„АСТЕРФЕСТ“ ПО ДЕВЕТИ ПАТ ВО СТРУМИЦА
Вечерва, со почеток во 19,30 часот, во големата сала на Домот на АРМ во Струмица, свечено ќе биде отворен деветтиот интернационален филмски фестивал „Астерфест“ кој оваа година ќе се одржува под мотото „Зад деветтото платно“
На свеченото отворање, ќе биде доделено Признанието Астер за високи достигнувања во авторскиот филм на словенечкиот режисер родум од Скопје Карпо Година, а почесното признание за вонсериски достигнувања во полето на краткиот филм ќе го прими германскиот синеаст и прв човек на Оберхаузенскиот фестивал Ларс Хенрик Гас.
Веднаш потоа ќе бидат прикажани словачкиот анимиран филм „Ничија земја“ во режија на Мартина Фрајштакова, белгиско-францускиот краток игран „Умирање на сенката“ на Том Ван Авермает и германскиот документарец „Утре ќе живееме пак“ на Корина Гизен.
По кратката пауза, публиката од 22,00 часот ќе има можност да присуствува на проекцијата на филмскиот блок Мувиленд составен од осум современи кратки филмови од Словачка: „Упатство за употреба“ на Јана Минарикова, „Пат“ на Максим Мелник, „Ѕвона“ на Алица Гуринова, „Франкенханд“ на Андреј Грегорчок, „Љубов на прв поглед “ на Вероника Коцуркова, „Под маска“ на Ерик Ержин, „Тишина“ на Славомир Зребни и „Близнаци“ на Петер Будински
Филмската манифестација „Астерфест“ е под покровителство на Собранието на Општина Струмица и Министерството за култура.