Порака дека сите луѓе што имаат различни верски убедувања треба да соработуваат и заедно да решаваат за различни прашања, истакнаа учесниците на дводневната конференција на рабини, која почна вчера во Скопје. Конференцијата е прва регионална средба на Балканот, а на нејзиното отворање присуствуваа лидерите на сите верски заедници во Македонија, со исклучок на Исламската заедница. Во рамките на оваа конференција, за синоќа во синагогата „Бет Јаков“ во Скопје беше закажана церемонија на доделување рабинска диплома на Хазан Ави Козма, кој е првиот рабин роден во Македонија по 1943 година. Тогашниот битолски рабин Давид Романо беше однесен во логорот „Треблинка“ со уште околу 7.200 други Евреи од Македонија. Од 2000 година досега службите во синагогата во Скопје ги извршуваше рабинот Исак Асиел, главен рабин на Србија. За мене ова е голема одговорност. Треба многу да се работи, спремен сум за таков предизвик. Конференцијата има задача да покаже дека имаме добри односи со другите верски заедници и е дека Македонија е мултиетничка земја и ги има сите религии, дека е Ерусалим во мало - изјави рабинот Козма. На конференцијата присуствуваат рабините од Србија, Хрватска, Израел кои дојдоа и за да ја покажат својата почит кон македонската Еврејска заедница и кон Македонија. Дојдовме тука за да му кажеме на Козма да ја продолжи еврејската традиција и да видиме како може да го искористи нашиот инструмент за убавата музика на Македонија - рече рабин Шломо Касин, директор на Еврејското рабинско училиште од Ерусалим Еврејската заедница во Македонија има околу 250 члена.
Извор:Дневник