† СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ДУХОВНИ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
ПО ПОВОД БОЖИКНИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА,
ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО РАДОСНИОТ И
ТОРЖЕСТВЕН ПОЗДРАВ -
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Дева денес Го раѓа Предвечниот:
земјата, на Непристапниот,
пештера Му принесува,
ангелите со пастирите славословуваат,
а мудреците со ѕвездата патуваат.
Зашто, заради нас, се роди
Дете младо - Предвечниот Бог.
(Кондак на Рождество Христово)
Возљубени чеда во Господа,
Доаѓањето на Спасителот на земјата беше ветено од Бога, а потоа најавувано од старозаветните праотци и пророци. Тие точно претскажаа кога и како ќе дојде Месијата, ја навестија возвишената тајна на Рождеството Христово, објавувајќи дека Спасителот ќе се роди од Девојка: „Затоа Самиот Господ ќе ви даде доказ: ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Емануил” (Исаија 7, 14).
Бог стана човек за спасение на сите луѓе. И не само тоа, туку со Христовото раѓање се удостоивме да бидеме вистински наследници и на мирот и вечниот живот - подарени од Царот на мирот и Изворот на животот - од Господ Христос. А тој мир не е мир од овој свет, туку Мир Божји, преку кој сме измирени со Бога и еден со друг.
Света Дева Марија беше промислена од Бога да го исполни вечниот план Божји за спасение на човечкиот род. А, таквиот Божји план е над секое човечко разбирање и сфаќање. Оти, како е можно да се објасни тоа Девојка да роди и како да се објасни тоа да се роди Оној Кој е над секое создание, Оној Кој постои од вечност? Како да се објасни тоа дека Создателот на сѐ прифати да биде роден од утробата на своето создание?
Преку Света Дева Марија човештвото Му ја понуди утробата, а земјата Го прими Бога да биде роден во нејзините пазуви - во пештерата. И така сиот свет и целата вселена се вклучија во Божјиот план за спасението на човечкиот род.
Богомладенецот, Тој вистински Бог, Кој постои пред вечноста, заради нашето спасение, се роди како „младо Дете”. Синот Божји дојде на земјата зашто човекот беше слаб да се спаси себе си и немоќен да ја прекине врската со злото. Со Христовото раѓање човечката природа е обновена и вратена во нејзината првобитна состојба, бивајќи така подобна на Бога. Она што дотогаш беше незапирливо пропаѓање и осуденост на смрт, односно последица на нашето оддалечување од Бога, доби ново значење. Се создаде нешто ново и дотогаш непознато - преку овоплотување на Словото човекот се ослободи од незапирливото пропаѓање и смртта и стана наследник на вечното постоење.
Возљубени поклоници пред Богомладенецот,
Каква тајна се крие во Божјиот план за спасение на човекот!? Да Му се обезбеди место за сместување на Оној на Кого целата вселена Му е пребивалиште и, во исто време, колку голема чест и внимание му се дадени на човекот!? Во тоа е тајната на единството на човештвото, тајната во односот на човекот со Бога, Кој „земајќи лик на слуга се изедначи со луѓето и по изглед се покажа како човек” (Фил. 2, 6-7). Така се потврди она дека невозможно за човекот, е возможно за Бога.
Возљубени Христољупци,
Први радосници за спасоносната вест не беа царевите ниту, пак, било кои други првенци од овој свет, туку обичните пастири од околината на Витлеем. Тие први Му оддадоа слава на Бога за тоа што Го испрати Својот Единороден Син во светот. Тие беа првите приматели на радосната вест на коишто ангелот им објави за раѓањето на Божјиот Младенец: „Не плашете се: Еве ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе, зашто денеска ви се роди во градот Давидов, Спасител, Кој е Господ Христос” (Лука 2, 10-11). Тие ја слушнаа ангелската песна: „Слава на Бога во височините, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја” (Лука 2, 14). Песна - со која сета вселена го прослави доаѓањето на Бога на земјата, песна со која вечно ќе се прославува спасоносното Божјо дело.
Ете таа чест, со која беа удостоени пастирите, ги направи сведоци на радосната вест дека Господ испрати Спасител. Ним, во тоа рано Витлеемско утро, им се придружија и мудреците кои, водени и осветлени од ѕвездата, со свои очи Го видоа ветениот Спасител. Оние што ги почитуваа ѕвездите „преку ѕвездата го научија патот за да Му се поклонуваат на Сонцето на Правдата”. А, патот на мудреците стана пат за сите оние кои сакаат да Го откријат вистинскиот Бог.
Возљубени празникољупци,
Чествувајќи го Божик - Рождеството Христово, се потсетуваме и на тоа дека човештвото преку овој спасоносен настан повторно стана заедница, повторно стана едно семејство со Бога. Прославувајќи го Богораѓањето, го празнуваме заедништвото на човекот со Бога. Оттаму Божик е и домашен празник. Не случајно се вели: „Пред Божик - по Божик, каде и да си - дома да си!” Тоа значи - заедно со своите најблиски да го чествуваме Најблискиот на нашто семејство и на сето човештво. А семејството е богоблагословена заедница, од Адама и Ева, па до секој брак во минатото до денес. Дадениот благослов: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата и господарете над неа...” (3. Мој. 1, 28), е благослов за сите, па и за нашата генерација. За жал, ние денес станавме нација без доволен подмладок. Податоците говорат дека не се запазува ни природната рамномерност и дека меѓу нашиот народ има повеќе умирања од раѓања. Ако некогаш во минатото црната чума ни беше најголемиот непријател, денес тоа е белата чума, односно неизвршувањето на заповедта Божја и родителската должност - раѓањето деца. Затоа, и на овој свет и спасоносен ден, им порачуваме на сите млади брачници - дарувајте рожби, дарувајте радост, дарувајте младост за својот народ: уште по едно, уште по две и три рожби во нашите семејства, рожби што ќе значат надеж и иднина за нашиот народ. Децата се најголемото богатство што можеме да им го даруваме на Татковината и на Светата Црква, зашто тие се благослов и наследство од Господа и плодот е Негов дар (сп: Пс. 126, 3). Но не само тоа, туку семејството било и останува основа на секое општество, а преку благословот на светата тајна брак - тоа станува мала црква. Оттаму и обврската - родителите да се грижат за децата, да ги чуваат и воспитуваат и од нив да создаваат полезни членови за општеството и за Црквата, а децата да бидат добри и да им благодарат и да ги благословуваат своите родители (Изреки 30, 11).
Возљубени духовни чеда на Македонската православна црква,
Во 2008-та се навршуваат 50 години од историскиот Црковно-народен собор одржан во Охрид, од 4 до 6 октомври 1958-та, кога беше обновена Охридската архиепископија како Македонска православна црква. Соборската одлука беше круна на сите обиди да се обнови Охридската архиепископија, неканонски укината во 1767 година.
Обновената македонска држава на дел од македонската земја даде можност да се обнови и славната охридска светиклиментова столица, на која, по еднодушниот избор на соборјаните, беше востоличен блажениот Доситеј, како прв поглавар на Македонската православна црква. Таа далекувидност на соборјаните, во октомври 1958 година, беше основа и при изгласувањето на Одлуката за возобновување и на автокефалноста на нашата Света Црква, на Соборот во 1967 година.
Потсетувајќи се на историскиот настан од пред 50 години, да се поучиме на решителноста на соборјаните и сите коишто копнееја за духовна и црковна слобода на македонскиот народ, за да можеме достоинствено да го чуваме и надградуваме нивното свето дело.
Со радоста што се раѓа од радоста дарувана на сиот свет, со Рождеството Христово, да се радуваме и да го славиме и Божик и сите претстојни празници и денови.
Честито и благословено Новото Лето Господово!
ХРИСТОС СЕ РОДИ! - НАВИСТИНА СЕ РОДИ!
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
† СТЕФАН
ЧЛЕНОВИ НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД:
† КИРИЛ, Митрополит Полошко-кумановски
† ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски и
администратор Австралиско-новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско-кичевски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско-канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ГОРАЗД, Поранешен Митрополит Европски
† КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски
На Божик, 2008 Лето Господово
Посети:{moshits}