О ФИНАНСИСКА ПОМОШ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА
Се заштитуваат старите и вредни икони во Велешко
Акцијата е започната во црквите во селата Бусилци, Крајници, Војница, Бањица и Папрадиште. Констатирано е дека поголем број вредни икони од 18 и 19 век, а некои и од 17 век, се прилично оштетени...
Народниот музеј од Велес со финансиска помош од Министерството за култура презеде акција за заштита на оштетените икони во црквите и манастирите во општината. Во соработка со Повардарската епархија вработените во Одделението за историја и уметност кон крајот на минатата година ја почнаа акцијата во црквите во селата Бусилци, Крајници, Војница, Бањица и Папрадиште. Констатирано е дека поголем број вредни икони кои се од 18 и 19 век се оштетени.
- Во црквата Свети Петар и Павле" во селото Папрадиште пронајдовме девет вредни икони. Иконите се од 19 век и се значително оштетени, но тие се вредни, бидејќи се изработени од познатите папрадишки мајстори. Во Велес нема конзерваторски центар и затоа иконите ги испративме до Републичкиот конзерваторски центар во Скопје, вели Елица Николовска. Од Музејот информираат и дека по конзервацијата иконите повторно ќе бидат вратени во црквата во Папрадиште и ќе бидат поставени на видни места со цел да бидат пред очите на верниците и големиот број домашни и странски туристи што се почесто го посетуваат селото.
Од Народниот музеј велат дека вредни, но за жал, оштетени од забот на времето икони има и во другите цркви, особено во селата во кои родното огниште жителите одамна го напуштиле и за кои нема кој да се грижи. Во црквите во селата Бањица, Бусилци и Мокрени се наоѓаат повеќето, а некои од нив се и од 17 век. Во селата во Велешко има повеќе од 70 христијански храмови со повеќе стотици икони. Поголем број и понатаму им пркосат на времето, но, за жал, на голем број од нив, им е потребна помош. Покрај времето и условите во кои се чуваат, најголем непријател на ова наше македонско богатство се и крадците.
Митрополитот Агатангел од Повардарската епархија информираше дека не само икони туку и други предмети меѓу кои и вредни крстови се украдени од црквите и манастирите. ;
Вечер