ЗА ДВАТА ВИДА ПРЕЛЕСТ
I вид
Покајанието, скрушеноста на духот и плачот се знаци и сведоштво за правилноста на молитвениот подвиг. Нивното отсуство е знак за скршнување во лажна насока, знак за самозаблуда, прелест или бесплодност.
Или едното или другото, т.е. или прелеста или бесплодноста, неизбежно следат после неправилното извршување на молитвата, а неправилното извршување на молитвата е неразделно поврзано со самоизмама.
Најопасниот неправилен начин на молитва се состои во тоа кога оној што се моли сочинува со силата на своето вообразување мечти и слики, преземајќи ги на изглед од Светото Писмо, а всушност ги зема од сопствената состојба, од својот пад, од својата самозаблуда и со таквите слики ѝ ласка на својата самоувереност, на својата суета, на своето високоумие, својата гордост, лажејќи се себеси.
Очигледно дека сè што создава мечтаењето на нашата падната природа, изопачена заради падот, не постои навистина во стварноста, туку постојат измислици и лаги, толку својствени, толку омилени на паднатиот ангел.
Мечтателот, уште од првиот чекор на молитвениот пат, излегува од областа на вистината, стапувајќи во областа на лагата, на сатаната, потчинувајќи се своеволно на влијанието на сатаната.
Свети Симеон Нов Богослов вака ја опишува молитвата на мечтателот и плодовите од неа:
” Тој ги подига кон небото рацете, очите и умот – вообразува во својот ум – слично на Клопшток и Милтон – Божествени заседанија, небесни блага, чинови на свети ангели,
населби на свети, накратко, собира во својата вообразба сè што слушнал од Светото Писмо,
го разгледува сето тоа за време на молитвата, вѕира во небото и така ја побудува својата душа на желба и љубов кон Бога, понекогаш дури пролива солзи и плаче.
На тој начин, постепено, неговото срце почнува да се фали, без да има свест за тоа. Тој мисли дека тоа што го прави е плод на Божествена благодат, дадена заради негова утеха и Го моли Бога да го удостои да пребива во такво духовно делување засекогаш.
Тоа е знак на прелест.
Таквиот човек, ако и безмолствува во совршено безмолвие, не може а да не се подложи на избезуменост и лудило.
Ако пак и не се случи тоа, сепак, тој никогаш нема да достигне до духовен разум и добродетел или до бестрастие. На тој начин се опрелестуваат оние кои виделе светло и блескот со телесни очи, оние кои осетиле прекрасно благоухание со сетилото за мирис, кои слушнале гласови со сопствените уши.
Некои од нив станале бесни и избезумено талкале од место до место.
Другите, примајќи го бесот преобразен во ангел светол, се опрелестиле и останале непоправливи до крајот на животот, без да примаат совет од било кој близок брат.
Некои пак, поучени од ѓаволот, се убиле сами себе - едни се фрлиле в бездна, други се удавиле. Кој ли само може да ги преброи различните прелести на ѓаволот, кои не можат дури ни да се искажат со збор?
Впрочем, од она што го кажавме, секој разумен човек може да научи каква штета произлегува од таквиот начин на молење. Ако пак некој, што на истиот начин ја употребува молитвата, не се најде во ни една од гореизречените беди, заради живеењето во заедница со други браќа, зашто на таква беда се изложени најповеќе отшелниците кои живеат сами, таквиот, сиот свој живот го води безуспешно.* (За првиот начин на внимание и молитва, Добротољубие,том 1)
Сите свети Отци, опишувајќи го подвигот на умна молитва, не само што забрануваат произволно мечтаење, туку и забрануваат да се приклонува волјата и сочувството наше кон мечти и привиденија, кои можат да ни се претстават неочекувано, независно од нашата волја. И тоа се случува при молитвениот подвиг, особено во безмолвие.
II ВИД
На слична беда се подложуваат и подвижниците на молитвата, кои го истерале од својот подвиг покајанието и присилувајќи се да разбудат во срцето љубов кон Бога,
присилувајќи се да чувствуваат наслада и воодушевување, го развиваат својот пад, стануваат туѓи на Бога, стапуваат во општење со сатаната, се заразуваат со омраза кон Светиот Дух. Таквиот вид прелест е ужасен: тој е подеднакво душегубен како и првиот, но не е толку очигледен.
Исто така, тој ретко завршува со лудило и самоубиство, но потполно го развратува умот и срцето. Според состојбата на умот што ја произведува, Отците го нарекоа мнение.*( Преподобен Григориј Синаит, Слово 108, 128, Доброротољубие, том 1.Свети Јован Карпатски, гл.49, Добротољубие, том 4)
На тој вид прелест укажува свети Апостол Павле кога вели:
Никој своеволно да не ве мами со смиреномудреност и служење на ангелите, впуштајќи се во она, што не го видел, гордеејќи се залудно со својот телесен ум.*(Колос. 2,18)
Опседнатиот со таква прелест мисли за себе, создал за себе “мнение” дека тој има многу добродетели и достоинства, па дури и дека обилува со дарови на Светиот Дух.
Мнението се состои од лажни поими и чувства. Според тоа свое својство, мнението целосно ѝ припаѓа на областа во која господари таткото и претставителот на лагата, ѓаволот.
Оној кој се моли, стремејќи се да ги открие во срцето чувствата на новиот човек и немајќи за тоа никаква можност, ги заменува тие чувства со лажните чувства на она што сам го создал, а кон кое веднаш се придружува и дејството на паднатите духови.
Признавајќи ги неправилните чувства, и свои и бесовски, за вистински и благодатни, тој добива и соодветни поими за тие чувства. Таквите чувства, што срцето постојано ги усвојува и кои се закрепнуваат во него, ги хранат и умножуваат лажните поими.
Природно е дека од таквиот неправилен подвиг се образуваат самоизмамата и бесовската прелест познати како “мнение”.
“Мнението не дозволува за него да се мисли”,*(Слово 4, на крајот, исто, Слово 3) кажал Свети Симеон Нов Богослов.
Оној што мисли за себе дека е бестрасен, никогаш нема да се очисти од страстите.
Оној кој за себе мисли дека е исполнет со благодат, никогаш нема да добие благодат.
Оној кој мисли дека е свет, никогаш нема да достигне светост. Едноставно речено:
оној кој си препишува духовни дела, добродетели, достоинства, благодатни дарови, оној кој си ласка себеси со “мнение”, им го заградува со тоа свое мнение влезот во себе и на духовните делувања и на христијанските добродетели и на Божествената благодат и така широко им го открива влезот на гревовната зараза и на демоните. Кај заразените со мнение веќе нема никаква способност за духовен напредок.
Тие ја уништиле таа способност, принесувајќи ги на олтарот на лагата самите начела на човековото делување и на човековото спасение, поимите за вистината.
Кај разболените од ваква прелест се јавува необична гордост.
Тие како да се опиени од себе, од својата состојба на самоизмаменост, гледајќи во неа благодатна состојба.
Тие се самодоволни, преполни со високоумие и гордост и изгледаат смирени за мнозинството, кои судат според лицето и не можат да оценуваат по плодовите, како што заповедал Спасителот,* (Мат. 7,16, 12,33) а уште помалку според духовното чувство, кое го спомнува Спасителот.*(Евр. 5,14)
Пророк Исаија живописно го изобразил дејството на прелеста на “мнението” во паднатиот ангел:
А во срцето свое си велеше: - му вели Пророкот на сатаната - ќе се искачам на небото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди и ќе седнам на гората во соборот на боговите, на крајот на северот; ќе се искачам до висините на облаците, ќе бидам сличен на Севишниот. Но ти си соборен во пеколот, во дното на адот*(Исаија 15,13,14,15).
Заразениот со “ мнение” Господ вака го изобличува: Оти велиш:
‘Богат сум, и се збогатив, и ништо не ми треба, а не знаеш дека си беден и проколнат, сиромав, слеп и гол.*(Откр. 3,17)
Господ го советува опрелестениот на покајание и му предлага да ги купи неопходните нешта од кои се состои покајанието од никој друг туку од самиот Господ.* (Откр. 3,18)
Тука купувањето е нужно и без него нема спасение. Нема спасение без покајание, а покајание од Бога примаат само оние кои за да го добијат ќе го продадат сиот свој имот, т.е. ќе се одречат од сè што лажно стекнале со “мнението”.
Ученикот: Ти се случило ли да се сретнеш со заразени од овој вид прелест?
Старецот: Заразените од прелеста на “мнението” се сретнуваат многу често. Секој кој нема сокрушен дух, кој си придава себеси секакви достоинства и заслуги, секој кој не држи непоколебливо до учењето на Православната Црква, туку за некој догмат или предание расудува своеволно, според свој наод или по некое друго учење, се наоѓа во таа прелест.
По степенот на отстапувањето и упорноста во отстапништвото се определува и степенот на прелеста.
Колку е немоќен човекот!
Како незабележливо се вкрадува во нас “мнение” во секој можен вид и го потхранува нашето јас оддалечувајќи ја благодатта Божја од нас.
Бидејќи нема, според забелешките на Макариј Велики, ниеден човек кој би бил совршено слободен од гордост,
така нема ниеден човек кој би бил совршено слободен од дејството што го има врз него префинетата прелест наречена “мнение”.
Таа го напаѓала и апостол Павле, а се лечи само со допуштање на тешкотии од страна на Бога. Браќа , не сакаме да ја затаиме маката, што ни се случи во Азија; бидејќи бевме оптоварени многу, дури и преку нашите сили, ние не се надевавме живи да останеме. Туку сами во себеси ја носевме смртната пресуда, за да не се надеваме на себеси, а на Бога, Кој ги воскреснува мртвите.” (2 Кор. 1,8,9)
Затоа сме должни будно да се следиме самите себе, за да не си припишеме себеси некое добро дело, некоја пофална особина или особена природна способност, дури и благодатна состојба, доколку е човек воздигнат до неа, накратко, за да не си припишуваме самите себеси никакви достоинства.
Што имаш - вели Апостолот – што не си добил од Бога?*(1 Кор. 4,7) Од Бога имаме и битие, и пакибитие* (повторно битисување преку крштевањето), и сите природни својства, сите способности, и духовни и телесни.
Ние сме должници на Бога! Нашиот долг е неотплатлив!
Од ваквиот поглед на самиот себе се образува сама по себе таква состојба на нашиот дух која е спротивна на “мнението”, состојба која Господ ја нарекол сиромаштво на духот, што ни заповедал да го имаме за блаженство.*(Матеј 5,3)
Голема несреќа е за човекот да отстапи од догматското и етичкото учење на Црквата, од учењето на Светиот Дух, заради некакво мудрување! Тоа е – превознесување што се крева против познавањето на Бога. Таквиот разум треба да се собори и да се покорува за да му биде покорен на Христа.* (2Кор. 10,4,5)
Ученикот: Има ли било каква врска меѓу прелеста од првиот вид и прелеста од вториот вид?
Старецот: Секако дека постои врска меѓу овие два вида прелести. Првиот вид прелест е секогаш соединет со прелеста од вториот вид, со “мнението”.
Оној кој сочинува лажни воообразби со природните способности на вообразување и кој со помош на својата мечтателност ги соединува тие вообразби во восхитувачка слика, потчинувајќи го сето свое битие на заводливото, моќно влијание на таа слика, неизоставно, по неволна неопходност, смета дека таа слика настанува од божествената благодат, дека срдечните чувства, разбудени со сликата, се чувства благодатни.
Другиот вид прелест – имено “мнението” - дејствува без составување на лажни, заводливи слики.
Тоа се задоволува со сочинување на лажни благодатни чувства и состојби, од кои се изродува лажен, погрешен поим за сиот духовен подвиг воопшто. Оној кој се наоѓа во прелест на “мнение” стекнува лажен поглед за сè што го окружува. Тој е измамен и внатре во себе и надвор од себе. Вообразбата силно дејствува во измамените од “мнение”, но дејствува исклучително во областа на апстрактното.
Таа или воопшто не се занимава, или ретко се занимава со вообразување на рајот, на небесните пребивалишта и дворци, небесната светлост и прекрасното благоухание на Христос, ангелите и светите.
Таа постојано сочинува измислени духовни состојби како тесна блискост со Исус,*(“Подражување” од Тома Кемпијски, Книга 2 гл. внатрешна беседа со него,*(исто, кн. 3, гл.1) таинствени откровенија, гласови, наслади, ѕида на нив лажен поим за себе и за христијанскиот подвиг, создава лажен вид на мисли
и лажно настроение на срцето воопшто, што го доведува човекот до опиеност од себе или до распламтеност и воодушевување.
Тие разнообразни чувства се јавуваат под дејство на префинета суета и сладострастие. Од таквото дејство крвта добива гревовно, лажно придвижување што изгледа како благодатна наслада.
Суетата пак и сладострастието се будат со високоумие, тој неразделен сопатник на “мнението”. Ужасна гордост, слична на гордоста на демоните, претставува владеачка особина на оние кои ја усвоиле во себе едната или другата прелест.
Измамените од првиот вид прелест, гордоста ги доведува во состојба на очигледна избезуменост. Кај измамените од вториот вид таа, исто, доведувајќи до повреда на умот, што во Светото Писмо се нарекува изопаченост на умот,* (2 Тим.3,8) помалку е забележлива, се скрива зад маската на смирение, набожност, мудрост, а се препознава по своите горчливи плодови.
Заразените со “мнение”, заради своите достоинсва, а особено заради својата светост, способни се и спремни на сите подлости, на секое лицемерие, лукавство и измама, на сите злодела.
Тие дишат со непомирливо непријателство против служителите на вистината, со бесна омраза се устремуваат на нив тогаш кога овие не им ги признаваат ним оние состојби што сами си ги припишуваат и со своето “мнение” му ги изнесуваат на заслепениот свет.
Свети Игнатиј Брјанчанинов
М.Г.