логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

Едно попладне отидов да го посетам старец Пајсиј. На оградата на неговата ќелија стоеше еден човек. Имаше околу триесетина години, и чекаше Старецот да му ја отвори вратата.
Кога стигнав отец Пајсиј го отвори прозорецот и праша кој е.
Одговорив:
„Јас сум отец, и еден мирјанин“ (му го кажав неговото име).
„Речи му да си оди“, ми рече Старецот.
Тогаш мирјанинот почна да моли:
„Јас навистина сакам да Ве видам, отец“.
Старецот прекорно рече:
„Оди, ти ме вознемируваш зашто веруваш само во сопственото мислење и не слушаш што ти зборувам. Зошто губеше време да доаѓаш овде?“
Повторно му рече да си оди и дури тогаш излезе да ми ја отвори вратата.

„Тој е вистински товар“, рече отец Пајсиј. „Воопшто не ги слуша моите зборови. Доаѓа, прашува нешто и си оди. По некое време повторно доаѓа и пак го прашува истото. Тоа се случува зашто ги слуша само своите мисли и го заборава тоа што ќе му го кажам или пак од сето тоа не разбира ниеден збор“.

Го посетувало уште едно момче кој целосно верувал во сопствените мисли и паднал во прелест. Еден ден дошол кај отец Пајсиј, а овој му рекол:
„Не ги слушај своите мисли зашто ќе завршиш така што ќе полудиш. Биди внимателен, ти имаш добра машина, но нејзините тркала се свртени во погрешен правец. Мораш да ја насочиш во добра насока, таму каде што се наоѓаат добрите мисли. Тоа, со помош Божја, можеш да го направиш единствено ти сам. Никој тоа не може да го направи за тебе зашто си слободен и независен. Сврти ги тркалата и твојот духовен отец ќе ти го покаже правецот“.

Еден од монасите кој живеел во светогорската пустина, си вообразил дека е светец и мислел дека никој на светот не е како него. Некои од монасите кои добро го познавале, го прашале отец Пајсиј дали да го однесат кај психијатар. Старецот им рекол:
„Лекарите не можат да бидат од корист кај таквите луѓе. Монахот може само да направи будала од себе пред мирјаните. Лекарот ќе му даде некои таблети кои помагаат во случај на сериозен здравствен проблем, но само кратко време. Треба некој друг да стави лек во неговата храна, да му покаже духовна љубов и да се обиде да ги исправи неговите мисли. Неговиот проблем е до духовна природа: вкоренет е во неговото его и претераната наклонетост и доверба во сопствените мисли“.

Кога мирјаните ги слушаат своите мисли и имаат доверба во нив го губат разумот, а монахот паѓа во прелест. Но, монахот не смее да зема средства за смирување, затоа што негови лекови се смирението и покајанието. Овој монах нема ни една од тие добродетели. Кога тие ќе се вратат во неговото срце, тогаш и неговиот проблем ќе биде решен“.

 „Некогаш се случува децата лошо да постапуваат со родителите или да ги навредуваат. Тие истиот момент стануваат отворени за демонот. Кога ги навредуваат или клеветат родителите му даваат право на ѓаволот да влезе во нивните животи и да ги управува“.
„Истото се случува и со монасите кога ќе ги прифатат негативните мисли за својот старец или за другите монаси. На тој начин му даваат право на ѓаволот да се бори со нив“.

„Кога некој верува во своите мисли тежнее да ги омаловажува советите на другите луѓе. Освен своите мисли, тој може да го послуша само оној кој бескрајно му верува. Кога му е потребна помош прифаќа само од луѓе во кои има најмногу доверба“.
„Што се однесува за лековите за смирување, тие можат да бидат од помош кај луѓе со сериозно влошена здравствена состојба, односно на оние кои многу фантазираат или се наоѓаат на работ на лудило.

Ако, на пример, менталната состојба на нашиот ближен е сериозно влошена, треба да му дадеме извесна количина на лекови за да се стабилизира. Истовремено мораме да му ја покажеме својата љубов и да се обидеме да го исправиме неговиот негативен начин на размислување, убедувајќи го да не ги слуша своите мисли. Доколку неговата состојба е подобра треба да се намали дозата на лекови.

Кога умот на нашиот ближен ќе се оддалечи од смирението ќе замине во светот на фантазијата. Ако земе лек, тој ќе престане да замислува или да фантазира и светот на неговите фантазии се ограничува. Тогаш почнува да се чувствува поспано, уморно и изгладнето, и воопшто телесно се чувствува се послабо, и додека претходно мислел дека е бестелесен ангел, сега се чувствува како човечко суштество кое го носи товарот на сопственото тело“.

„Не постои магична терапија која автоматски ќе го исцели некој чиј ум е во заблуда и постојано обземен со сопственото негативно мислење. Но, постојат некои чекори кои треба да се направат за да се опорави:
Прво и најважно е личноста да биде свесна за својата тешка состојба.
Откако ќе го сфати тоа, како втор чекор треба да следи покајание и исповед, потоа никогаш повеќе нема да го слуша гласот на сопствените мисли, туку напротив ќе го слуша советот на својот духовен отец.

Трето, кога човекот ќе стане свесен за својата бедна состојба треба со Исусовата молитва постојано да го моли Бога за милост и Христос ќе му помогне. Божествената благодат повторно ќе се всели во човекот.
Човекот може да се исцели и да се спаси само со смирение, единствена чудотворна терапија која ми е позната. Само смирението може да не спаси“.
Човекот е променлив. Од една страна грчевито се држи за своите добри мисли, а од друга страна за негативните и погрешните. Тој прави што сака и кога сака затоа што има слободна и независна волја. Исто се случува и со Божествената благодат и прелест. Бидејќи човекот постојано се менува и Божествената благодат и прелеста доаѓаат и си одат по одреден ред.

Ако човекот живее во светот на својата гордост, односно во светот на сопствените размисли, се исполнува со прелест и паѓа во опасност. Тој не смее да ги слуша своите мисли кога се обидуваат да го заведат, со цел да го уништат. Тие од една страна го уверуваат дека е исполнет со добрини, вистински подвижник, надарен, речиси светец, а од друга страна му велат дека е промашен и за него нема надеж да се спаси. Неговите мисли ќе изградат во него погрешно верување дека е совршен и така ќе ја разбудат неговата гордост или пак, ќе го убедат дека е безнадежно изгубен и ќе го исполнат со очај. Тој мора да ги занемари и позитивните и негативните мисли, да ги исповеда кај својот духовен отец и да биде послушен за сè што ќе му каже. Мора прво да му верува на духовниот отец, а не на своите мисли. Освен тоа мора да се увери дека не е ништо друго освен душа која се подвизува и во своите молитви постојано се моли за Божја милост, за чистење на својот ум.


Во зависност од тоа колку човекот смирено размислува за себе, во него живее Божјата благодат која го штити. Кога ќе се оддалечи од смирените мисли и кога ќе почне да размислува за тоа што го кажуваат или за тоа што прават патријархот, епископот, игуменот или другите монаси, Божјата благодат почнува да се повлекува.

  За нас е најважно во своите животи да го сочуваме чувството на смирение и на тој начин да ѝ допуштиме на Божјата благодат непрестано да живее во нас“.

„Кога нашата душа живее немарно и не внимава на своите мисли, постепено ќе се исполни со нечисти и лукави мисли. Со тоа во луѓето почнуваат да се развиваат психолошки проблеми кои постепено се натрупуваат. Кога ќе се најдат во ваква ситуација и соочувајќи се со проблемот, некои луѓе тоа не го забележуваат и не се во состојба својот пад смирено да го исповедаат на духовниот отец. Наместо тоа, бараат ’световно’ решение и бараат совет од психијатар кој неминовно му препишува лекови. Апчињата нема да го решат проблемот, туку привремено ќе го прикријат. Тоа не е вистинско решение на проблемот и кога ќе престанат да земаат лекови проблемот повторно ќе исплива на површина. Човекот повторно ќе се најде во истата тешка положба. Единствено решение е да стане свесен за проблемот, да го исповеда на духовниот отец и потоа смирено да го следи неговиот совет.
Во нашето време луѓето губат контрола над своите животи и не знаат што прават. А поради тоа што не сакаат да бидат раководени, туку сакаат да живеат без да бидат вознемирувани и според својата волја, која може да ги доведе до пропаст. Бог му дал на човекот слобода и независност за да може да постапува како што сака, но исто така му дал знаење и способност да сфати дека не е во состојба да прави добро потпирајќи се само на себе... Зашто без Мене не можете да направите ништо (Јн. 15; 5). Ако, не можете ни најмалото, зошто се грижите за другото? (Лк. 12; 26).
Човекот ја користи слободата и независноста не земајќи ја во предвид својата човечка слабост и поради тоа паѓа во прелест. Наместо Божјата благодат со неговиот живот управува човечката логика и неговиот ум е измешан. Тоа е застрашувачко“.

„Секогаш ги советувам луѓето и барам да се придржуваат до следното:
1. Да станат свесни за својот проблем, односно својата оттуѓеност од Бога,
2. да се покаат за тоа и
3. смирено да одат на исповед.

Денес луѓето повеќе од секогаш се подложни на влијанието на ѓаволот во нивните животи. Ќе бидат безбедни само доколку ги следат споменатите совети“.

***

Еднаш го прашавме старец Пајсиј:
Вие, отец, без престан ни велите позитивно да размислуваме. Сакаме да не посоветувате како да се соочиме со следниот проблем. Често ни доаѓаат луѓе кои ни кажуваат дека некои свештеници земаат многу пари за извршување на светите Тајни, ни кажуваат дека пушат, седат во кафеани, па дури и велат дека некои свештеници се вмешани во неморални работи. Всушност, жестоко ги обвинуваат и изнесуваат докази за да го оправдаат тоа. Што да им одговориме на луѓето кои го обвинуваат свештенството?“

Старецот почна да ни кажува:
„Од искуство знам дека луѓето се поделени на две категории. Трета категорија не постои. Луѓето им припаѓаат или на едната или на другата. Првите потсетуваат на мувата. Главна особина на мувата е тоа што ја привлекува нечистотијата. Кога на пример, мувата ќе се најде во градина полна со цвеќиња со прекрасен мирис, таа нема да ги забележи и ќе застане на некоја нечистотија која ќе ја најде на земјата. Ќе почне да кружи наоколу и ќе се почувствува многу комотно во смрдеата. Ако мувата знае да зборува, и ако вие побарате од неа да ви ја покаже ружата во градината, таа би ви одговорила: ’Јас воопшто не знам како изгледа ружата. Знам само каде да најдам ѓубре, нужници и блато’. Постојат луѓе кои потсетуваат на мувата. Луѓето кои ѝ припаѓаат на оваа категорија се навикнале да мислат негативно и во животот секогаш ја бараат лошата страна, поништувајќи го и одбивајќи го присуството на доброто“.

„Другата категорија се оние што потсетуваат на пчелата, чија главна особина е секогаш да бара нешто слатко и пријатно за да слета на него. Кога пчелата би се нашла во соба полна со нечистотија и со мало парче бонбона во ќошот, таа би ја занемарила сета нечистотија и би слетала на бонбоната. Кога од пчелата би побарале да ви покаже каде е ѓубрето, таа би одговорила: ’Не знам. Можам само да ти кажам каде да најдеш цвеќе, мед и шеќер’. Таа знае само за добрите нешта во животот, додека лошите и се непознати. Тоа е другата категорија на луѓе која има позитивни мисли и ја гледа само добрата страна на нештата. Тие секогаш се трудат да го прикријат злото за да ги заштитат ближните. Спротивно на нив, луѓето од првата категорија се трудат да го изложат злото и да го изнесат на површина.

Кога некој ќе дојде кај мене и ќе почне да ги обвинува другите луѓе, ме носи во тешка ситуација и јас му го наведувам овој пример. Тогаш му велам да одлучи во која категорија сака да припаѓа, за да може да најде луѓе од истата и да се дружи со нив“.
Старец Пајсиј секогаш ја нагласуваше важноста на побожните мисли за духовниот живот. Обично велеше дека позитивната мисла е еднаква со бдеењето на Света Гора. Ни го раскажа следниот настан:
„Еден ден дојде некој да ме посети, но бев зафатен и му реков да ме почека во капелата. Подоцна ја напуштил капелата и влегол во мојата гостинска соба, а јас не ни забележав дека на столицата во капелата ги заборавил цигарите. Во меѓувреме дојде и друг гостин, и тој влезе во капелата и ме почека да го примам. Кога го викнав ме праша:
’Старче, дали вие пушите?’
’Не’, му реков. ’Зошто прашувате?’
’Видов пакета цигари во капелата, ете затоа’.
’Сигурно ги заборавил човекот кој беше овде пред Вас, а јас тоа не го забележав’.
Кога замина тој, во посета за прв пат ми дојде едно дете. Затропа на вратата и јас веднаш го прашав што сака.
’Сакам да го видам старец Пајсиј. Дали е тој овде?’
’Се плашам дека не е, одговорив. ’Отиде во Кареја да купи цигари’.
Детето на тоа наивно одговори:
’Не е важно, отец. Ќе го почекам да се врати’.
Ја гледате разликата меѓу двата начини на размислување. Првата личност која ги најде цигарите во капелата имаше негативни и сомнителни мисли, додека детето, иако му реков дека старец Пајсиј отиде да купи цигари, реагираше на спротивен начин. Тој едноставно рече дека ќе почека, не прашувајќи дали Старецот пуши или зошто му требаат цигари“.

„Еден ден ме посети момче полно со негативни мисли и изрази желба да ми биде ученик. Му објаснив:
’Не сакам да имам ученици. Секогаш имам многу посетители и тоа може да заврши така што тие би ги запоставиле своите духовни обврски поради грижата околу моите гости. Освен тоа, јас веќе со години сум монах и напоредно со добрините кои ги стекнав имам и некои слабости од кои не успеав да се ослободам. Значи, ако дојдеш да живееш овде, моите добрини (пост, молитва, бдение) можат да ти наштетат, зашто не би бил во состојба да го пратиш моето строго правило. Моите слабости исто така би ти наштетиле, зашто не би бил во состојба да ги поднесеш. Поради тоа не можам да те прифатам како свој ученик’.

Потоа момчето замина да ги посети другите манастири.
По неколку часа, седев во дворот и јадев два домати без масло и парче леб, размислувајќи за сите добри нешта кои Бог ми ги дал. Имам убава куќа со прекрасна околина, на што и богаташите би ми позавиделе. За разлика од повеќето луѓе кои се борат за живот, не морам да плаќам никаква кирија, секој ден добивам хранам, а не морам напорно да работам во некоја фабрика, а монасите кои живеат во мојата околина се прекрасни. Додека ме исполнуваа таквите мисли, осетив во себе слатка болка поради неблагодарноста кон Бога и почнав да плачам, така што повеќе не можев да јадам. Уште бев во такво расположение кога го здогледав како стои на оградата истото момче кое претходно ме посети и сакаше да ми биде ученик. Не сакав да ме види дека плачам, па влегов да се измијам, а потоа му ја отворив капијата. Изгледаше вознемирено, па ми рече:

’Немој да се преправаш дека се подвижник! Те видов дека јадеш месо, а кога ме виде, влезе внатре за да се скриеш! Сега знам кој си ти навистина!’
Почнав да се смеам, ама не се правдав. Бев зачуден од неговиот начин на размислување и начинот на кој во себе ги, створи негативните мисли’.
Старец Пајсиј имаше позитивен начин на размислување. Тој позитивно размислуваше дури и во најлошите случаи. Секогаш успеваше да го издвои доброто и од најнепосакуваните нешта, користејќи ги на посебен начин.

***

Старец Пајсиј ни раскажуваше:
Еден оженет човек дојде кај мене да поразговараме. Имал проблем со неговата сопруга, чии однесување го навредувало. Но, јас во истиот момент, почнав да барам оправдување за неа. На крајот му реков дека треба да го слави Бога за жената каква што му ја дал и дека единствено тој е одговорен за распаѓањето на бракот. Направив да го преиспита своето однесување и повторно да ја засака својата жена, убедувајќи го дека не е во право и дека мора да се ослободи од своите негативни мисли. Така направив и со неговата жена кога дојде да ме посети. И неа ја прекорив на ист начин, така што двајцата се ослободија од негативните мисли и повторно се засакаа еден со друг. Освен тоа, разбраа зошто ги искарав, бидејќи сфатија дека единствена цел ми беше повторно да бидат заедно“.

***

Мислите се како авиони кои летаат низ воздухот. Ако ги занемарите нема да имате проблеми. Но ако им обрнете внимание, тогаш во себе ќе направите цел аеродром и ќе им допуштите да слетаат“.
Во една прилика кај Старецот дошло некое момче да побара совет. Иако простодушен не можел да му се спротивстави на негативните мисли. Таквите мисли му биле како препрека за секое добро дело кое сакал да го направи. Отец Пајсиј сфатил дека негативните мисли се причина за неговите проблеми и му рекол:
„Еден човек обично говорел: ’Ако се оженам и имам деца, ако моите деца бидат машки и ако има војна, ќе мора да одат во војска, а потоа ќе ги убијат. Значи, нема причина да се оженам“.
Старецот тогаш се свртел кон него и му рекол:
„Зарем не е смешно ова размислување?“
„Да“, одговорило момчето.
Старецот потоа продолжил:
„Биди внимателен, зашто и ти го правиш истото. Имај на ум дека никогаш нема да постигнеш ништо добро, ако размислуваш на овој начин.“

***

Кога луѓето ги мачи некоја страст велат како некоја сила да им пречи да се воздржуваат и да бидат добри. Треба да знаат дека таа сила која им служи како препрека е вкоренета во нив. Таа може да направи да сакаат нешто, но насочена е во погрешен правец. Бидејќи луѓето ги сакаат своите страсти, сосем е природно што не можат да се ослободат од нив. Кога нешто љубите, вие тоа и го сакате и вие не можете да дозволите да си оди зашто едноставно не сакате да го изгубите.
Луѓето прво, мора да ги замразат своите страсти, а потоа да пронајдат нешто подобро, на што ќе ја пренесат својата љубов. Инаку не се во состојба да ја пренесат својата љубов и ќе продолжат да патат“.

***

Многу пати луѓето го прашуваа отец Пајсиј:
„Отец, јас пушам и не можам да престанам. Што да правам?“
„Дали сакаш да престанеш да пушиш“, ги прашуваше Старецот.
„Да, многу пати се обидував да престанам, ама никогаш не успеав“.
„Тогаш нека биде така! Од овој момент повеќе нема да пушиш и Бог ќе ти помогне“.
Тогаш, човекот кој го мачи оваа страст ќе речел:
„Можеби, Старче...“

Старец Пајсиј го прекинал и пред да биде во состојба да ја заврши реченицата му велел со остар, но доверлив тон: „Нема ’можеби’ тоа е готово! Немој да се согласуваш со мислите кои ти велат дека нема да успееш“. Старец Пајсиј сакаше да истакнува дека сме слободни и независни. Ако со нашиот живот управува страста, тогаш тоа е така затоа што ние дозволуваме. Ако останеме робови на некоја страст, тоа се случува затоа што ја посакуваме и сакаме да бидеме нејзини робови.

Во истиот момент кога ќе почнеме да копнееме за својата духовна слобода и посакаме да живееме во Христа, ќе се ослободиме од своите страсти и ќе станеме Божји слуги. Христос сите заповеди ги дал за робовите на гревот, велејќи им се да напуштат и да тргнат по Него. Од тие причини Господ им вели на крадецот: ’не кради’ на неправедниот: ’не прави неправда’ а на развратникот: ’не прави прељуба’.

Ако насилно, а не своеволно му робуваме на гревот, зошто тогаш Господ би барал од нас да го отфрлиме гревот и да Му пристапиме? Бидејќи ни вели тоа сами да го направиме, значи дека им робуваме на своите страсти затоа што ги сакаме и посакуваме. Во моментот кога ќе ги замразиме и својата љубов ќе ја свртиме кон Бога, ние стануваме слободни. Поради тоа најважно е да ја признаеме својата ’болест’ (односно доброволното согласување на зло), да почнеме да ја мразиме и наместо тоа да го засакаме доброто, и веднаш ќе го здобиеме“.


Подготви: Жаклина Стојановска

(Од книгата Солзи за светот
Старец Тихон, старец Пајсиј, старец Порфириј)



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7697
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная