Една од најголемите закани е дека ќе заборавиме да љубиме, да се споделуваме со другиот, вели владиката Климент
ПРИЛЕП - Хераклејски Климент, актуелен секретар на Светиот архиерејски синод на МПЦ, во екот на подготовките за големиот ден на Христовото раѓање - Божик, како и секогаш смирен, љубезен, продуховен и одмерен, но радосен поради тоа што последниве години се интензивира односот спрема верата, поради тоа што длабоко и искрено, како што вели, се враќа системот на вредности, воспоставен од вековната духовност на овие простори.
„Човекот на овие простори и во овој историски контекст мора постојано да го става на тест својот идентитет, во неговата етичка димензија, како етос пред се'. Таквото сознание мислам дека спонтано ги донесе луѓето повторно кон референцата на ова што облагородува и она што задолжува - кон верата. Соочувањето со верските кодекси подразбира развивање на императивот на личноста и на заедницата, на трудољубивоста, на чувството за одговорност, есенцијални вредности без кои не може да се гради стабилен општествен амбиент. Црквата може да ги даде насоките за вистинскиот пат кон восприемање на тие вредности. Луѓето го чувствуваат ова и поради тоа се враќаат ’дома’“,вели владиката Климент.
Според него, чувството на празнина и недостигот од многу нешта, како и постојаниот копнеж по изобилство, се резултат на самиот пазарен контекст, кој не' осиромашува, кој создава привид на симулирани потреби.
„Една од најголемите закани е дека ќе заборавиме да љубиме, да се споделуваме со другиот, да вложиме напор да ги препознаеме своите разлики и сличности, своите доблести и мани преку другиот. Да се љуби и да му се биде предаден на ближниот е голем подвиг и жртва. Само аскетскиот и евхаристиски етос може да ја пополни откриената празнина“, вели владиката Климент и додава:
„Раѓањето е божествен атрибут. Затоа денес, кога го славиме денот на раѓањето на Богомладенецот, да не го заборавиме раѓањето на децата како голем дар од Бога даден на човекот. Како народ заборавивме на најелементарното, а тоа е раѓањето. Во Рајот одат сите оние кои духовно и телесно раѓаат. Оние на кои им е врзана утробата, нека не премалуваат, туку нека почнат да им се радуваат на усвоените чеда, кои ја очекуваат нивната родителска љубов и топлина“, порача духовникот.
И годинава по традиција за Божик владиката Климент ќе служи литургија во градскиот манастир „Архангел Михаил“ во Варош, во присуство на многу верници.
За манастирите Зрзе, Варош и Трескавец се грижат 12 монаси и монахињи кои ја започнуваат втората декада од монашкиот живот, раснат во зрели духовни профили на личности кои, вели отецот, преземаат нови потфати. Најновиот предизвик на монасите во Зрзе е возобновувањето на манастирот „Свети Никола“ во прилепско Мариово, кој е под раководство на игуменот Никола.
Перспективите на пелагониските манастири владиката Климент ги гледа во продлабоченото и, според него, уште поголемо зближување со верниот народ, пред се', со младиот човек од ова поднебје, во негување на воспоставената соработка со локалните власти и надлежните институции за заштита на културното наследство, но и искористување на природните ресурси.
Манастирот во Зрзе е препознатлив по антологиските чудотворни икони на Христос Животодавецот и Спасител и иконата на Богородица Пелагонитиса. Во манастирот во Варош е впечатлива националната архитектура на конаците, сраснатата градба со карпите, фрескопортретите на кралот Марко и неговиот татко Волкашин, како и чудотворниот извор во манастирскиот двор опишан од Марко Цепенков.
Манастирот Трескавец со фрескоживопис од 14 век има маркантна местоположба на чудесниот Златоврв на 1.400 мeтри надморска височина, а култот на чудотворната сила на Богородица е особено почитуван од прилепчани - вели владиката, посочувајќи на посебностите на трите прилепски манастири.
А за кусо време трите прилепски манастири ќе станат значајна дестинација на туристичката карта на Македонија. „Со изградба на туристичката патека во населбата Варош, евидентна е зголемена посетеност на варошките цркви и манастирот, каде што постои ателје за иконопис, а во зародок е исто таква работилница во манастирот во Зрзе, каде што еден од браќата веќе се занимава со графички дизајн. Манастирот Трескавец е најатрактивен за домашните и странските туристи кои доаѓаат дури од Азија и од Австралија. Во Трескавец некако неочекувано и непредвидливо, спонтано се појави практика за терапија на млади луѓе кои имаат проблеми со болестите на зависност и врз основа на монашкото правило ора ет лабора се постигнуваат видливи резултати“, рече владиката Климент.
Моника Талеска -Утрински весник
{moshits}