Застани цврсто со својот ум во Бога и неизбежно ќе дојде моментот кога бесмртниот Дух ќе го допре срцето.
О, тој допир на Светиот над Светиите!
Тој не може со ништо да се спореди;
тој го воздигнува нашиот ум во сферата на Нетварното битие;
го ранува срцето со љубов што не личи на онаа која што луѓето ја подразбираат под тој збор.
Светлоста на таа љубов се излива на сето создание, на целиот човечки свет низ неговото и илјадaгодишно траење. Оваа љубов може да се почувствува со физичкото срце, но по својот род е духовна, нетварна, зашто исходи од Бога.
Живототворниот Дух Божји нè посетува тогаш кога пребиваме во состојба на смирена отвореност за Него. Тој не врши присилба над нашата слобода.
Тој нас нè опкружува со својата нежна топлина.
Тој нам ни се приближува толку тивко, така што во почетокот можеме и да не го забележиме.
Не треба да се очекува Бог во нас да продре на сила, без наша согласност.
О, не!
Тој го почитува човекот, се смирува пред него.
Неговата љубов е смирена.
Тој нас не нè гледа од висина, туку како нежна мајка своето болно чедо!
Кога ние Му го откриваме срцето, забележуваме неодоливо чувство дека Он ни е „сроден“ и душата се поклонува пред Него, разнежнета и полна со љубов.
Божествената љубов која всушност е длабоката природа на живата вечност, не може , а да не страда во овој свет. Срцето кое што е омекнато од подвигот и благодатната посета има допуштение макар и делумно, да ја живее љубовта Христова која што ја опфаќа сета твар во бесконечното сопатништво со се што постои.
Сега јас сум заробеник во Христа Бога.
Увидов дека сум изведен од ништавилото: човекот по својата природа е ништавило. Но без обзир на тоа што сме, ние од Бога очекуваме сожалување и уважување.
И гледај, Семожниот ни се открива во Своето неописливо смирение. Таквото видение ја разнежнува душата, го восхитува умот и ние несвесно се приклонуваме кон Него. И колку и да тежнееме да му се уподобиме во смиреноста, секогаш остануваме немоќни да ја достигнеме Неговата апсолутност.
Смирението Христово е Сепобедничка сила. Во својот кеносис и во своето служење нам, тоа не знае за понижување:
тоа постојано станува Божествено - величенствено во својата суштина.
Изразено со наши зборови, тоа секогаш ќе изгледа противречно.
Смирението е атрибут на Божествената Љубов која што во својата отвореност кон сета твар, кротко ги прима раните од нас , од Него создадени.
(Продолќува)
Преведе М. Даниловска - Мина