1000 истражувачи ќе го копаат Исар Марвинци
Досега се ископани околу 1000 гробови од дивите копачи, а пронајдоците се продадени во други земји, вели Паско Кузман
Монети од македонските кралеви, теракотни фигури, керамички садови, врвови од копја, златни апликации, бронзени апликации со претстава на коњ, 6 урни, пронајден простор каде се кремирале покојници...
Ова е само дел од најновите археолошките пронајдоци на локалитетот Исар Марвинци. Втората убава археолошка најава е дека в година на овој локалитет ќе копаат дури 1000 луѓе!
- Идната година овој проект не само што ќе се повтори, туку и ќе се мултиплицира, и се надевам дека целокупно ќе се истражат сите некрополи. Тоа значи дека ќе работат околу 1000 луѓе. Ако во Македонија нема доволно луѓе, ќе ангажираме од соседните земји, рече археологот Паско Кузман на вчерашната средба со новинарите, и додаде дека овој проект е замислен и со цел да се запре крадењето на нашето културно богатство. Тој објасни дека досега се ископани околу 1000 дупки и гробови од страна на дивите копачи, а пронајдоците се продадени во други земји.
Златко Видевски, пак, раководител на истражувањата на Исар Марвинци, објасни дека на 5000 километри квадратни откриле 400 гробови. Тој ја потенцираше и вкопаната гробница во која биле погребани шест луѓе.
- Доминантно погребување тогаш била кремацијата. Хронолошки, пронајдени се гробови од крајот на петти век до крај на царскиот период во Рим. Пронајдени се и три три бустуми, просторот каде се кремирале покојниците, рече Видевски.
На прес-конференцијата беше објаснето и дека пронајдените монети биле од македонските кралеви, за нив е користен материјал од овие простори, како и дека биле ковани тука.
Паско Кузман рече дека дел од пронајдоците (маски од различен материјал на македонскиот бог Силен - пандан на грчкиот Дионис и на римскиот Бахус) укажуваат дека во Македонија имало силно развиен култ на Дионис.
Инаку, локалитетот Исар Марвинци бил најмоќниот јужен град во времето на Пајонија, со континуитет на живеење од десетина века.
Таму беше пронајден и шлемот на воен достоинственик од војската на Александар Македонски.
(Де.Т.)- Вечер
Фото: Д. Андоновски