НОВИ ПРОНАЈДОЦИ ВО НЕКРОПОЛАТА ВО ЦАРЕВИ КУЛИ, СТРУМИЧКО
Накит со ликот на Александар Македонски
"Се работи за хеленистички накит, пред се се работи за обетки, за прстени и некои други наоди коишто укажуваат на тоа дека во 2 век пред нашата ера Струмица, односно најверојатно тогашен Астраион имал развиен трговски центар, богата популација и комуницирал со работилниците во Солун" вели Зоран Рујак - археолог
Уникатна луцерна од 4 век од нашата ера со претстава на Александар Македонски и златен накит од 2 век пред нашата ера се пронајдени на локалитетот Цареви Кули над Струмица. Со новите наоди кои се откриени на некрополата на јужниот рид од локалитетот, Струмица доби уште една потврда дека од секогаш бил развиен градски и трговски центар.
"Оваа година сме изненадени со појавата на прекрасен накит. Се работи за хеленистички накит од кои некои се златни примероци, пред се се работи за обетки,за прстени и некои други наоди кои што укажуваат на тоа дека во 2 век пред нашата ера Струмица, односно најверојатно тогашен Астраион имал развиен трговски центар, богата популација и комуницирал со работилниците во Солун и со градовите од соседството, пред се овде се работи за Исар Марвинци и за Вардарски рид кои исто така се истражуваат ова година", вели Зоран Рујак - археолог.
Дека континуитетот во развојот на Струмица не бил прекинат потврдуваат и наодите од 4 век меѓу кои и уникатната луцерна со најверојатна претстава на Александар Македонски.
"Се работи за некоја реминисценција на Александровите победи или е претставена некоја алегорија. Во секој случај тоа е еден од најинтересните наоди на овој локалитет, засега уникатен. Засега ваков примерок не сум видел на другите места, претпоставувам дека се работи за сад односно за ламба која е од работилниците во Солун или можеби во соседството. Се работи за доста богат член на некое семејство од тогашен Тивериопол и претпоставувам дека и во 3 и во 4 век Струмица егзистирала како големо средиште и не бил мал град туку доста развиен центар", додаде археологот Зоран Рујак.
Во моментов на локалитетот Цареви Кули работат околу стотина лица. Истражувањата кои оваа година започнаа пред месец и половина се финансирани од Владата на Р.Македонија. Истите се дел од капиталните археолошки проекти во државата.
(З.Ѓ.) - Вечер