25/03/2015 Поуки - совети
Писмото на старец Софрниј, како одговор на писмото на некој верник од Кипар, кој му ги открил на духовникот неговите внатрешни борби. Тоа е напишано во последната година од земниот живот на старец Софрониј.
Од 57 години го носам монашкото расно, и мислам дека никогаш не сум ја занемарил мислата за спасението и не сум го сметал за нешто дадено, туку со стравопочит и солзи сум го молел Господ да се смилува над мене и да ги прости сите мои гревови, и да не ме отфрли од подножјето на нозете Негови. Мислам, дека се трудев, со сите мои сили, да не бидам неправеден кон ниту еден човек на Земјата. Се молев и Господ да ми даде доволно храброст, да служам на колку што е можно повеќе луѓе, без да очекувам од нив никаква материјална или духовна плата, туку само го очекував од Господ дарот, да ми ги прости гревовите.
Па, и покрај тоа, целото тоа време, повеќе од половина век, не сум имал периоди на спокојство и сигурност, туку секогаш ги чувствував заканите или најмалиот непријателски однос кон мене. Што и да започнев да правам, дури и нешто малечко, секогаш се соочував со тешки препреки. Речиси сите врати на овој свет беа затворени за мене. Остарев и така и не ја разбрав смислата на тие мои опити. Дали тоа е знак на Божјиот гнев кон мене грешниот, или е нешто друго? Безброј пати се молев на Господа да ми открие зошто се случува тоа, но Господ ми одговараше со… молчание.
Ете зошто ќе ме разберете дека не сум во состојба да ви дадам никакво објаснување на драматичното искуство, кое го доживувате. Но, секогаш сте присутни во нашите молитви со љубов и соучество во вашата мака.
За нас е тешко да го обвиниме Господа и да се оправдаме себеси, но исто така не е лесно да го направиме и обратното, како пријателите на Јов, кои во желбата да станат заштитници на Божјата справедливост, заборавиле на ужасните маки низ кои поминувал Јов.
И така, „кога Господ молчи, ќе молчиме и ние“.
Извор: Преспанско- пелагониска епархија