу 107 - те автори кои ќе се презентираат со по едно дело се: Решат Амети, Наташа Андонова, Ѓоко Антониев, Илиријан Беќири, Емилија Е. Божиновска, Борјана Божиновска, Тони Васиќ, Васил Василев, Лидија Вујисиќ, Јулијана Гешовска, Сергеј Дамовски, Соња Димитрова, Новак Димитровски, Елена Ѓорѓиевска, Никола Иванов -Балтон, Сабрина Јанева, Нафи Јашари, Ѓорѓе Јовановиќ, Илија Кавкалевски, Едип Лога, Димитар Малиданов, Рената Миланова, академик Боро Митриќевски, Ангеле Нацевски, Таки Павловски, Лидија Саздовска,Виолета Силјан, академик Томе Серафимовски, Никола Смилков, Ристо Соколов, Мира Спировска, Сафет Спахиу, Тања Таневска, Ана Темкова, Дијана Томиќ, Филип Фидановски, Грозданка Филипова, Маја Џартовска Хил, Стеван Цигаридов, Глигор Чермерски и др. Авторите Трајче Јанчевски, Владимир Георгиевски и Александар Јанкуловски -Цане се застапени со по две дела.
Катерина Богоева,Утрински весник
ГОЛЕМА ИЗЛОЖБА НА ДЛУМ ВО ФРАНЦИЈА
Македонската уметност го освојува Париз
Пред репродукција на голема слика на Париз, дело на познатиот уметник Огист Реноар, во скопското кафуле „Рим-Париз“, македонските уметници вчера симболично ја најавија големата изложба што за една недела ќе биде отворена во француската метропола. „107 македонски уметници во Париз“ е насловот на презентацијата на членовите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Тие по десет години масовно ја претставуваат актуелната македонска ликовна сцена во Париз, еден од најважните центри на ликовната уметност во светот. Изложбата ќе биде отворена две недели. Уметничките дела концепциски ќе бидат распоредени во седум салони, сместени во познатото ателје Cite internationale des arts. Потоа ќе бидат помесетни во македонската амбасада во Париз. Изложбата ќе ја отворат нашиот амбасадор во Франција, Јон Ивановски, неговиот претходник Јордан Плевнеш и висок претставник на градот Париз. Македонската уметност пред француската и светската јавност ќе ја претстават и десетина уметници, кои се дел од раководството на ДЛУМ.Уметничките дела (вкупно 107), работени во различни ликовни техники, веќе „тргнале“ кон Париз. Од раководството на најголемата уметничка асоцијација во земјава информираа дека сите се осигурани. Историчарот на уметноста Владимир Величковски вели дека на изложбата ќе бидат претставени главно дела што ги понудиле членовите на ДЛУМ. Тој и неговиот колега Небојша Вилиќ ги селектираа уметничките творби. Направивме вредносен пресек на дел од тоа што е релевантно на македонската ликовна сцена. Посветивме внимание на младите автори, кои најмногу пријавија дела. Меѓу нив може да се препознаат знаци на новиот сензибилитет, чии носители се уметниците од помладите генерации - рече Величковски на вчерашната прес-конференција и додаде дека потенцијалниот успех на изложбата се должи и на ефикасноста на младото раководство на ДЛУМ.Претседателката на друштвото, Тања Балаќ, потсети на нивното последно јавно излагање, кога пред два месеца, во чекалница на Железничката станица ги најавија манифестацијата „Зимски салон“ и изложбата „Шенген? - Непристоен предлог!“. Тогаш делевме пасоши на ДЛУМ. Беше симболично. Можеби тогаш не ни требаа визи, но сега ни требаат. За жал, не успеавме да „поминеме“ со тие пасоши - се пошегува таа.Балаќ потенцира дека во ова време на транзиција, уметниците даваат голем придонес во промоцијата на македонската култура, особено што од почетокот на јули, Франција ќе го преземе претседателството со Европската Унија.Уметникот Милош Коџоман, претседател на Уметничкиот совет на ДЛУМ ја дополни. Во моменти, многу неповолни за Република Македонија, која не знам по кој пат бара лична идентификација во светот, ние, уметниците, со многу жар сакаме да дадеме придонес и да ја етаблираме македонската култура преку современата уметност - рече Коџоман.
(В.И.)-Дневник