„Мал битолски Монмартр“ донира иконостас за црквата „Св. Константин и Елена“ во Битола
Детската ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ донира иконостас за црквата „Св. Константин и Елена“ во Битола, дело на младите и талентирани ученици и мајстори од теолошкото православно училиште „Манастиреа Неамт“ од Романија.
Раководителот на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола Коста Хаџиантоновски, организатор и домаќин на меѓународната ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ посочи дека теолошкото училиште од Романија иконостасот го испратило во Битола, а со цел да биде видлив за поголем дел од јавноста истиот ќе биде поставен во црквата „Св. Константин и Елена“ во овој град.
- Иконостасот е врвно уметничко дело кое сега се наоѓа во галеријата на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“-Битола, но ние одлучивме иконостасот да го донираме во црквата „Св.Константин и Елена“ и истиот ќе биде осветен на 3 јуни. Иконостасот што го изработија учениците од теолошкото православно училиште од Манастиреа Неамт е долг 3 метри а висок 2,5 метри, изработен од специјално дрво и со златна боја, истакна Хаџиантоновски.
Теолошкото православно училиште Манастиреа Неамт од Романија е редовен учесник на ликовната колонија „Мал битолски Монмартр“, во 2012 година нивните претставници ја добија наградата „Гран при“, а за годинешната колонија испратија 24 нови икони.
- Ќе ги донираме и иконите, и тие ќе бидат доделени на заштитни и здравствени установи за деца во Република Македонија. Меѓу повеќето икони е и иконата „Сите македонски манастири“ која ќе ја чуваме се додека не донесеме одлука на кое најсоодветно место или институција треба да биде донирана затоа што вонеа е вложено врвно мајсторство и е со голема вредност, најави Хаџиантоновски.
По повод големиот христијански празник Велигден, детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ отвори и изложба со икони на тема „Страдањата Исусови“ која е поместена во старата битолска чаршија.
Извор: Утрински весник