Датум: 04.12.2013, 20:37
СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ СОЗДАВААТ KНИЖЕВНИ ФЕНОМЕНИ
И од статус на „Фејсбук“ се прави книга
Марина Лазаревска
Повеќе од 30.000 лајка на текстови на нејзиниот блог беа причина еден издавач деновиве тие текстови да ги собере во книга. Kај нас „Фејсбук“, но и други социјални мрежи придонесуваат за инстант-популарност на одредени автори, кои во други околности би почекале за да објават книга. Иста е состојбата и во други земји во светот. Благодарение на интернетот, никогаш не било полесно да се пишува и да се објавува. Kај нас најнов е примерот со текстовите на младиот Дарко Лешоски за чија прва збирка поезија се чекаше ред, а не се памети толку многу присутни на промоција на книга. Сето тоа деновиве предизвика лавина жестоки дискусии на социјалните мрежи:
Рецепт за успех
Дали еден лајк на „Фејсбук“ може да натера некого да отиде на нечија промоција, да купи нечија книга, да ја прочита или да ја разбере? Дали пишувањето на блог може да биде литература. Дали фејсбук-трендот сам по себе е погубен за кревањето на културната свест или е инстант-медиум кој го заробува квалитетот? За издавачите, тоа е рецепт за успех, а за одредени професори, писатели и критичари така се девалвира книжевноста.
- Не знам дали воопшто ќе објавев книга доколку не постоеше интернетот. Веројатно ќе се задоволев со пишувањето лично за себе зад затворени врати. Одлуката за промовирање преку интернетот како медиум беше спонтана и никогаш крајната цел не беше себепромоција. Меѓутоа, без никаква реклама, така анонимно, текстовите и цитатите беа споделувани, цитирани и бројот на фановите на страницата стана огромен за кратко време. Ова го вели младата Марија Јаневска, која на својот блог објавува под псевдонимот Лајла Грејс и која вчера ја промовира својата прва книга во издание на „Три“.
Таа има 30.000 обожаватели на својата фан-страница на „Фејсбук“, со што не можат да се пофалат големите писателски имиња кај нас. Еден од најпознатите писатели има едвај 5.000.
Јаневска, која е фармацевт по професија, вели дека поради поддршката од обожавателите, ќе продолжи да ги споделува со нив нејзините мисли. Таа додава дека откако објавила дека сака да ги издаде во книга, се сретнала со повеќе издавачи и добила различни понуди.
Од издавачот „Три“, кој само пред неколку месеци објави книга со статусите од „Фејсбук“ на нашиот амбасадор во Виена, Ѓорѓи Филиповски, велат дека интернетот и социјалните мрежи навистина им овозможуваат на младите и талентирани пишувачи да дојдат до израз, да се обратат некому, а тоа (за жал или за среќа) понекогаш е многу поефикасно средство отколку книгата.
- Да се има блог, страница или профил на некоја од социјалните мрежи овозможува, пред с`, авторот да се обрати до некоја публика и да се поврзе со неа, а со текот на времето и да собере голем број заинтересирани читатели, кои со нетрпение ќе очекуваат нешто ново. Понатаму, објавувањето на овие и следните трудови на овие автори се официјализирање, односно чекор напред кон градењето некоја писателска кариера, а веројатно ќе претставува и вистински тест за тоа колку овие автори навистина успеваат да допрат до публиката. Во случаите на кои сме сведоци ние, тоа навистина е рецепт за успех – вели уредникот на „Три“, Бојан Саздов.
Пасивна младина
Социологот Бојана Наумовска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања вели дека социјалните мрежи создаваат можност секој да може да влијае врз креирањето на јавното мислење, а особено личностите што се повеќе препознатливи како актери, пејачи, професори.
- Ако зад некого стојат такви личности, тие може да придонесат за зголемување на нивната популарност. Тие со тоа што некого ќе пофалат или ќе искритикуваат придонесуваат многу во креирањето на јавното мислење за тој човек – вели таа.
Наумовска додава дека многу е лесно да се стисне лајк бидејќи, според нивните последни истражувања, младите се постојано на „Фејсбук“. Но, постојат две групи луѓе.
- Тие што се постојано на „Фејсбук“, за да има смисла нивниот ден, мора да прочитаат нешто интересно, некое споделување и слично. Од тие луѓе не можеме да очекуваме многу во иднина за разлика од оние што го користат за договарање, информирање на брзина и слично. Постои голема разлика меѓу овие две групи. Првата група е многу голема и кога ќе разговарате со тие луѓе во реалноста, тие не сакаат да зборуваат и се доаѓа до заклучок дека ништо не ги ни интересира. На една ваква младина ~ е многу едноставно да стисне некаде лајк. Тоа не значи дека некогаш ќе купат некоја книга, дека ќе ја прочитаат или дека ќе ја разберат, туку, едноставно, само заради тоа што некој стиснал дека му се допаѓа нешто, и тие го сториле истото. Тоа не може да биде слика на една реална вредност што трае – заклучува Наумовска.
Извор: http://www.dnevnik.mk/?ItemID=398ECA5513F06642BCF22204179EA5FD