Видението Божјо го поставува човекот пред неопходноста, внатрешно да се определи спрема Него.
По својата суштина, секој наш чин или нè приближува до Бога или нè одалечува од Него. Од тука и секој потфат се извршува во страв кој се нарекува - Божји.
Душата се плаши не само од делото што очигледно не би било добро, туку и од помислите кои што можат да го разжалостат Духот Свет, кого што го засакала. Растојанието меѓу нас и Бога е неизмерно големо. Ние само гледаме колку сме Му недостојни на Светиот над светиите; срцето е ожалостено заради мачното сознание дека е толку осиромашено.
Ние не сфаќаме веднаш дека токму таа појава е знак за приближувањето кон Бога. Првата заповед од Блаженствата - Блажени се сиромашните со дух - како органски да води кон следните фази:
плачот, кроткоста, гладот и жедта за правда,
милосрдието, чистотата на срцето,
првото живо доживување на нашето Богосиновство. Сето тоа нè води кон болен конфликт со своите страсти, кон разидување со сите оние кои не го бараат Царството на Вистината,
кон прогоните,
кон злоставувањата,
исмејувањата на наша сметка.
Кога спротивставувањето на Христијанскиот дух од духот на овој свет ќе достигне врв, животот на следбениците Христови почнува да наликува на распетие, макар и на невидлив крст.
Тоа е страшно, но и спасоносно време: низ внатрешните страдања, често поврзани и за надворешните склоности, нашиот дух ги совладува страстите, ние му одолеваме на власта која што светот ја имал над нас, и дури ја победуваме и самата смрт: се уподобуваме во распетието Христово.
Секако и на овој висок степен треба да се сочува смиреноста во духот. Искуството ќе покаже дека штом наместо чувство на „сиромаштво“ ќе дојде задоволството со себе си, веднаш оваа скала на духовниот раст се руши, а нашиот дом останува пуст (Мт.23,38):
Господ веќе не е со нас.
И така - сè додека срцето не се смири повторно во болен вапај кон Него!
Врз основа на оваа промена на чувствата, душата може да се приближи до тајните патишта на спасението; таа од сега се плаши од сè што е спротивно на смирението; нејзината молитва станува почиста; умот и срцето повеќе не се занимаваат со ништо споредно, не сака ништо освен Бога.
Низ молитвата со целото битие, силата на новиот живот го допира оној кој што се моли.
Понатамошно воздигнување: почеток на спознанието за начинот на неземното постоење.
Нашето овоземно постоење е условено со времето и просторот.
Но, што е тоа време?
Можни се најразлични одредувања:
време е - „место“ на нашата средба со Творецот;
времето е процес на актуелизацијата на Божјата замисла за творението:
„Мојот Отец до сега работи и Јас работам“ (Јн.5,17).
Создавањето сè уште не е завршено:.. „Уште малку време Светлината е со вас, одете дури има Светлина за да не ве опфати мракот , а кој оди по мрак не знае каде оди. Додека ја имате Светлината , верувајте во Светлината, за да бидете синови на Светлината! (Јн.12.35-36).“
Секому од нас му е доделено некое „негово време“, кратко, но доволно за да се стекне спасението. Се остварува творечката идеја Божја : ...зошто нема да остане во Бога ниеден збор без сила (Лк.1,37).“
На Голгота умирајќи Господ рече:
„ЗАВРШИ...“ Ќе дојде друг момент кога сличен збор на овој повторно ќе биде изречен. За тоа пишува во Апокалипсата;
И ангелот... крена рака над небото и се заколна во Оној Кој живее во веки веков...дека не ќе има веќе време (Отк.10, 5-6).
Сè додека се наоѓаме во ова гревовно тело и во овој свет, нема да прекинува аскетската борба против “законот на гревот“ кој што делува во нашата плот. (Рим.6,6;7,23).
Гледајќи се себе си немоќни да ја преовладаме оваа страст со сопствен напор, ние почнуваме да очајуваме за своето спасение. Колку и чудно да изгледа, тоа е така: неопходно е да поминеме низ оваа мачна состојба; да го проживееме стотина пати, за тоа длабоко да се вреже во нашата свест.
Искуството на пеколот е корисно за нас.
Ако оваа мака со години ја носиме во себе си, постанува постојана содржина на нашиот дух, неизлечива рана на телото на нашиот живот.
И Христос ги сочува раните од клинците од распетието на Своето Тело дури и до после воскресението:...застана на среде и им рече Мир вам!... и им ги покажа и раните и ребрата и нозете Свои...(Јн.20,19 - 20).
(Продолжува)
Преведе М. Даниловска - Мина
- МОЛИТВАТА - НЕПРЕСТАЈНО ТВОРЕШТВО (Архимандрит Софрониј) - (1)
- МОЛИТВАТА - НЕПРЕСТАЈНО ТВОРЕШТВО (Архимандрит Софрониј) - (2)