логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


 vozdvizenie.jpg

КУСИ ПОУКИ ЗА ОНИЕ КОИ СЕ ПРИЧЕСТУВААТ

Бескрајната и неискажлива милост Божја многу од нас веќе удостоила да го примиме најголемиот дар на благодатта - Причеста со Божествените Тајни на Телото и Крвта Христови. Едни заслужиле да ги примат Светите Тајни Христови вчера, други денес, трети се подготвуваат и чекаат да ја прифатат благодатта Христова. Тој дар е многу голем и нема во целиот свет друг со кој би можел да се споредува.
Возвишеноста на причестувањето со Светите Тајни ја покажа Самиот Господ Исус Христос со следниве зборови: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Јован 6, 54). Од тие зборови на Спасителот ние мора да сфатиме дека: прифаќањето на Светите Тајни како што доликува, го соединува човекот со Бог вечно, засекогаш. Таквиот човек во самиот себе ја носи благодатта Божја. Тој е исто онолку близок на Господа, како што е и гранката што се зеленее на плодоносното дрво на кое расте. Во таа смисла Спасителот им рекол на Своите следбеници: „Јас сум лозата, а вие прачките“ (Јован 15, 5). Само од гранка на здраво дрво можат да се очекуваат плодови. Само здрава и недеформирана гранка е способна да го извлече животниот сок од коренот на дрвото. На сува и скршена гранка невозможно е да и се вдахне живот. На тој начин човекот кој богобојазно се причестува со Светите Тајни Христови се здобива со способност за чист свет живот, токму онаков каков што нам, на Своите деца и ученици, ни заповеда Христос. Откако ќе ги примиме Христовите Тајни, мораме својот живот да го украсиме со доблести, мораме од себе да пуштиме гранки на христијанство и Православие.
На оние што ќе се причестат како што доликува Спасителот им ветил вечен живот. Нашиот Спасител со Своето учење ги води луѓето кон познание на тој живот. Во Спасителот, како вистински Бог, се воплотува тој вечен живот. За човештвото Исус Христос е Живот и Извор на животот. Кој се причестил со Светите Тајни како што доликува, тој нема да умре. На таквиот човек не му се страшни ниту бурите на животните несреќи, ни карпите на секојдневните околности поради кои ние слабите, толку често и малодушно ја ѓубиме главата. Не му е тешка на човекот сиромаштијата, не му е страшен ни просјачкиот стап, ни затворот, ни човечката навреда, бидејќи тој е заедничар Божји. Несреќите и припаѓаат на земјата, среќата е дел од Небото. Неволјите и страдањата го рануваат и го мачат само телото; тие повредуваат, но не ја убиваат душата што здобила благодат. Секоја мака што мачи, секоја мачна самотија наоѓа смирување и утеха во Спасителот, Кој не само што ја пролеа Својата драгоцена крв за нас, туку, ни ја подари како лековит, чудотворен мелем кој е способен да воскреснува, да дава живот, да ја просветлува душата што верува, да внесе радост во срцето што тагува.
Да се причестиш како што доликува - тоа е веќе почеток на Царството Небесно. Оној што ја заслужил Божјата благодат не може да биде рамнодушен кон возвишеноста на божествените совршенства што го опкружуваат и неговиот живот, веќе нема да биде банално постоење од денес до утре, постоење кое потсетува на минлива сенка или на труп кој се движи, туку благородно постоење, свето, во кое е можно да се разбере и она што е преживеано и она што се преживува. Само што душата ќе ни ја допре зракот на Божествената благодат и ние повеќе нема да сакаме да одиме во темнина и да бидеме налик на неразумни животни. Во нашиот ум и во нашето срце, со силата на Божествената благодат настануваат јасни, чисти и благородни тежнеења. Нашата совест станува посмирена, желбите поумерени, намерите поблагородни, волјата посилна, па и самото наше минливо тело го просветлува славата на бесмртноста како храм на благодатта, како носител на благодатните дарови.
Предупредете се вие што се причестувате, на вредностите на дарот на благодатта што ги примивте. Тажно и жално е ако сме денес заедничари, луѓе Божји, а утре пак се враќаме на стариот пат. Пак ќе не поведе злобната рака на невидливите непријатели, повторно страсти и мрачно нечисти возбудувања, повторно сомнежи, гревови и беззаконија! Немојте да доживеете толку штетен пад: да се потрудиме да се зачуваме целосно. Зошто да се оди во бездна, кога пред нас се наоѓа безбеден пат, кој не води во радост и блаженство? Одете во мир, како од Бог одбрани и исчистени, држете се подалеку од лошите другари и од штетната дрдорливост. Немојте да заборавите дека одовде, од храмот, со вас ќе тргнат и светите ангели - вашите чувари. Од вас самите зависи да го решите прашањето дали тие небесни гости долго ќе бидат со вас. Тие ќе бидат со вас до првиот грев... Ќе ве напуштат Божјите ангели плачејќи и тажејќи. Нивното заминување вие исто така ќе го забележите - ќе ви го каже тоа совеста ваша. Тажно е ако ви рече: ја загуби светињата ... Одлета од тебе ангелотчувар ... Амин.

*  * *

Нека е голема благодарност на Господа: по Неговата голема и неискажлива милост денес нашата совест е смирена, и нашите свети намери се извршија.
Во нашата душа се појави желба да ја исчистиме совеста, да го посветиме своето битие; на оваа искрена намера одговори Самиот наш Господ Исус Христос. Он ни се јави и на секој од нас му ги пренесе Светите Дарови поради нашата љубов кон Него, поради нашата ревност во подвигот, поради нашите напори во изминатите денови на постот.
Малку се трудевме, па сепак добивме многу повеќе отколку што треба, многу повеќе отколку што очекувавме. Такво е Божјото милосрдие, тоа е бескрајно и неописливо: тоа ги отвора рајските двери на разбојникот поради неговото смирено - возвишено чувство на покајание: тоа се сожалува на солзите на кутрата падната жена и ја воздигнува во рамноапостолски чин, тоа е утеха на презрените и отфрлените грешници - цариници, која ја отвора светлината на вистината и на блаженството.
Значи, ние сме спасени; не сме спасени поради своите духовни подвизи, поради своето испосништво, туку по благодатта. Во секој од вас, заедничари, во овој момент се наоѓа сеосветлувачката благодат; секој од вас во самиот себе ја носи божествената тајна. Однесете ја во својот дом; ако таму наидете на нешто пријатно или на нешто непријатно, не збунувајте се: со вас е Самиот Христос, нема поголемо блаженство од она што сега е со вас! Го молам Господа да остане Он со вас и во радостите и во искушенијата; да остане со вас сега и засекогаш. А за мене, како ваш духовен отец, нема друга поголема утеха од таа, да слушнам дека моите духовни деца, откако се исчистиле со исповед и покајание, се однесуваат побожно и православно. Со името Господово го призивам на вас и на сите ваши домашни Божјиот благослов. Амин!

* * *

Да му благодариме и да го фалиме милостивиот Господ. Он оваа година ни дозволи нам, грешните, да се причестиме со Светите Дарови на Божјата благодат. Молејќи се благодатта да се спушти на нас, Црквата сугерираше да се молиме: Причеста со Светите Тајни нека ни биде за исцеление и здравје на телото. Таква молитва на нас слабите ни е најблиска спрема нашето расположение - секогаш за себе да си посакуваме на земјата благосостојба. Но вие прашувате: дали навистина Христовите Тајни им помагаат на оние што се причестуваат во зајакнувањето на телесните сили? На тоа прашање одговараме потврдно. Кој ги читал внимателно житијата на светите подвижници ќе пронајде многу сведоштва како потврда за животворните и чудесни сили на Светата Причест за нашето тело. Многу подвижници за време на светиот пост воопшто не вкусувале храна и го одржувале животот со секојдневно причестување со Светите Тајни. Така на пример, за преподобниот Герасим (сеќавањето за него се слави на четврти март), се знае дека за време на постите и на утврдените посни денови не јадел и не земал храна, но секогаш во тие денови се причестувал. И тој подвижник бил бодар, смел. Неговиот ден поминувал во работа и разговор со народот, а ноќта во молитва. Постот воопшто не го исцрпувал, туку очигледно го зајакнувал и им давал на сите негови сили, телесни и душевни, посебна моќ. Тој самиот ги објаснувал причините на своето одлично телесно здравје со честото причестување со Христовите Тајни. Не зборувајќи за одамна минатите времиња, по милоста Божја, ние бевме сведоци на благотворното дејство на Христовите Тајни и на луѓето во нашево време. Многу често се случува болни луѓе кои лежат на смртна постела, да добијат чудно исцеление и зајакнување на своите сили и стануваат од болеста со животворната сила на Телото и Крвта на Исуса Христа, кога со нив се причестуваат со целосна вера и со чиста совест. Често се случува многу луѓе кои биле наклонети кон страста пијанство и разузданост да престанат со овие расипништва по примањето на Светите Христови Тајни. Тие самите отворено велеле: како некаков чудесен оган да ја запали нашата душа и ние потоа добивме најголемо гадење кон пиењето вино и кон внатрешната огорченост.
Ако причестувањето со Светите Тајни Христови овде, на земјата, очигледно и благотворно дејствува врз нас, тогаш нема сомнеж дека во целата своја возвишеност ќе ни се објави таму, во идниот живот. Овде пројавувањето на целосна сила на оваа Света Тајна е невозможно, затоа што сите ние луѓето сме смртни, на секој од нас, порано или подоцна, му е судено да умре. Бесмртноста за нас ќе почне од онаа страна на гробот. Луѓето кои се причестуваат со Светите Тајни Христови онака како што доликува, внесуваат во себе зачеток и 'ркулец на вечниот живот, на онаа преродба кога нашите тела ќе воскреснат на денот на сеопштото воскресение и ќе се оживотворат. Самиот Спасител рекол: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Јован 6,54).
На тој начин, оние што се причестуваат со Светите Тајни мора да бидат уверени дека примиле во себе толку голем дар, кој и на душата и на телото им пренесува живот и во овој и во идниот свет. Таквиот спасителен дар не може со ништо да се процени, ниту замени. Тој е подрагоцен од сите вредности, и е над сите почести. Кој во себе го носи тој дар, тој во себе го има и Светиот Дух. Пред оној кој се причестил, се ѓаволско исчезнува и пропаѓа. Самиот гроб нему му е светол, Страшниот суд за него е оправдување, вечноста за него е блаженство без крај.
Помнете го, мои духовни чеда, она што ви го реков. Помнете дека во овие мигови сите вие сте светители, дека секој од вас го просветлува светлината Христова. Беда, неизбришлив срам и солзи на тага на сите оние што неблагодарно и невнимателно ќе ја згаснат таа неминлива светлина Божја, што ќе ја изневерат Тајната Божја која вие ја прифативте заради простување на гревовите и заради вечниот живот. Амин!

* * *

Нашиот Господ и Спасител Исус Христос поради Своето човекољубие не направи достојни за Светата Причест. Ако го сфаќаме значењето на таа Божествена милост, тогаш не знам со какви зборови да ги изразиме пред Христа своите благодарни чувства!
Сфатете и проценете. Преку Причеста се исчистило и посветило телото на секој од нас. Сега во овие моменти помеѓу нас нема нуту еден грешник; сите наши гревови, какви и да се, ако сме се покајале за нив, и со смирение на душата и со чисто срце сме го послушале гласот на поуката во Светата Тајна Покајание, сите наши гревови се простени. За нас пред небото, пред правдата Божја се залагаше Самиот Господ, Спасителот наш. Он не зеде сите под Својата семоќна десница, сите не изми и посвети и не напои со Својата Божествена Крв, сите не нахрани со Своето Пречисто Тело. Каде се наоѓа сега Он, таму сме и ние. Самиот Он рекол: „Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него“ (Јован 6, 56). Значи, кај сите што сега се причестија телото е храм на Светиот Дух, живеалиште на благодатта; нашето тело во овие спасоносни мигови е чисто како што ќе биде оној ден кога сите луѓе ќе воскреснат. Многу е среќен оној, во кој од сега нема да пресуши тој прекрасен, таинствен, животворен дар на светоста и чистотата.
Но во човекот, освен телесниот живот, постои и друг живот - тоа е животот на душата. Животот на душата го одржува своето битие и постоење преку Светиот Дух: со Светиот Дух живее секоја душа, и со чистота се вознесува, и се просветлува вечно. Животворната благодат на Светиот Дух се симнува во нашата душа преку Светата Тајна Причест. Затоа во молитвата пред Светата Причест, Црквата ги става во нашите усти овие зборови: „Господи, Телото и Крвта Христови нека ни бидат за исчистување, за просветлување, за исцеление, за здравје на душата, заради вечен живот.“ Еве зошто вистинските христијани на сите епохи, најголемите подвижници и угодници Божји, во искушенијата, во маките, во слабостите, при соблазните, за време на подготовките за било какво тешко дело, во стравот кој нагонски и несакајќи ја обзема душата, секогаш себеси се зацврстувале со Светите Христови Тајни. Тие тагувале ако поради било што не можеле секојдневно да се причестуваат. Свети Игнатиј Богоносец во посланието до својата римска паства на прашањето за тоа како живее, какви желби го обземаат, одговарал вака: „Не се радувам на распадливата храна: го сакам лебот Божји, лебот небесен, лебот животворен кој е Телото на Христос Синот Божји и сакам да ја пијам Крвта на Оној кој е Љубов нераспадлива и Живот вечен“.
Ке се сеќаваме, пак, со каква голема благодат сме удостоени и ќе го чуваме во себе тоа непроценливо богатство. Ќе паметиме дека светињата се нуди на светите, а не на недостојните. Ке го молиме милосрдниот Бог и во иднина да не не лишува од тој наш насушен леб и што е можно почесто да не направи достојни да се причестуваме заради спасение и вечен живот. Свети Јован Богослов во својот релативно долг живот, секојдневно сам се молеше и другите ги поучуваше да се молат со овие зборови: „Господи, давај ни Го секогаш тој леб“ (Јован 6, 34). И вие примете ја во своето срце таа молитва, сами повторувајте ја и со Божја помош извршувајте ја, а особено тогаш кога ќе ве обземат страсти, кога на вас ќе напаѓаат соблазни, кога ќе ви се закануваат вашите непријатели, видливи и невидливи...
Верувајте и надевајте се дека Христовите Тајни ќе ја уништат целата напаст, дека се што е најмрачно и најнечисто ќе го просветлат и посветат, дека се што во нас е болно и инфицирано од грев и порок ќе се исцели за живот не минлив туку вечен... И со овие Свети Дарови ќе преминеме од земјата во вечното Божјо Царство, каде ќе го здогледаме Господа Спасителот... Он ќе не препознае бидејќи се причестивме со Неговото Тело и Крв и на тој начин, според зборовите на апостол Павле, не сме ништо друго, туку: „ние сме членови на Неговото тело - од Неговата плот и коските Негови“ (Ефес. 5,30). Амин!

* * *

Нека е благодарност на Господа, од тешка задача сме ослободени. На едни како награда за ревност, на други по неисцрпното милосрдие Божјо, ни се предадени за храна и за пиење Пречистото Тело и Пречистата Крв на Спасителот наш. Предавајќи ни ги овие највозвишени и страшни Христови Дарови свештеникот додава: „Се причестува слугата Божји, или слугинката Божја, заради простување на гревовите и живот вечен ...“
Значи, на сите гревовите ви се простени, сите ве посетиле Светите Тајни. Поради вашата вера, за која сведочевте пред Отецот Небесен, поради вашето искрено покајание во солзи Господ ви ја прости и неправдата и беззаконијата ваши. Радувајте се, пак, во Господа и, не тагувајќи, спомнете си дека на секој од вас сега блесна венецот на Господ на Славата: сега сте вистински, живи членови на нашиот Господ, Исус Христос.
А Светите Дарови што ги добивте, чувајте ги. Нивното чување не бара повеќе од почитување и извршување на евангелските заповеди, оние заповеди во кои се состои целото наше спасение и целиот наш вистински живот. „Ако мене ме љубите - вели Исус Христос - држете Ги моите заповеди...“ тоа е Неговиот збор за вас, што го изрече пред смртта на крстот во последната проштална беседа.
Ве молам и ве преколнувам, втиснете го подлабоко во душата своја ликот на Божествениот Спасител, со Него сега се причестивте. Нека бидат Тајните Негови за вас светлина што ја просветлува вашата душа на патот кон гробот и кон вечниот живот. Нека биде денешниов ден за вас незаборавна утеха во секоја тага и мака во нашиот живот, полн со немир и суета...
Ако се исполнат моите добри желби, тогаш и јас како оној кој ве води со тајните на светото покајание и Причест, би можел да ги повторам зборовите на свети Јован Богослов за неговите духовни деца: „За мене нема поголема радост од тоа - да чујам дека моите чеда живеат во вистина“ (3. Јов. 1,4).
Ве препуштам на покровителството на Пресвета Богородица, на ангелот-чувар, и ја призивам врз сите вас Божјата благодат. Амин!

* * *

Уште не удостои милостивиот Господ да го видиме светлиот и радосен ден на Причеста со Светите Тајни. Да му укажеме чест и благодарност за таквата милост кон нас.
Сега за нас, кои се причестуваме, се се исполнува со светлост: меѓу нас не треба да има такви што тагуваат, ни такви што плачат. А зошто? Затоа што заедничариме во духовниот свет. Тој ни се приближи и не оживеа: кога сонцето во пролет се приближува на земјата сите земни суштества оживуваат и донесуваат пролетна боја, најубава, најрадосна боја. Денес не огреа Сонцето на вистината - Христос. Ни донесе на земјата вечна радост и блаженство. Заради Господа, заедничари Христови, не заминувајте во мрак: денес сите сме оживеани, денес сме, според зборот Божји, сите ние праведници, пеколот е далеку од нас; со нас не се само ангелите-чувари кои секогаш ја следат нашата христијанска душа, туку самиот Исус Христос.
А ќе настојуваме да се однесуваме така, во нас да не зајде Сонцето Вечно. Во душата наша, ни за момент нека не замине очекувањето на новиот живот. Љубете го Христа, тогаш Он нема да ве напушти; Он ќе биде во вашата душа Светлина што просветлува, животворна; и ден и ноќ Он ќе биде со нас и тогаш ништо не ни е потребно освен живот со Хриета. Амин!

* * *

Господ Бог не удостои достојни да се причестиме со Светите Христови Тајни. А во што е овде тајната? Тајната е во онаа љубов каква што ни ја покажа Исус Христос. Секој од заедничарите од сега е пријател Христов: ние сме соединети со Христа со најтесни, нераскинливи врски. Тешко на нас и нека ни е срам, ако сме стапиле во тој сојуз со непромислена брзоплетост; тешко на нас, бидејќи на нашата душа паѓа предавството на Јуда-предавникот... Бидејќи и тој вероломен човек се причести од рацете на Господа и Го целива, но по Причеста не се колебаше да го предаде на непријателите, во срамна смрт. Во Јуда, вели Евангелистот, по Причеста влегол сатаната и го уништил. Нека ни е вечен срам, ако во својата душа ја примивме тајната и не ја зачувавме. Нема ништо поужасно на светот од наклеветена и осрамотена светиња. Плашете се пак, да не ја наќлеветите светињата, која е во вас. И во нашата човечка заедница човекот кој ќе ги изневери чувствата на пријателство и љубов на друг се смета за расипан, достоен на името злосторник; а оној кој ќе ја изневери љубовта на Исус Христос заслужува да го наречат непријател на вистината.
Послушајте, така ни говори нам, на заедничарите, Исус Христос: постојат родители кои често ги даваат своите деца на други да ги хранат, но Јас - вели Спасителот - не постапувам така - Јас ве хранам со Моето Сопствено Тело, Сам себе ви Се нудам како храна, сакам сите да имате голема вредност и ви ветувам добра надеж во иднина... А проценете ја Мојата љубов кон вас: ако Јас овде ви Се предавам Себеси, што тогаш од Мене можете да очекувате таму? Заради вас Јас слегов на земјата, се родив на земјата, живеев со вас, како пријател ваш, заради вас се причестив со телото и крвта и еве пак го предавам тоа Тело и Крв преку што се сродив со вас. Ви давам повеќе отколку што сте заслужиле. Ви давам повеќе отколку што можевте да се надевате.
Значи тоа е најслаткиот глас Христов. Да проникнеме во овие зборови со умот и срцето: ние, само ако се потрудиме, повеќе нема да сме грешници и над секој од нас ќе свети венецот на Небесното Божјо Царство.
Браќа и сестри! Ке бидеме решителни, добри... Радувајте се, со вас е Самиот Исус Христос, сега и секогаш и во вечни векови! Амин!

* * *

Нека е благодарност на Бога: Он не удостои да се причестиме со Светите Тајни Христови. Радувајте се, заедничари! Ништо на светот не може да постои над таа радост. Таа не може да се купи со пари, не може да се здобие ниту со ум, ниту со убавина, ниту со сила. Таа радост на душата ни ја праќа Самиот Господ, поради нејзината љубов кон Него, поради она искрено покајание што таа Му го принела и поради краткиот, но ревносен, доброволен подвиг што го извршивте во деновите на постот.
Нема што да се крие: подвигот е тежок - душата страда, телото малаксува, но како што вели светиот Давид во 125 псалм, оние што сеат со солзи, ќе жнеат со голема радост (Псал. 125, 5). Добро и среќа на сите оние меѓу вас што цел живот, или барем оваа недела, беа слуги Господови, што работеа со смирение, целомудреност и со многу солзи.
Вашата нива пристигна и созреа, заедничари. Вие се помачивте заради Бога, сеевте добро семе и, бидејќи тоа порасна, ќе го однесете дома неговиот благословен плод: ќе го имате Пречистото Тело и Пречистата Крв на нашиот Спасител Господ Исус Христос.
А јас ве молам, браќа и сестри, излезете од овој храм со радост и зачувајте ги Светите Дарови колку што е можно подолго во себе. И каква, пак, радост со тоа ќе ми направите мене! Кога би можел за вас да речам пред Господа и со својата совест, како што рече Јован Богослов за своите духовни деца: „За мене нема поголема радост од тоа - да чујам дека моите чеда живеат во вистина“ (3. Јов. 1,4).
Господ нека е со вас сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

* * *

Бог на милосрдието и на изобилството ве награди вас што се подвизувавте и што се покајавте. Исповедувајќи ги своите гревови многу од вас, забележав, плачеа. Нив совеста ги прекорувала поради сторените гревови. Но еве, нашата мајка, Светата Црква, побрза да ја разблажи горчината на нашите поранешни чувства со драгоцениот дар на милосрдието Божјо.
Сега вие, сите вие без исклучок, сте свети - и браќата и сестрите. И не само вашите души, туку и вашите тела се свети.
Вие не само што го видовте, туку и вкусивте од Пречистото Тело и Пречистата Крв на Спасителот наш. Еднаш пророкот Исаија го здогледа Господа како седи на престолот небесен, што е опкружен со херувими и серафими. Со страв и трепет, тој можеше само да извика: „Тешко мене, зашто сум човек со нечиста уста... а очите мои Го видоа Царот, Господа Саваот!“ (Иса. 6, 5). А што да кажеме ако Господ ни се објави во таков прост лик?
Во тој лик со Крвта Пречиста, која тече од неговите живоносни рани, Исус Христос ни вели: не плашете се! Јас сум со вас. Не плаши се, Јас сум со тебе! - и вели Он на кутрата грешница... Тебе луѓето те осудија. Тебе те измачи совеста. Но Јас ти простив и ќе останам со тебе.
Во твојата душа владее црна темнина. Но Јас нема да те препуштам на пропаста. Земи го Мојот Дар и смело оди напред; немој да живееш како што милуваш, туку како што Господ ти заповеда. Носи го Дарот Мој со себе...
О, колку е голем тој Дар! Знајте и имајте на ум дека Господ на денот на Страшниот суд нема да се одрече од оној што има таков дар. Он ќе се сети на солзите на вашето покајние и ќе се сети на прошката и разрешувањето што беше прочитано над вашите глави, покриени со светиот епитрахил, во време на светата, спасителна исповед Христова.
Носете го светиот Дар со себе и не упропастувајте го. Кажете им на своите деца, на своите браќа и слуги, на своите мажи, на жените и пријателите, дека добивте благодат и право на влез во Царството Небесно. Уште еднаш повторувам, ве молам: не упропастувајте го лекомислено тој Дар. Не целивајте ја Чашата со мртви, ладни усни, туку фаќајќи се за Чашата Христова, преку целивањето на оваа светиња здобијте се со побожност и чистота во името на нашиот Господ Исус Христос. Амин.

* * *

Првата Литургија се извршила на Тајната вечера. Први заедничари Христови се апостолите. Кога се завршила вечерата, учениците можеле да отидат каде сакаат.
И вие, откако го завршивте молитвениот подвиг, можете да одите каде што сакате.
Но учениците по вечерата тргнале на две страни. Едни тргнале по Христа; со Него тие сакале да бдеат, да страдаат и да се молат. Јуда тргнал кај непријателите Исусови, таму каде што го влечеле неговите грешни страсти и нечесната волја.
Каде ќе тргнете вие? Одете по Исуса! Одете како што одеа апостолите. Можеби и вам ќе ви се случи искушение, падови на животниот пат. Зашто паѓаше и апостол Петар; но тој паѓаше и стануваше. Стануваше уште подобар отколку пред својот пад, подобар, зашто неговото срце го исплака и со солзи на покајание го изми гревот.
Одете по Господа, вие кои се причестувате! Доброволно го избравте тој пат и во храмот, пред царските двери и пред Светата Чаша, ја исповедавте верноста кон Христа. Исповедавте: нема да ти дадам, Господе, целив како Јуда. Ине давајте зашто лажната љубов, лажната исповед ќе ви ги пече совеста и срцето со страдање.
Го исповедавте Христа, како разумниот разбојник на крстот. Да успееше разумниот разбојник жив да се симне од крстот, тој, сигурно целиот живот ќе го посветеше на Бога.
А нека душите ваши, заедничари Христови, светат со светлината на неминливата љубов кон Господа. Тие ја зедоа светлината Христова од изворот на љубовта, од Светата Чаша. Таа светлина нека биде животворна и просветлувачка.
Вашата душа пред Христа нека биде кандило на љубовта што не се гаси, што ја чува светлината Христова, а вашите тела нека бидат достојни храмови за светињата што ја примивте. Амин.

* * *

Ве поздравувам, заедничари! Сега, еве се прашуваме: како да го уредиме својот живот? Добивме многу, како да го сочуваме ова неизмерно вредно богатство? На овие наши прашања одговара Светата Црква. Таа не советува да бидеме внимателни кон себе и кон своите христијански должности.
Секој од нас мора да го чува богатството што го примил, а не да го расфрла насекаде. Секој од нас не смее да го заборави ни тоа дека е христијанин, а што е најважно, дека тој е христијанин што се причестил. Во секое искушение тој мора да си спомнува дека се причестил на живот вечен со страшните Тајни Христови; дека тој не е подготвен да се откаже од Причеста или да ја изневери, заради задоволување на која било страст. Секој од нас мора да се сеќава на сегашните светли мигови, кога сите ние сме чисти пред Господа, измиени со Неговата Пречиста Крв и нахранети со Неговото Пречисто Тело. Секој од нас мора да ја памети љубовта Господова кон нас и онаа љубов којашто ние кон Него ја посведочивме. Ние денес на Господа Му велевме: „Верувам и исповедувам дека Ти Си Синот на Живиот Бог, Кој дојде во светот да ги спаси грешните; удостој ме неосудно да се причестам со Твоите Свети Тајни не заради осуда, туку заради исцеление на душата и телото; Те целивав, Господи, но не со предавничкиот бакнеж на Јуда-предавникот, туку со целив невин и свет...“ и Ако заборавивме на тоа, ќе не заборави Самиот Господ... и повторно ќе скитаме во темнината на гревот и ќе не напушти светлината Христова, и радоста ќе не напушти и спокојството на совеста, од што ништо не е поважно, ниту попотребно во целиот свет. Амин.

* * *

Вие кои денес се причестивте, преку благодарност на Господа, откако станавте достојни за прифаќање на благодатните дарови на Телото и Крвта Христови, среќно ја довршивте Четириесетницата. Сите вие станувате како оние добри и верни слуги кои, вели Евангелието, ја издржале зимата и жештината и тежината на денот, и ја извршџле заповедта Христова. На сите вас сега се однесува приказната Христова за мудрите девојки кои се здобиле со виделина на живата вера, надежта и љубовта. Па влезете во радоста на Својот Господ. Откако се нахранивте со јадењето што ја спасува душата, насладете се со чувство на благодарност за чашата на бесмртноста што ви е дарувана.
Бидете отсега ученици кои го љубат Господа. Останете со Него во искушенијата до крај. Сега доаѓаат деновите на Страсната седмица. Заради Господа, не помрачувајте го тоа време со световна суета. Запаметете и знајте дека јадевте од дрвото на Животот; не препуштајте се на невоздржаноста, туку стражарете на височина на вашиот дух, кој сега џ прими под својот покрив највозвишената Љубов и Премудрост, Самиот Христос Бог.
Паметете и знајте дека ние веќе многу големи Четириесетници поминавме - но дали уште многу ќе видиме? Многупати се причестивме - но дали и понатаму ќе бидеме удостоени да бидеме заедничари Господови? Многупати ветивме пред крстот и Евангелието дека ќе се поправиме и ќе се подобриме; многу проповеди слушавме и исти останавме... Па зарем од грешниот сон може да не разбуди единствено трубата арханѓелска? Но нејзините звуци се ужасни, тие посилно од гром го погодуваат срцето на грешникот.
Туку усрдно ќе се молиме благодатта на Сесветиот Дух Божји да се спушти на нас, да не обнови, да ги оживотвори нашите души измачени од страстите и да ни ги направи срцата чисти и непорочни. Срцата наши да станат храм на добри помисли, желби чисти и небесни.
Господе! Светлодавче Просветли ја облеката на мојата душа, и спаси ме! Тоа е гласот на вашата молба во молитвата, заедничари, во овие големи и свечени мигови од животот. Амин.

* * *

Од бесконечното Свое милосрдие, Господ ве направи достојни да се причестите со Даровите на благодатта Негова. Со таа милост душите ваши во рајот се воведени. Ништо не е и не може да биде повозвишено и повредно за човекот на земјата од помирувањето со својата свест, од увереноста дека Господ ги исчисти и просвети нашите души и ни ги прости сите гревови. Таквата милост не се случи поради нашите заслуги, туку по милоста Божја, онаа милост со која беше помилувана блудницата, и разбојникот беше воведен во рајот. Пред олтарот денес секој од нас ја исповедаше молитвата на разбојникот: Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во своето Царство. Ние го баравме клучот што го отклучува рајот.
А секој од нас нека знае дека Христос, Кој љуби не го отвори рајот за разбојникот кој се покаја поради случајната молитва, туку поради чистотата на совеста, која се откри пред Божјиот суд. Кутриот злосторник умираше со маченичка смрт. Немаше ропот, ни закани, ни клетви во устата негова, туку јасна свест за тоа дека праведно страда поради своите дела. Тоа е неговата заслуга. Самоосудата е исчистување на душата. Значи, секој од нас мора да настојува да ја развие во себе особината: вистински да стане свесен за своите гревови, сам да ги осуди своите дела и на тој начин да го уништи својот грев.
Разбојникот на крстот го бараше Бога: тој, умирајќи, веруваше во бесмртност. Токму во моментите кога разбеснетата и безумна толпа од архијереи, кнезови и учени книжевници се потсмеваше со Исуса, Кој страдаше, разбојникот во тој страдалник го виде Бога, Спасителот. Тој на Него, на Христа, му принесе како жртва се што имаше. Му беа слободни само устата и срцето. Со срцето поверува во Христа, со устата го исповеда. Тоа е веќе подвиг. Никој од нас не искусил колку е тешко мачеништвото, па сепак, на кој не му се случило да падне во неверие и малодушност дури и поради малите животни незгоди. Откако ги прифативме Светите Тајни, ние денес раководејќи се од молитвената исповед на разумниот разбојник мораме во своите срца да отпочнеме богоугоден живот. Неопходно е и треба да се откажеме од гордоста; да се осудуваме себеси, а не другите, кога ќе не снајдат незгоди, неуспеси, понижувања; треба да се биде уверен дека го добиваме она што со своите дела сме го заслужиле. Но во моментите на искушение и тага, да не заборавиме дека покрај нас се наоѓа Господ, како што во моментите на Неговото распетие темнина завладеа по целата земја, но светлината на спасението од Крстот Негов веќе се излеваше во срцата на оние кои поверуваа. Најважно и највпечатливо во прифаќањето на Светите Христови Тајни претставува тоа што тие придонесуваат за засилувањето на човечките сили; тие треба да ги доведат нашите чувства во состојба на рамнотежа, тие ја смируваат нашата совест. Денес, на вас, што се причестувате, препуштено ви е да одите по христијанскиот пат; вие сте измиени и исцелени со Крвта на Спасителот, нахранети сте со Неговото Пречисто Тело.
Сите ќе се молиме овие дарови да ги зачуваме во себе, да не ни ги грабнат непријателите видливи и невидливи, ние самите со нив да не го омаловажиме и понижиме Бога Спасителот, да не ја извалкаме својата совест и да не го обесчестиме во себе Божјиот Лик на Христос Спасителот, Кој заради нас пострада и воскресна. Амин.

* * *

Исус Христос вака говореше и поучуваше за Светата Тајна Причест: „Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него.“ (Јован 6, 56). Со овие зборови Он сакаше сите да не утеши, зашто сега ние сме со Него и Он е со нас, ние сме во Него и Он е во нас отсега и до века!
Големиот дар кој го примивте, сите нас не обврзува да бидеме претпазливи и внимателни во делата, зборовите, желбите и мислите наши. Секој заедничар не е ништо друго туку коска на живоносната коска на Спасителот и тело на Неговото животворно тело.
Сега секој грев што ќе го сториме ќе биде навреда нанесена на Господа, секој нечесен чин - очигледна навреда на Најслаткиот Искупител; секоја злоупотреба на нашето тело ќе биде плукање, малтретирање и тепање, коешто Он го поднесе од непријателите. Зашто ние сега повеќе не сме сами, туку со нас и во нас е Господ. Ние не треба да отстапуваме од добрите дела, од побожните подвизи.
А што е најважно, оние што се причестуваат мора да бидат добродушни и великодушни во сите животни околности. Во сите наши добри чувства учествува Господ. Он тагуваше со сестрата на Лазар, и според тоа, секогаш може да ги дели и нашите солзи и нашата тага. Он се радуваше со апостолите што се израдуваа; може ли да не ја дели радоста наша? Он, бидејќи во тело, поднесуваше искушенија и соучествува во нашиот подвиг во искушенијата.
Има само еден услов: ние сами да не го напуштиме Господа; а Он ќе биде со нас засекогаш. Зашто попрво небото и земјата ќе поминат, отколку да не се изврши Неговиот Божествен збор: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, живее во Мене и Јас во него“. Амин.

* * *

Какво исклучително богатство и обилна благодат Божја денес е пред вас: се ви понуди Господ. Он ве нахрани со Своето Пречисто Тело, ве напои и ве изми со Својата Животворна Крв. Он од гробот секој од вас го осветли со зракот на бесмртноста и на вечната слава. Па што повеќе им треба на вашите души?
Значи, се ви е дадено. Ако на некој многу му е дадено, од него многу и се бара. Вратете се дома во спокојство и мир. Нека ви бидат далечни суетните барања на телото, страстите и пороците. Сега сте посмели и посигурни од кога било, зашто можете на Бога да ја префрлите својата тага, не плашејќи се од нечесните искушенија. А знајте дека оној што целосно се потпира на Господа, мирно и во спокојство ги поминува деновите на својот живот.
Знајте и уверени бидете дека животот не е гозба, туку напор. Потребен е посилен подвиг и колку што е можно повеќе да се трудиме заради воспоставување на доброто, вистината и убавината во самите себе, во нашите семејства, во општеството и во целото човештво. Тоа значи да се работи за Бога. Секој треба да се труди според својата сила, бидејќи и талентите Господ ги дава секому според силите и можностите. А искушенијата, што не посетуваат треба да се прифатат не само без ропотење, туку и со благодарност. И ете, кога ќе почнат да ве совладуваат искушенијата, сетете се на денешниов ден: денес се причестивте со Светите Тајни покрај гробот на Спасителот, Кој ни даде завет да не се плашиме ниту од искушение, ниту од тешки крстови, туку да ги победуваме искушенијата и да го носиме крстот заедно со Него, т.е. да живееме исто како што Он живееше.
Ако ви се случи да згрешите, ако ослабете и паднете, не насладувајте се со гревот, туку, како виновници, престапници, побрзо пристапете кон подножјето на Животворниот Крст, секогаш паметејќи ги зборовите на Божјото милосрдие: не ми е мило да умре безбожникот, туку да се врати безбожникот од својот пат и да биде жив.
Но вие што ги примивте Светите Дарови, што добивте право да работите во лозјето Христово, немојте да се возгордеете, туку уште повеќе смирете се, зашто животот наш е голема тајна што ќе се разреши само за оние што ќе се смират. Секој кој ќе се смири себеси, кој ќе се смири во се, од Бога ќе биде возвишен. Ако, заради Господа, сиротувате, се подвизувате, се молите, Господ и ќе ве прослави. Во денот на последниот Страшен суд Господ ќе ти даде целосна награда, добар слуго.
А сега верувајте, надевајте се и љубете. Нека биде благословот Божји и мирот Божји со сите вас. Амин.

Извор: Ѓаконија, Скопје 2002

Главен и одговорен уредник:

Митрополит Брегалнички г. Агатангел

 vozdvizenie.jpg

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7697
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная