Велес, 16 април 2010 (МИА) - Одлично зачувана мермерна глава, дел од скулптура од рано римскиот период и мало торзо се пронајдени денеска на локалитетот Стоби, кој го посети премиерот Никола Груевски придружуван од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман.
Според Силвана Блажевска, директор на Националната установа Стоби, станува збор за склуптура со која според карактеристиките, обично се претставувале императори и видни граѓани од првиот и вториот век од новата ера, а била дел од храм, кој бил ограбуван по неговото разурнување уште во античкиот период.
- Сводот во едната просторија имаше дупка. Кога ја најдовме руската копејка од 1863 на едно од подните нивоа си рековме за жал храмот е ограбен и тоа повеќе пати меѓутоа среќа е што тие не стигнале до првото подно ниво каде се наоѓаат склуптурите. Очекуваме за една недела да го рачистиме подното ниво и да видиме за што се работи, рече Блажевска.
Министерката Канческа-Милевска истакна дека вкупно 180 милиони денари изнесува буџетот за годинашниве активности на 20 археолошки локалитети кои се наоѓаат на приоритетната листа на Управата за заштита на културното наследство.
Таа посочи дека од особено значење е што овој локалитет на кој работите оваа сезона почнаа пред три недели, прерасна во Национална установа со што се овозможува државата во континуитет да се грижи за него, а не еднократно додека траат истражувањата.
- Многу е важно што овој локалитет прерасна во Национална установа со вработени чиј број понатаму ќе се зголемува, а се со цел тој да биде достапен и како туристичка атракција и за промоција на културното наследство, рече Канческа-Милевска.
Според Кузман, за разлика од минатата година кога работеа 700 лица, на локалитетот Стоби годинава се ангажирани 400 лица од кои 65-члена стручна екипа.
- Интензивно се фокусираме на локалитетот во истражувачка смисла да го завршиме што побрзо, а за конзерваторските и другите работи ќе треба подолго време и покрај тоа што во овој момент работиме и конзерваторски проекти, рече Кузман посочувајќи дека издвоените средства од буџетот за археолошките истражувања ќе бидат доволни. ва/рп/16:27