ФИЛМ НА КИНОТЕКА НА МАКЕДОНИЈА НА ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“ ВО БИТОЛА
. Се одржа премиера на „Сведоци“ во режија на Атанас Чупоски
Во неделата (16. септември) во Битола, во Македонската панорама во рамките на 33. ИФФК „Браќа Манаки“, се одржа премиера на документарниот филм „Сведоци“, реализиран од Кинотеката на Македонија, по сценарио и во режија на Атанас Чупоски.
Двочасовната епска приказна „Сведоци“ е поделена во девет епизоди, во кои преку сеќавањата и личните сведоштва на протагонистите, претставена е слика на животот на Македонците во Егејскиот дел на Македонија во период подолг од 100 години: од времето на Илинденското востание, балканските војни и Првата светска војна; искушенијата за време на грчката окупација на Егејска Македонија по војната; Втората светска војна и новата италијанско-албанско-бугарско-германско-грчка окупација; стравотиите на Граѓанската војна; евакуирањето на децата од боиштето и нивниот престој во детските домови во тогашните социјалистички држави; трансферот на Македонците – борци на Демократската армија на Грција - ДАГ преку Албанија во социјалистичките држави, како и подоцнежното враќање во тогашна СР Македонија и искушенијата со кои се соочувале т.н. Егејци.
Сценарист и режисер на филмот е Атанас Чупоски, монтажер Александар Трајковски, супервизор на монтажата Миле Петковски, а за супервизија на реализацијата на филмот беше задолжена директорката на Кинотека на Македонија - Мими Ѓоргоска-Илиевска.
Документарниот филм „Сведоци“ е реализиран од интервјуата собрани во рамките на проектот „Евидентирање, фотографирање, снимање и архивирање на видеоматеријали и разговори со Македонци протерани од Егејска Македонија во 20 век“, проект на Владата на РМ и Министерството за култура, реализиран од Кинотеката на Македонија, во соработка со Институтот за национална историја, Министерството за надворешни работи, Канцеларијата на Претседателот на РМ, Сојузот на стопански комори и здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Незaборав“ и „Македон“.