Мајките на денешницата
Пресвета Богородице, Мајката Божја, беше исполнета со благодет и секакви добродетели. Скрушена, длабока во словото, умно мудра, не многу глаголива, скромна. По образец нејзин, сите мајки би требало да се обидат да ја извршуваат својата света должност – да бидат мајки и да ги негуваат овие добродетели.
Да се биде мајка, што значи тоа?
Да се дадеш со целото свое битие, да воспитуваш, да утешуваш, да сакаш со сета силина. Да ги издржуваш ударите и притоа да не се гневиш, да го сочуваш мирот во душата. Да имаш топол збор кога твоите деца ќе те разочараат, да бидеш нивна поддршка кога се слаби, да бидеш нивен чувар кога се болни или немоќни.
Да, таква би била мајката во чија личност се утврдиле вистинските христијански вредности.
Каде отидоа овие мајки?
Се изгубија во вртлогот на пребрзото секојдневие. Останаа малубројни оние кои покрај секојдневните обврски, наоѓаат време за своите деца, за домот и понекогаш да го посетат Божјиот храм. Поголемиот дел од современите мајки имаат недостиг на време, па дури и за своите деца! Заборавија да бидат мајки.
Гледам и се чудам!
Мајки, донеле рожби на свет и ги откинале од себе. Бебињата не се дојат затоа што тоа пречи на физичкиот изглед, а и кога мајката сака да се напие по некоја чашка алкохол со пријателите. Колку е само посебна таа врска која се воспоставува меѓу мајката и новороденото дете, а некој заради свој личен каприц им ја ускратува. Тоа значи свесно да се оттргнеш од своето поколение, од својата рожба.
Потоа следи ...
Бабите ги чуваат, хранат, воспитуваат. Мајките се презафатени со одење на кафе со пријателките – ако го земат своето дете со себе нема да можат на мира да разговараат. Треба да се појде на педикир, масажа, аеробик, зумба – зошто мора да се оддржуваат во форма. Децата повторно се со бабите. Треба да се оди на шопинг, но никако со своите деца затоа што ќе трчаат и растураат по продавниците. Кога пријателките ќе ги повикаат на роденденските забави на своите деца, малку се оние мајки кои со себе ќе ги понесат и своите деца во игротеките – место определено за нив. А зошто? Треба да се оди на високи потпетици и максимално средени а така не сте во можност да трчкате по разиграните дечиња. Ако случајно ги однесете со себа малите палавковци облечени по најнова мода, никако не смејат да јадат и пијат сами затоа што ќе се извалкаат а облеката и обувките се познат бренд. И тогаш се случува канонада од обвинувања, хистерични извици и употреба на физичка казна од страна на современата мајка. И така, раснат без љубов, без темел на првото воспитување, без пример за уподобување со добредетели. Без мајка која незнае да биде столб на воспитувањето, на вистината, на љубовта – децата израснуваат во ладни човечки битија, без љубов, без топлина, без знаење за морал и вера во Бога.
Мајки размислете, која е ваша поважна должност:
- Да бидете еманципирана жена со сите нишани и да одгледате поколенија кои никогаш нема да ја спознаат вистинската смисла на постоењето или
- Да бидете скромна мајка, за која рожбата е дар од Бога, која треба да се одгледува и негува со љубов, да се заштитува, да бидете нејзин ангел чувар и истовремено да наоѓате баланс за сѐ во животот, зошто Бог ќе и даде сили и разум.
Можете да бидете доктори на науки, модерни жени на денешницата кои не пропуштиле ниту едно кафе со пријателите, но времето да бидете мајки не можете да го вратите! Ќе го изгубите најскапоценото – ќе ги изгубите вашите деца. Преиспитајте се и запрашајте самите себе: дали имаме барем една добродетел од оние кои ги поседуваше Пресветата Мајка Божја – одговорот е во самите нас.
Оливера Трајковска
21-ви август, лето Господово 2014