Златна „Камера 300“ за Јоланта Дилевска од Полска
Битола, 22 септември 2012 (МИА) - Добитник на златната „Камера 300“ на 33-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ е Јоланта Дилевска од Полска, која беше зад камерата во филмот „Во мрак“ на Агњешка Холанд.
Оваа одлука ја донесе Меѓународното стручно жири предводено од младиот германски кинематографер Фред Келемен, а во кое членуваа и Вирџини Сен Мартен од Белгија, ликовниот уметник Илија Пенушлиски од Македонија, Миладин Чолаковиќ од Србија и Дамјан Козоле од Словенија.
Сребрената „Камера 300 “ му припадна на Алишер Камидкоџаев од Русија кинематографер во филмот „Да се живее“, додека бронзената „Камера 300“ му беше врачена на Лука Бигаци од Италија киноматографер во филмот „Ова мора да е тоа место“.
- И благодарам на Битола и на земјата и се надевам дека еден ден ќе снимам во Македонија, рече Дилевска.
Пред аудиториумот во Битола, синоќа беше доделена и специјална награда за животно дело која годинава му беше врачена на познатиот италијански кинематографер Лучано Товоли. Наградата на Товоли му ја врачи министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска, која истакна дека прв пат во историјата на Фестивалот, свеченото отворање и затворање се одбележани со премиери на македонски филмови, а за време на фестивалот беа презентирани и 28 други македонски филмови од најновата продукција што зборува за големиот подем на македонската кинематографија и за подршката што Владата и Министерството за култура континуирано ја даваат на филмската дејност во државата, посочи министерката Канчевска-Милевска.
Бурно поздравен од домашната и публиката од странство, лауреатот Товоли предочи на сите предности и вредности на фестивалот во Битола, и јавно се заблагодари за одличната организација на оваа врвна манифестација на кинематограферите.
- Овој фестивал го вреднува креативниот придонес на киноматограферите и не само од Европа туку од цел свет. Оваа награда ќе има почесно место во мојот дом, рече Товоли.
На фестивалската сцена во Битола беа доделени две награди „Мала златна камера 300“ за Васко Вијана кинематограф во португалско-францускиот филм „Рафа“ и на Владимир Самоиловски за кинематографијата во краткиот филм „Бардо“, додека наградата на градот Битола беше доделена за британскиот филм „Мојот брат ѓавол“ на режисерот Сали Ел Хосеини и кинематографот Дејвид Редекер.
Со одлука на ИФФК „Браќа Манаки“-Битола, директорката Лабина Митевска на продуцентот Роберт Насков му додели специјална диплома за неговиот голем придонес и неговата продуцентска активност за што сведочат двата македонски филма во официјалната конкуренција на годинешниот фестивал чиј продуцент е Насков.
Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ заврши со светската премиера на Македонскиот игран филм „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски, кој во придружба на дел од тимот и актерите, во големата сала на Центарот за култура во Битола истакна дека -секој човек за себе има некаков предзнак, но најважно од се е што човекот носи во себе. Филмот „Балканот не е мртов“ се очекува наскоро да биде и на редовниот репертоар во кино салите низ Македонија.мт/9:29