
Постојат мали гревови кои умот речиси и не ги забележува.
Еден избрзан суд за некого, горчлив збор кажан без размислување, незадоволство што тивко го храниме од ден на ден, непроштавање што долго го чуваме во срцето. Изгледаат безначајни токму затоа што не создаваат голема врева. Но душата ги памети сите, а она што денес изгледа мало, утре може да стане тежок товар.
Никој не се оддалечува од светлината со еден голем чекор. Најчесто тоа се случува преку многу мали избори што постојано ги повторуваме и речиси не ги забележуваме. Кога срцето ќе се навикне на раздразливост, на осудување, на рамнодушност кон ближниот, полека ја губи чувствителноста за доброто. Човекот повеќе не гледа што се случува во него и почнува да мисли дека сѐ е во ред.
Но овие состојби не остануваат затворени само во нашата душа. Тие се прелеваат и врз луѓето околу нас. Немирот од срцето станува немир во домот. Гневот се шири преку зборовите. Недостигот на мир во нас создава недостиг на мир и во односите со другите. Често нашите најблиски ги носат последиците од борби што ниту ги разбираат, ниту ги гледаат.
И умот постепено се замрачува. Мислите стануваат потешки, трпението се намалува, а радоста побрзо згаснува. Не затоа што Бог казнува, туку затоа што сѐ што го храниме во душата со време почнува да дава плод според својата природа. Малите семиња, ако долго останат, носат големи последици.
Затоа е толку важно да внимаваме на малите нешта. Исцелувањето започнува тогаш кога човекот ќе се осмели искрено да погледне во своето срце, да го признае она што се насобрало и да го принесе пред Бога. Зашто светлината влегува таму каде што вистината повеќе не се крие
Мајка Силуана


























