Седум неолитски куќи, изградени од автентични материјали (кал и трски), поставени на 900 дрвени колци во Охридско Езеро, на локалитетот познат како Залив на коските, близу Градиште, в понеделник, на празникот Свети Климент, ќе бидат промовирани како првиот музеј на вода во поширокиот регион.
Музејот на вода, освен наколната праисториска населба, опфаќа и објекти на копнениот дел, како и римското кастело на ридот над Градиште, кое е конзервирано и целосно реставрирано.
Неолитските куќи ќе бидат амбиентално опремени, соодветно на периодот од кој, во повеќе подводни археолошки зафати, се откриени наоди на дното на езерото. Во Заливот на коските се откриени керамички предмети, садови и други орудија што ги користело неолитското население на овој простор пред 7-8 илјади години.
Музејот на вода е вториот реконструиран неолитски амбиент во Македонија по неодамна промовираното неолитско село на Тумба Маџари, крај Скопје.
- Во Европа реконструкцијата на неолитските амбиенти се практикува во последниве четириесетина години. Археологија не е собирање артефакти - тоа е колекционерство, ниту изложување - тоа е музеологијата, крајната цел на археологијата е токму реконструкција на минатото - изјави проф. Драги Митревски при промоцијата на неолитското село во Тумба Маџари.