Кој не ве слуша вас, од Мене се откажува

„Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува; а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној што Ме пратил.”
Со овие зборови Богочовекот Христос, не вели, просто, дека кој не ги слуша поставените од Него да раководат со Црквата, Него не Го слуша, туку дека и се откажува од Него. Наједноставно кажано, непослушанието во Црквата е откажување од Христос, исклучување од нејзиниот благодатен живот, отпаѓање од Бог. Отсуството, пак, на Божјата благодат е знак за постепена загуба на сѐ најмило.
Затоа, деца, кога ви велам – не се причестувајте со Христос, без лично некому да помогнете помеѓу две причестувања – послушајте ме! Значи, нагласувам – лично, не само преку разни хуманитарни организации – тоа е безлично; секако – најдобро е и на двата начина. Кога лично му помагаме на ближниот, ем е тоа директно продолжување на Литургијата, ем се смируваме пред него - служејќи му, ем сфаќаме дека ништо не правиме – знаејќи, колку многу имаме, а колку малку му (Му) даваме.
И кога ви велам, не служете Литургија и не се причестувајте без да ме прочитате што сум напишал, оти тоа е исто како да не сакате да се причестите; затоа што еден и ист е Христос и во Евангелието што се толкува и во Лебот што се прекршува; да не забораваме дека е истиот Тој и во послушанието.
И ако до сега не сте го знаеле ова, духовниците имаат дополнителна должност да ви го пренесат, не само со збор, туку и со пример. Значи, кога ви кажувам нешто, сфатете го сериозно, оти нема друга духовна власт што може да ве ослободи од заповеданото, а последиците – ги чувте.
Постојано инсистирам на истите работи: Прво, лично да помагаме на оние што страдаат – кој како може, како продолжување на нашето себепринесување во Литургијата, смирено – како слуги на децата Божји и по можност – тајно, без некој друг да знае, а Бог ќе им проговори сѐ што треба за нивно спасение во нивните срца. И второ, нашиот подвиг да биде во познание, оти „кој не се натпреварува според правилата нема да добие венец“, затоа и ви го објаснувам православниот духовен живот – кој е наука над науките и уметност над уметностите, оти, пак, тоа е мое послушание од Бог дадено.
Посебно инсистирам, при подвигот во познание, на „петте контролни точки“ како сублимиран светоотечки метод за надминување на секое искушение – ако некој не го сретнал до сега, само нека напише на гугл: „Митрополит Струмички Наум, Пет контролни точки“ и ќе најде. Оти уште среќавам мои духовни чеда кои не го знаат овој метод. Дури и тие што го научиле напамет, ако ги потпрашам малку подлабоко, гледам дека уште не им е јасен – оти за да стане јасен, ни треба опит. Ако ова не се знае или не се сфаќа – Господ напомош, стручна помош и терапија.
И не само што треба овој метод да се познава и напамет и од опит, туку согласно него треба да тече и нашата исповед, ако сакаме правилно да се исповедаме и Бог да го прими нашето покајание. На пример, дали и колку го прифативме тоа што ни се случило како дар Божји – без оглед колку тоа ни изгледа лошо; дали и колку Му заблагодаривме на Бог за тоа; дали и колку се најдовме виновни во слученото – барајќи ја пред сѐ Божјата правда; дали и колку покажавме пред луѓето и демоните што ни се случува; дали и колку бргу се враќаме на молитвата – како градење на личен однос со Бог во новонастанатите услови? Ако исповедта не е по овој терк – тешко... Најдете и читајте, за сѐ што треба - сум пишувал. И бидете послушни – на Бог.
Пресвета Богородице, спаси нас!
Митрополит Струмички Наум


























