Како би се поставиле доколку забележите дека некој незаштитен човек е нападнат на улица? Ќе побрзате за да го заобиколите како и вие самите не би биле зграпчени? Ќе повикате полиција и отстрана ќе набљудувате што понатаму ќе се случува? Или ќе прискокнете во неволјата на блискиот?
Да не се залажуваме: во нашето општество се распространети страшливоста, неспособноста да се заштити својот близок и отповикување кон туѓата болка. Најстрашно од сè е кога својата пасивност и слабиот карактер ги прогласуваме како добродетел на смирението.
Еве еден настан што се случи сосема неодамна. Нема смисла да се прераскажуваат сите детали. Но, суштината се состои во тоа што во периодот на активната пропаганда еден дом за сирачиња ги одзеде на една млада мајка нејзините две деца. Приближувајќи се до зградата каде што се наоѓаа дечињата, таа плачеше покрај прозорецот, од каде пак ја гледаа нејзините деца кои, исто така, плачеа, липаа и ридаа. И како врв на сè, ситуацијата вон локалната единица не можеше да се разреши. Во органите за старателство измислуваа најразлични оправдувања од типот: „ ќе ги вратиме децата кога ќе направите ремонт на станот“ или „ќе ги вратиме децата кога ќе се собере комисијата“. Како што подоцна се испостави, ниту им паѓало на памет да ги вратат децата. Сепак, некои од пријателите на страдалното семејство пројавиле активно учество и ги зеле работите во свои раце. Требало да се влезе во повисоки инстанци кои имале надзорна функција во однос на органите за старателство. Административната интервенција од врвот пронаоѓајки цела низа нарушувања во работата на органот за старателство обврза децата да ù се вратат на мајката. Службениците од домот буквално збеснале: “ Кој тоа се вмеша?!“ Но, тоа нека остане тајна.
Наспроти раширеното мислење, доброто – тоа не е нешто налик на срамежлива благост во однос на злото кое се остварува околу нас, не е толерантно ласкање или трпеливост кон кои било облици на општествена несправедливост. Изворната љубов и добрина - тоа е активна сила која никогаш не се помирува со злото, злобата или несправедливоста, во најнеопходниот момент се спротивставува, се бори со нив и ги искоренува.
Во поемата на М. Ј. Љермонтов “ Песна за царот Иван Васиљевич, младиот гардист и среќниот трговец Калашников“ храбриот трговец Калашников не се исплашил да стапи во бој со омилениот гардист на царот Иван Грозни. Зошто? Затоа што гардистот Коробеевич сакал да посегне по семејството на Калашников, да ја обесчести неговата жена, сопруга, не плашејќи се од неизбежната смрт, го надбива противникот.
И сега, како во вакви случаеви да се воспостави сооднос со напоменатиот случај на христијанско смирение и незлобивост?
Изворното смирение, кроткоста, незлобивоста не претставуваат слаби црти во карактерот; напротив, тоа е умеење да се владее со себе, со своите страсти и чувства што претполага внатрешна моќ и сила на волјата. Од една страна, тоа е умеење да се совлада сопствениот гнев како не би го излевале без причина. А од друга – умеење да се даде достоинствен отпор на непријателот кога треба да се заштитат своите блиски.
„ Схиигумен Сава (Остапенко): Која страст е најопасна, и кој грев е најпогубен? Страшливоста и кукавичлукот“.
» Архимандритот Рафаил (Карелин), овековечувајќи го во своите сеќавања образот на многу духовни луѓе со кои што тој се среќавал, наведува интересни согледувања од познатиот старец схиигумен Сава (Остапенко): Кои страсти отец Сава ги сметал за најпогубни за современиот човек? Колку и да е необично, баќушка не ги навел ниту блудот, ниту гордоста. А кога некој го прашал: Која страст е најопасна, и кој грев е најпогубен? – Тој одговорил: Страшливоста и кукавичлукот. Таквиот човек секогаш живее двоен, лажен живот. Тој не може да го доведе доброто дело до крај, секогаш како да маневрира помеѓу луѓето. Страшливиот човек не ја говори вистината; доколку тој не ја надмине таа страст во себе, тогаш најнеочекувано под дејство на стравот може да стане отстапник и предавник“. Кога го прашав: „А како да се надвладее оваа страст?“ Тој одговори: „Надвладувај ја малку по малку, не се надевај на луѓето, во таа смисла ниту на себе, но надевај се на Бога“. А потоа додаде: „Моли се на Мајката Божја – Таа е нашата избрана Војвотка“».
Како да се објасни однесувањето на неки примери од житијата на светиите, на пример, преподобниот Серафим Саровски кој не се спротивставил на своите лични напаѓачи кои го навалиле врз него во шумата? Свети Серафим Саровски на физички план бил многу посилен од нив, но,сепак не им се спротивставил – нему му ја осакатиле клучната коска така што сиот живот тој одел подгрбавен.
Светиот Филарет Московски еднаш произнесе бележити зборови кои би требало да се помнат: «Гадете се од непријателите Божји, поразувајте ги непријателите на Татковината, љубете ги вашите непријатели».
Има три категории непријатели и со секој од нив треба особено да се однесува:
– кон личните непријатели христијанинот е повикан да им простува оставајќи го судот над нив на срцезналецот Бог;
– кон непријателите на Татковината треба да им се даде достоинствен отпор, затоа што, заштитувајќи ја Татковината, ние ги спасуваме блиските од многу неволји;
– кон непријателите Божји пак, т.е на оние кои со предубедување одат против Бога, неизоставно треба да се активираме, со цел, да ги одвраќаме и да ги отклонуваме од заблудите.
Ја истрпуваме навредата кога таа ни се нанесува поединечно како луѓе. Но, во општеството ние се штитиме еден со друг.
Кога светиот Константин Философ (замонашен како Кирил), просветителот на Словените, испратен од византискиот император кај Сарацените за полемизирање околу верата, пристигнал во нивната престолнина, тогаш го слушнал следното колебање: “Христос е Бог ваш, зошто вие не постапувате така како што Он ви наредува? Он ви заповедал да се молите за непријателите, да им чините добро на оние што ве мразат и ве прогонуваат, на оние што ве удираат по образот да им го свртите и другиот, - вие пак не постапувате така: доколку некој ве навреди, вие го извлекувате мечот, поаѓате во војна, убивате. Зошто правите така?„ Слушајќи ги, светиот Константин ги прашал: “ Доколку во некој закон се напишани две заповеди, тогаш, кој човек се покажува како подобар исполнувач на законот: тој ли кој што исполнува една, или оној кој што ги исполнува двете заповеди?„ – “Тој што ги исполнува обете заповеди, поверно му служи на Бога“, – му одговориле. „Правилно, – продолжил светиот. – И така, сега расудувајте понатаму: вистина е дека Христос ни наредил да се молиме за оние што нè навредуваат и да им возвраќаме со добро. Но, Он рекол, исто така, нема поголема љубов од таа да се положи својата душа за своите пријатели. Својата навреда ја трпи секој од нас кога таа ни се нанесува како на поединци. Но, во општеството ние се штитиме еден со друг, го жртвуваме својот живот за вие, фаќајки ги нашите сограѓани, заедно со телото, не би ги заробиле и нивните души принудувајќи ги да се одречат од верата и да сторат богопротивно дело. Па вие, доколку покорите некоја земја, тогаш сите ги принудувате да ја примат вашата вера и ги лишувате од Небесното Царство. Така, нам ни е полесно да предадеме на телесна смрт неколку од вашите воини отколку мнозина од нашите браќа по вера преку вас да умрат со духовна смрт“.
Древнохристијанскиот подвижник, преподобниот Исидор Пелусиот расудувал: “Апостол Павле рекол: “Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе.“ (Рим. 12: 18). Понекогаш тоа станува невозможно кога нештата се однесуваат на благочестието, за справедливоста, за целомудрието, и едноставно кажано, за сите добродетели. Како ќе им биде во светот на благочестивите со нечистивите, праведливите со лажливите или целомудрените со похотливите коишто се подготвени да ја расипат, не само туѓата туку и својата сопствена убавина? „ Избегнувај ги, исто така, и желбите на младоста, туку стреми се кон правда, вера, љубов, и мир со оние, што Го призовуваат Господа од чисто срце!” (2 Тим. 2: 22).
Преподобниот Сергеј Радоњешки давајќи се себеси за пример на најдлабоко смирение никогаш не ги замразувал навредувачите и сметал дека е најдобро да се одалечи од обителта отколку да ги казнува тие што негодувале против него. Сепак, тој на воен подвиг ги благословил монасите Пересвета и Ослјабљу па и самиот благоверен кнез Димитриј Донски за да ги поразат непријателите на Татковината. Како ли неговото лично смирение и кроткост се совпаднале со согласноста за нечие убиство? Се работи за тоа дека смирението на светиот човек ( а постапките на светиите – се пример за углед на секој од нас) – е смирение не пред злото како такво, но пред сè, пред Бога, т.е послушание на волјата Божја. Преподобниот Сергеј живеел според Божјите заповеди, и на Господа угодно му било да ја заштити руската земја од Монголо –Татарите, преку рацете на руските воини, и заради тоа преподобниот, прозревајќи ја Божјата волја, го благословил кнезот и воините на воен подвиг.
Во времето на одбраната на Сергеевата Лавра посветена на „Света Троица“ опколена од страна на полските окупатори во периодот од 1608-1610 година, се покажало восхитувачко чудо. Еднаш при непријателскиот напад, покрај ѕидините на манастирската обител се појавиле преподобните Сергеј и Никон Радоњешки. Непријателите ги распнале своите стрели кои што одвај и да стасале до местото каде што стоеле светиите, туку враќајки се наназад ги поразувале окупаторите. Тие, кои веќе го достигнале Небесното Царство, Царството на евангелските вистини и на земјата ù даруваат достоинствен отпор на непријателите, казнувајќи ги дрските луѓе што ја напаствуваат светата обител!
Од Евангелието знаеме дeка Самиот Господ Исус Христос земал стап и ги избркал оние што ја нарушувале светињата на храмот (спореди: Ин. 2: 15). И доколку целта на христијанството – торжеството на правдата, добрината и вистината, тогаш зоште сме должни да потклекнуваме пред лагата, злото и направдата во нашите земни односи?
Зарем смирението се состои во тоа за да аминуваме на секој груб збор, покорно да се согласуваме со сопствената ничкосаност? Во нашата природа Творецот вложил заштитни функции кои што не треба да се пренебрегнуваат. Така, понекогаш би требало да се ослушнеме на зборовите од песната за мудрата желка Тортилја во приказната „Златното клуче“:„Треба да се бори – бори се“. Затоа можно е да се каже со сета очигледност дека мажественоста – е изворна христијанска добродетел. Во секој случај, светиот Амвросиј Медиолански (†397) во мажествената добродетел издвојува две манифестации. Мажественост во воените подвизи и мажественост во секојдневниот личен живот. Во првиот случај, мажественоста е решителност и способност да се отелотворат барањата за справедливост. Во вториот – мажественоста – е величие и моќ на духот, тој повисок степен на самоконтрола при која човекот ги победува во себе гревовите и страстите, а при секојдневните незгоди на животот го запазува спокојството.
Добродетелта на мажественоста е двострана: таа се манифестира во искоренување на злото внатре во самиот себе и во искоренување на злото во светот што нè опкружува. Бездруго, само имајќи ја мажественоста можно е да се пројави дејствувачка љубов кон блиските, избавувајќи ги од неволји и непријатности на животот.
Патем, светиот Амвросиј Медиолански бестрашно настапил во разобличувањето на императорот Теодосиј Велики (379–395) кога тој ќе одлучи свирепо да се пресмета со жителите на градот Солун кои се побуниле против зголемување на даноците. Речиси целокупното население на градот со децата и старците биле насила внесени во циркус и истребени. Само после наговарањето на светителот, императорот се покајал и одлучил за принесување на покајание да влегува во храмот без императорска одежда. Значи, мажественоста соединета со личната верност кон Бога е способна да ги воведе останатите кон покајание.
Колку ли посакувам мажественоста да претставува одлика на секој современ православен христијанин.
Свештеник Валериј Духанин
3 Ноември 2014 година
извор: православие.ру
со благослов на отец Горан Тасески преведе м-р Пантелеј Кондратјук