Неколку препораки за трагачите по Божјата честичка
Да се бара во светлина, не во мрак.
Кога на патот на барањето ќе дојде до средба со човечката прашина (или човековиот прав), мора да се има своја лична методологија на правење разлика помеѓу само човечко, само божјо и нивната комбинација, т.е. честичката на богочовечност...
Секогаш да е присутно сеќавањето дека физиката во почетокот била теологија и дека Словото било во Бог, и дека сите метафизички апетити се дрвјата од кои не се гледа шумата.
Нека ни е на помош Севишниот, и ќе пронајдеме еден куп честички. Но таквиот куп, мноштвото, како ќе го наречеме, и како ќе го видиме? Ако само посака Бог, ќе видиме сè што треба да се види, без помагала и инструменти. Видението доаѓа однатре, се гледа суштината, се согледува средиштето и оваа глетка станува еквивалент на сепрожемачката убавина на битието. Само да се гледа.
Кој е Човекот, и зошто Бог? Овие прашања се ѕвезди водилки, своевиден микроскоп за гледање навнатре и своевиден телескоп за гледање кон најдалечната далечина којашто заради непрекинатото оддалечување не може да се измери и цифрата за плус и минус бесконечност е всушност симбол за поставувањето граници за со нив да се означи безграничноста на сè.
Нема потреба да се бара подалеку од Звукот. Но увото многу често знае да биде пречка, од обична, до најсофистицирана. Третото уво е добар изговор да се биде глув за да може да се чуе.
Трепетот, потреперувањето, мигот, сонот, сенката, привидот, конечноста, сите варијанти за умот кој, бидејќи самиот уловен, како ќе лови? Евентуално Луѓе ослободувајќи ги од космичката прашина на заменските облици на повисокото Јас? Луѓе, во секој случај.
Именката Бог нема множина, затоа да не се трага по честици, туку по Оној кој е едно во сè.
Тоа „сè“ нека не биде камуфлажа на празниот простор.
Планетата Земја нека не биде граница, особено не тежината, бидејќи во спектарот на светлината колку си поблиску до Изворот, толку полесно се исчезнува. Доволна е една Мисла.
Најпрефинета мисла којашто најбрзо може да го открие патот до ризницата со честици е благодарноста. Голем број трагачи ја имаат пробано оваа мисла којашто го окончува нивното трагање во вид на скапоцен бисер, зрно синап, и слични наоѓања.
Тајната на сè што постои е Бог и Неговата Љубов. Да се трага по што и да е друго е игра на намерно незнаење, претеча на секоја мистика. Зошто се покрива со завеса Оној Кој е пред, по завесата и секаде наоколу? И самата завеса?
Сè што постои веќе е откриено. Со самото тоа што е. Умот којшто самиот е осветлен потоа фрла светлина наоколу. Зрачи. А изворот е таа честица што се бара, но е проѕирна бидејќи е несоздадена. А ние сме созданија, и не ретко болката е знак дека честицата знае да земе облик на бактерија за да ни ја раскаже историјата на создавањето. Нашата еволуција, пеперутката што сонуваше дека е човек и човекот што сонуваше дека секогаш е едно скалило погоре во величенствената игра на постојано и бескрајно преобразување. Всушност, тоа е Атомот. Него го најдовме, го расцепивме и сепак не се ослободивме од митот за не-деливоста. Некој се сети да го трампа за една маса и за една обична брзина којашто од гледната точка на друг сончев систем е иста за Ахил, целото животинско царство и за најбрзата желка во него без оглед на нејзините лични способности!
Ако постои материјата како нешто друго од енергијата, е тогаш веќе добиваме солидно поле за мижи татара во рамките на нашиот раскошен микрокосмос, каде што релативноста на експериментите нема да биде изговор за тоа што на трагачот му биле врзани очите и не можел да види во мракот! Кој воопшто би се нафатил да влезе во играта знаејќи однапред сè?
Доволно е Бог да посака и сè ќе ни стане јасно, црната ноќ како белиот ден.
Треба да се тропне на вистинската врата и да се замоли.
И да се порача, по желба, од Божјиот каталог на честици.
Лето Господово 2012
Друго: