ПРАЗНИК И ЕВХАРИСТИЈА
Одбележувањето на кој било христијански празник е незамисливо, доколку не се извршува евхаристија. Строго гледано, како празнични денови можат да бидат определени само оние денови во кои, според богослужбените типици, се служи литургија. Неучествувањето во евхаристиското собрание го лишува христијанинот од можноста да биде полноправен учесник во празниците. Со други зборови, оние кои не се причестуваат на празникот немаат право да го празнуваат. Свети Никодим Светогорец, во неговото дело „За постојаното причестување“, пишува: „Оние кои постат пред Велигден, а не се причестуваат на празникот, не го празнуваат Велигден. Оние, кои не се подготвени на секој празник да се причестат со Господовите тело и крв, не можат вистински да ги празнуваат ниту неделните денови, ниту другите празници во текот на годината, зашто тие луѓе во себе немаат причина и повод за празнување“.
Господ Исус Христос, роден од Отецот надвор од времето и пред времето, со Своето воплотување го соединува временото со вечното, земното со небесното, создаденото со несоздаденото. Исто како и празникот, евхаристијата која се извршува на тој ден ги надминува ограничувањата на времето и за нејзините учесници тоа се претвора во вечност. Учеството во евхаристиското собрание, на секој празник, го помага постепениот премин на човекот од временото кон вечното. Вистинскиот празник настапува зад пределите на времето, кадешто христијанинот ќе се сретне со својот Создател „лице во лице“. Со други зборови, празникот на Црквата е евхаристијата. Секогаш кога се служи литургија, Црквата се издигнува кон својата небесна татковина, се соединува со Господ Исус Христос за да јаде и да пие на Неговата трпеза во Неговото царство.
Празникот е насочен кон вечноста и истовремено ја пројавува вечноста во времето. Соединувањето на времето и вечноста е можно само преку евхаристијата. Таа, од една страна, има вонвременски карактер, а од друга страна има своја форма, структура и содржина.
Архимандрит Авксентиј
Извор: Скопска епархиија