Ако можете, љубете без оптоварување, ако не, вие не сте за тоа, најдете си друг спорт и оставете ги другите мирно да спијат!
Љубомора - маќеа на љубовта, сестра на несигурноста и посестрима на недоволноста.
Да се размислува за љубомората и, не дај боже, да се зборува за неа е секогаш мачно, тешко, лепливо и одговорно. Секогаш на средето меѓу патетичното и воспевање како сателит на љубовта и нејзината патологизација со примерите за рушителската и моќ. Чинам дека стереотипијата за ова комплексно човеково собитие е присутна во сите обиди таа да се разјасни, согледа, оправда или одрече, поддржи или осуди. Едно е сигурно - во сите облици на нејзина разгледба доминираат осудата и неприфаќањето, кое станува сé поголемо со слепилото на истовременото нејзино постоење кај секој од нас.
Прво што паѓа в очи кога луѓето се обидуваат да ја разнебитат и расчленат сушноста на овој феномен е тоа дека секогаш ја доведуваат во некаква врска со присуството или со отсуството нејзино во чувството, состојбата, што ли и да е наречено/а љубов. Некои од нас велат дека секогаш кога има голема љубов наводно морало да има и одредена доза на љубомора. Внимавајте - одредена, како да постои своевиден душевен шублер со кој можеме така фино да и ги измериме границите на распонот и да речеме „о, да, овде има 7,5 проценти љубомора, значи тука има љубов“. Некои други, пак, велат дека каде што отсуствува љубовта, таму имало огромно количество љубомора, кое наводно било последица природна на отсуството на љубов. Како, пак, сега да докажеме дека нема љубов таму каде што има така повеќе љубомора - е, таков шублер немаме, повторно ни недостига мерка, инструмент, критериум. Трети од нас, пак, велат дека љубомората се должи на некаква внатрешна ментална патологија итн. Можам со дигнитет и без страв од осуда да крикнам, сето ова нема врска. Прво, таму каде што има љубов никако, ни под разно нема љубомора. Зошто?! Затоа што присуството на љубов подразбира почитување на слободата на другиот, земање предвид на неговите потреби, желби, граници. Да љубиш некого, тоа значи да почитуваш, да ослободуваш, оставаш. Знаете, колку повеќе го стискаме нештото в рака, толку повеќе тоа ни се лизга. Колку повеќе се трудиме да задржиме, толку повеќе губиме, стегам ли, тоа што е стегнато сака да се ослободи. Од друга страна, љубомората е оспорување на туѓата слобода, наметнување свои правила, желби, потреби, ограничување во секоја смисла.
Да бидеш љубоморен значи да контролираш, да не си сигурен во можноста да оставиш некого по свое, сам. Таа значи недоверба, страв и ужас, несигурност во себеси, поради што за ништо на овој свет не би му верувал на некој друго. Да бидеш љубоморен значи да стегаш, завртуваш, проверуваш и никогаш да не бидеш сигурен дека тоа е доволно. Ете зошто љубомората е маќеа на љубовта. Воспитувањето на љубовта од некој што не ја родил и не ја узнава, згора на тоа е составен од спротивностите на нејзините сотворувачки елементи, секако дека не ќе создаде вистински ослободувачки пород на заемната доверба наречена љубов, љубење. Од друг агол, пак, љубомората со сета своја недоветна сенилност за сторените недела е родена сестра на несигурноста, онаа личната, на љубоморникот. Таа несигурност нема никаква врска со адресата на која е наменета, онаа на љубоморуваниот. Несигурноста е во сушноста на оној што има потреба од употреба на љубомората заради затскривање на својата разнишана основа, тоа е проекција од најлош вид, згора на тоа и несвесна. Оттука доаѓа фактот што речиси никој не се „излечил“ од неа, оти напросто оној што ја поседува не ја препознава и, следствено, не ја признава. И згора на сето, љубоморникот е „морен“ од своите потреби да потклекне пред искушението што не го гледа кај себе туку кај оној кому му е љубоморен. Пазете, зборот е составен од љубов и мора = кошмарно да оптовариш нечија туѓа егзистенција, да замориш, да ограничиш и застрашиш, наводно поради љубов?!
И на крајот, ах, да, таа е посестрима на недоволноста, на душевната празнина така несмасно пополнувана со туѓите животи и контролата на тие животи. Знаете, кој нема свое го посакува туѓото, оти само така ќе биде едно цело.
Заклучок: Љубомората нема врска со љубовта.
Наравоучение: Ако можете, љубете без оптоварување, ако не, вие не сте за тоа, најдете си друг спорт и оставете ги другите мирно да спијат!
Авторот е психолог
Автор: Мирослав Пендароски
Извор: Нова Македонија