За мајката на добродетелите – светата и блажена молитва (21.01.2015)
Молитвата е сопостоење и единство на човекот со Бог. Според своето дејство таа ја одржува вселената, претставува помирување со Бог, мајка е на солзите и нивна ќерка во исто време, милост за гревовите, мост благодарение на кој се поминува преку искушенијата, штит на градите кој чува од секоја мака, разбивање на демонските сили, служба на ангелите, храна на сите бестелесни, идна веселба, бесконечен подвиг, извор на добродетелите, причина за благодатните дарови, невидливо напредување, храна за душата, просветлување на умот, секира за очајот, потврда за надежта, ослободување од тагата, богатство на монасите, ризница за безмолвниците, намалување на гревот, огледало на духовниот напредок, откривач на духовната состојба, предизвикувач на идните богатства, предзнак за вечната слава. За оној што вистински се моли, молитвата е Господов суд, судење пред Неговиот престол пред Страшниот суд.
Ако целиот се облечеш во кроткост и не се гневиш, нема уште многу да се помачиш за својот ум да го ослободиш од ропството. Додека не ја здобиеме вистинската молитва, ние личиме на оние кои децата ги учат да одат (односно треба нашиот ум да го исправаме и подигаме во молитвата, кога тој се двои од Бог, сѐ додека не се зацврсти). Бори се да ја врзеш својата мисла со зборовите на молитвата, или подобро – да ја заклучиш во нив. И ако се случи и покрај својата детска слабост твојата мисла да се измори и да падне, повторно врати ја на зборовите од молитвата. Непостојаноста е својствена за човековиот ум. Но, Оној Кој може да зацврсти сѐ, може и нашиот ум да го направи постојан. Ако трудољубиво се подвизуваш, кај тебе ќе дојде Оној Кој ги одредува границите на морето на човековиот ум, и ќе му рече во твојата молитва: „Ќе дојдеш до овде и понатаму нема да поминеш“.
Ако некогаш си можел да погледнеш во Сонцето, ќе можеш и со Бог да разговараш онака како што треба. Но како ќе можеш да го употребеш вистинскиот збор во разговорот со Оној Кој не си го видел?
Почетокот на молитвата се содржи во тоа помислите кои доаѓаат, во истиот миг кога се појавуваат, да се одбијат со кратки зборови. Средината е во тоа умот да биде само во она што преку молитвата се кажува или мисли. Совршенството во молитвата е грабнување на умот (кон Господ).
Немој да кажеш дека ништо не си здобил, ако во молитвата поминуваш доволно време а не гледаш никаков плод. Добивката е во тоа што веќе се молиш. Какво поголемо богатство би ти требало од она да се припиеш до Господ и непрестајно да живееш во единство со Него?
Она што е здобиено преку молитвите во текот на многу години, останува трајно.
Оној што Го здобил Господ, веќе нема да се труди околу молитвата. Тогаш Духот се моли за него, во него, со неискажливи воздишки (Рим. 8, 26).
Свети Јован Лествичник