логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

  Premin.90c.jpg

 Житие на Старец Јосиф Исихастот

Старец Јосиф Исихастот како личност: осврт кон неговите дела

Premin.90b.jpg

Низ илјадагодишната историја на Света Гора – градината што раѓа светители, познати се бројни светители. Ова е најголемата придобивка која Света Гора ја има дадено на Црквата и на светот. Мнозина од светогорските праведни монаси стадото на Црквата ги препознава и признава уште за време на нивниот живот, некои од нив додека се сè уште живи, некои по нивното упокојување, а има и такви кои сакаат да останат непознати дури и по смртта.
Демокритовото начело „живеј во анонимност“ е главен атрибут на светогорското монаштво. Светогорскиот монах не бара признавање во овој живот и вредно се труди да ги сокрие своите добродетели. Вака живеел свети Силуан Атонски. За време на животот повеќето луѓе мислеле дека тој е обичен монах додека, во суштина, тој бил голем пред лицето на Господ. Дури откако се упокоил, и особено кога неговиот биограф, незаборавниот Старец Софрониј, ја изнесе малата писмена оставнина на Светителот, излезе на виделина неговиот побожен живот.
Нешто слично се има случено и со блажениот Старец Јосиф Исихастот, светогорски монах кој живееше на Света Гора речиси четириесет години во анонимност. Дваесет години по упокојувањето објавени се неговото житие и некои од неговите писма така што светот разбра за неговото учење и неговиот добродетелен живот во Христос.
Старец Јосиф, во светот познат како Франциско Котис, е роден во Лефкес, на островот Парос, на 12 февруари 1897 година. Неговите родители, Георге и Марија биле обични, но благочестиви луѓе. Уште од „утробата на својата мајка“ бил предодреден да оди по стапките на Христос и да стане Негов помошник во спасението на луѓето. Кога мајка му го раѓала, имала видение во кое ангел се обидувал да ѝ го земе бебето. Кога таа се побунила, ангелот ѝ покажал ливче на кое пишувало дека мора да ѝ го земе бебето.
Татко му се упокоил кога тој бил младо момче и поради тоа морал да замине во пристаништето Пиреја за да работи и да му помогне на своето осиромашено семејство (со многуте деца), затоа што бил втор по големина од браќата. Имал шест браќа и сестри. На почетокот работел секаква работа; потоа се приклучил на морнарицата, а подоцна станал трговец на мало. Иако свесно не водел духовен живот, сепак бил правичен и совесен во работата. Се свршил со една добра девојка и живеел во чистота. Никогаш не ја допрел, стравувајќи дека ќе стаса до мигот кога ќе мора да ја бакне.
Но, неговата свршеница умрела од туберкулоза и тој, откако сонил сон, ја сфатил залудноста на светот и срцето почнало да му копнее по монашки живот. Го практикувал она што го читал во светоотечките книги. Постел секои два дена, на планината Пентели седел на дрвја молејќи се, посетувал многу свети места за да ја зајакне својата вера и да добие благослов да го напушти светот. За време на една таква посета на Кефалонија, каде што останал една недела во манастирот на свети Герасим, со свои очи бил сведок на едно чудо кога Светителот исцелил некој човек. Таму од монахињите чул дека Светителот се упокоил на празникот на Успението на Мајката Божја, па му се помолил за неговото застапништво и нему да му се случи истото. Така и станало речиси четириесет години подоцна.
По свадбата на сестра му, го раздал своето мало богатство. Потоа, во текот на раните дваесетти години од дваесеттиот век, горејќи со „невештествен оган“ за кој многумина никогаш и не слушнуваат, дошол на Света Гора за да го живее најсовршениот живот. На почетокот, кратко време живеел во Вигла, близу до [манастирот на] Големата Лавра, барајќи духовни водачи за да го воведат во делото на трезвеноумието. Потоа, осум месеци бил духовно воден од скромниот Старец Даниил Катунакијски. Старецот Даниил, гледајќи ја несопирливата и силна ревност која младиот Франциско ја покажувал за подвижничкиот живот и предвидувајќи го неговиот иден успех, му советувал да се потчини на послушание кон еден прост, постар монах по име Ефрем, кој живеел во колибата на Благовештението во Катунакија. Го замолил со себе да земе и едно од неговите духовни чеда, отецот Арсениј, и откако ќе добијат благослов за послушание од Старецот, разумно да го започнат својот подвижнички подвиг. Така и се случило, и отец Арсениј станал неразделен придружник на Франциско.
За време на нивниот престој во Катунакија, во пештерата на свети Атанасиј, Старец Ефрем го потстрижал Франциско во голема схима и му го дал името Јосиф. Отец Ефтимиј, кој живеел таму, чиноначалствувал на овој настан. Пред упокојувањето на Старец Ефрем, сите се преместиле во скитот на свети Василиј, трагајќи по подобри услови за тихување. Потоа, откако умира Старец Ефрем, младиот отец Јосиф започнува најстрог и натчовечки подвиг на пост, сиромаштво, оскудност и [трпење] неволји. Подвизите ги извршувал напоредно вежбајќи се во умната молитва. За време на нивниот престој во [скитот на] свети Василиј, Старец Јосиф започнува жестока борба против телото и ѓаволот, но исто така бил удостоен и со чудесни посети на божествената благодат. Таму основал и мало братство. Иако многумина пројавувале желба да останат со него, го напуштале не издржувајќи ја неговата строга аскеза – тоа бил исклучително строг и тежок подвиг.
Во 1938 година братството се сели во пештерите на Мала Света Ана, веднаш под ќелијата на познатиот исихаст и духовник, отец Сава. Во летото 1947 година нашиот блажен Старец, Јосиф Ватопедски, се придружува на братството, кое сега е сочинето од отец Арсениј и отец Атанасиј, кој бил брат на настојникот, Старецот Јосиф. Сите други веќе го имале напуштено братството. Во есента истата година, кај нив доаѓа отец Ефрем – подоцна игумен на манастирот Филотеј, додека во летото 1950 година им се приклучува и отец Харалампиј, кој подоцна станал игумен на манастирот Дионисијат. Поучувајќи се од своето искуство, блажениот Старец Јосиф станал малку потолерантен во однос на нивото на аскетскиот напор што го вложувале неговите послушници за разлика од времето кога престојувале во скитот на свети Василиј. Тоа секако не значело дека тој го напуштил својот строг аскетски режим на пост, послушание, тихување, целоноќни бденија и молитва. Исполнет со радост, му велел на отец Арсениј: „Арсениј, сега можам да Му речам на мојот Господ: Сега го отпушташ својот слуга, Владико. Проживеавме навистина суров живот заедно; пролевавме крв барајќи Го Господ внатре во нас. Но мојата постојана тага сиве овие години беше дека мнозина ни се придружија, и имаа полза од нас, но нѐ напуштија. Не можеа да нѐ следат во нашите духовни напори. Си мислев дека ќе се упокојам во Господ со оваа неисполнета желба. Но, гледај! Дури на старост Он ни ги донесе овие неколку последни млади монаси. Сета Света Гора ќе почива на нив. Само сети се на тоа!“
Во 1951 година се преселиле во Новиот Скит, каде што им било нешто поудобно откако тројцата послушници почнале да имаат сериозни здравствени проблеми поради аскетските напори и суровата околина. На крај, им ги дале ќелиите кои му припаѓаат на манастирот Свети Павле, сместени над кулата. Во ова време се открива мисијата на служењето на Старец Јосиф затоа што мнозина монаси од Света Гора и мирјани од светот доаѓаат кај него за совет; го сметаат за расудлив и непрелестен раководител. Се упокоил во Господ на празникот на Успението на Мајката Божја, како што му била       желбата, и во согласност со ветувањето кое Светата Дева му го имала дадено – во петок, утрото на 15 август 1959 година, по Божествената Литургија и по примањето на Светата Причест.
Старец Јосиф беше исклучително силен и храбар, со железна волја. Својот монашки живот го започна интензивно и со огнена ревност, нешто многу ретко во денешно време. Ревноста никогаш не ја загуби, ниту кон крајот од животот – дури и ја зголемуваше, нешто што ретко се постигнува. Низ подвигот и искушенијата тој го носеше крстот на љубовта, во дух на крајно себеодрекување. Максимално се подвизуваше во пост, сеноќни бденија и молитва. За време на Великиот пост јадеше само 80 грама брашно, приготвено со малку вода и сол. Останатото време јадеше храна колку што собира една мала конзерва од сардини, тоа му беше за цел ден. Оваа оскудна количина беше приготвена и без масло, освен во сабота и недела. Вака тој се подвизуваше триесетина години додека да се собере последното негово братство. Во првите осум години од неговиот подвиг, никогаш не спиеше на кревет, туку сонот го совладуваше седнат на мало столче. Поминуваше во бдение од зајдисонце до мугри до крајот на својот живот.
Беше немилосрден кон себеси и не го напушташе своето правило за пост и бдение дури и кога беше болен. За да истрае во искушенијата изнаоѓаше начини кои на нашата генерација ѝ се чинат неверојатни, но тој стравуваше, како што самиот велеше, од најлошиот непријател на монасите: небрежноста. Некои го обвинуваа дека е опрелестен поради строгиот подвиг што го практикуваше. Вака небрежните монаси им се противат на совесните и ревносни браќа. Вака и свети Силуан Атонски бил обвинуван од своите собраќа, припишувајќи му дека наводно бил и проклет.  
Старец Јосиф беше добродетелен маж. Одлучно копнееше и се бореше за стекнување на добродетелите. Тој се стремеше кон совршенство. Како мирјанин беше правичен и благочестив, иако сѐ уште Го немаше опитно познаено Господ. Кога работел како кондуктер, бил доволно совесен да ги поништи сите билети кои забрзаните патници ги купувале, но не ги подигале.
Неуморно се бореше и беше удостоен со дарот на совршена чистота. Во едно од своите писма признава: „Заради тоа, се борев со телесната страст најмногу од сѐ. Чистотата ми се даде како дар до таа мера што не ме погодува било да е тоа маж или жена. Никаква страст не се покренува во мене. Како дар од Господ и чувствено ја стекнав добродетелта на чистотата“.
Тој го засака смирението, и го сметаше за вистинска состојба на себепознание. Смирението не е „смиренословие“, како кога велиме „грешен сум“ и слично. Смирението е вистината. Имено, да се увериш дека си ништо. Старецот кажува дека „ништо“ е состојбата на светот пред Господ да го создаде, т.е. ни од што. Монахот го привлекува присуството на божествената благодат доколку се вежба во самоосудувањето, што, пак, претставува смирение на дело.
Како вистински исихаст и подражавател на светителите Арсениј Велики и отец Исак Сирин, Старец Јосиф плачеше многу во текот на целоноќните бденија и молитви. Веруваше дека ако не пролеваме солзи секогаш кога си спомнуваме за Господ, тогаш сме во незнаење и гордост, и имаме тврдо срце.
Иако беше необразован во световна смисла на зборот, многу сакаше да чита и да ги изучува духовните книги. Особено настојуваше често и редовно да ги чита Светото Писмо и светоотечките книги. „Духовното изучување е како духовно огледало, при што ги бараме своите грешки и слабости, и го исправаме својот живот; а сме побудени и на божествена ревност. Тоа е како светлина во мракот“, кажуваше тој.
Старецот препорачуваше секојдневно читање на Новиот Завет. Велеше дека секогаш во џеб треба да си ја имаме книгата на Новиот Завет и да читаме од неа штом останеме слободни. На тој начин: „Господ ве просветлува и ве води да се придржувате до Неговите заповеди. Тој ја надоместува љубовта внатре во вас и ви покажува како да Го подражавате“, велеше Старецот.
Тој веруваше дека целиот подвижнички живот на монахот е залуден ако не е разумен. На ниту еден друг дар не обрнуваше толку внимание како на разумноста и со восхит заборуваше за неа. Ја опишуваше како совршено оружје во битките на невидливата борба, особено кај монасите. „Потребна ви е сол, деца! Потребна ви е сол!“, велеше, мислејќи на добродетелта на разумноста.
Старец Јосиф беше голем подвижник и приврзаник на умната молитва. Целиот живот тој постојано ја практикуваше умствената молитва. Неговото опитно познавање на умствената молитва беше како професионалното знаење кое луѓето го стекнуваат во својата професија или во уметноста. Секоја ноќ си имаше зацртано да ја кажува Исусовата молитва по над шест часа без да му заскита умот. Живееше во состојба на постојана молитва.
Господ му го имаше дадено дарот на молитвата: имено, умната и чиста молитва во срцето. Оние кои се вежбаат во молчанието на умот се стремат да достигнат до соединување на умот (νούς) со срцето. Кога ова ќе се постигне, се истерува секоја духовна темнина која ја зафатила душата. Тогаш, целиот човек, како соединета психо-соматска целина, ужива во мирот, радоста и сладоста на Светиот Дух; умот се очистува.
Неговото главно духовно наследство за неговите духовни чеда беше практикувањето на умната молитва. Ги поттикнуваше на следниов начин: „Секој кој сака нека се обиде. Кога практикувањето трае доволно долго, тој во себе ќе го најде рајот. Достигнува ослободување од страстите; станува поинаква личност. А, пак, штом живее и во пустина, тогаш не може да се искаже ползата од умната молитва!“
Блажениот Старец, кој неколку пати опитно го имаше доживеано божественото познание, беше станал „сигурен во верата“ според зборовите на свети Исак Сирин. Оваа внатрешна вера, т.е. созерцателна вера, е над догматската вера. Созецателната вера дејствува во оние коишто созерцуваат; односно, во оние кои Го гледаат Господ со своите духовни очи. Тој секогаш ѝ даваше предност на верата над знаењето произлезено од размислување. Велеше: „Кога настапува овој вид вера, целосно престанува знаењето, кое се сомнева во сѐ и ја намалува верата, а понекогаш и ја поништува“. Од суштинска важност е да забележиме дека тој имаше апсолутна вера во Божјата промисла дури и за најбезначајните и секојдневни прашања. Секогаш нагласуваше: „Каде е Господ? Бог секогаш помага, секогаш доаѓа на време, но мораме да бидеме трпеливи“.
Неговото срце гореше со силен божествен Ерос кон Исус и Пресветата Дева. Тој ја позна енергијата на несоздадената божествена љубов како динамичен двиг кон Изворот на љубовта, односно кон Христос. Писмата на Старецот изобилуваат со такви соголувачки тајни, духовно полетни движења, кои извираат од богољубивата душа. Така, тој поттикнува: „Ако ја засакате умната молитва, морате да плачете и жалите барајќи Го Исуса, а Тој ќе ви се открие како пламена љубов, која ги растерува сите страсти... Срцето мора да биде така осветлено со ваквиот божествен Ерос и пулсирачка љубов така што со самото слушање или изговорање: ‘Господи Исусе Христе, преслатка љубов моја!’, или ‘Најслатка Мајко, Пресвета Дево!’, вашите очи веднаш ќе се наполнат со солзи.“
Честопати, после навистина тешки искушенија и големи страдања, Пресветата му се јавувала за да го утеши. Секогаш нагласувала: „Зарем не ти кажав да се надеваш на Мене? Зошто се обесхрабруваш?“ Еднаш, во малечката црквичка посветена на свети Јован Крстител во пештерата на Мала Света Ана, Мајката Божја се појавила од постолјето каде што стоела Нејзината икона, и му рекла: „Еве, земи Го Христос!“ Меѓутоа, Старецот се преплашил и не се помрднал. Потоа, Светото Дете со раката трипати го помилувало челото и главата на Старецот, исполнувајќи му го срцето со несоздадената светлина и со божествена утеха.
Примајќи ја божествената благодат во целата нејзина полнота, Старецот успеа да го достигне највисокиот степен на емпириска теологија и да стане совршен теолог преку божественото просветлување на неговиот харизматичен ум. Според Старецот, теологијата е резултат на постојана божествена благодат. Кој ќе ги преобрази своите чувства, ќе го смири умот и ќе го очисти своето срце преку послушание и тихување, ќе биде посетен од божествената благодат и ќе се здобие со светлината на духовното познание. „Тој се исполнува со светлина, трезвеноумие, станува целомудрен и изобилува со теолошки значења до таков степен што и тројца да запишуваат нема да ја стигнат реката на благодатта која брановито извира, и разлева крајно мирување врз страстите во целото тело“.
Старец Јосиф беше современ светогорски монах, кој опитно го спозна монашкиот начин на живот, автентично и детално. Многу други праведни Старци се истакнуваат денес. Но, за деликатните точки на монашкиот живот тие не оставиле наследство ниту, пак, влијаеле врз оние со добра волја – „оние што се спремни да примат“ – на нивно приведување кон монашкиот пат како што правеше Старец Јосиф. Со неговиот експериментален начин на живот тој повторно го воведе учењето за исихазмот на свети Григориј Палама во современото светогорско монаштво, и воопшто во Православието. Оправдано се смета за продолжувач на исихазмот и Преданието кое се стреми кон добродетелта, многу придонесувајќи за духовното заживување и повторното населување на Света Гора.
Поранешниот игумен на великиот манастир Симонопетра, Старец Емилијан, кој ги поддржува учењата на Старец Јосиф и ги пренесува на неговите безбројни духовни чеда, ќе напише за Старецот: „Блажениот Старец Јосиф Исихастот стана бисер на современата светогорска историја успевајќи во тешки времиња повторно да ја заживее вековната исихастичка пракса и молитвениот опит на Света Гора. Преку усогласената и бескрајна практика и духовна дисциплина, и преку образувањето на неговите духовни чеда, тој ја подготви новата генерација која ќе ја практикува непрестајната Исусова молитва, надминувајќи ги и границите на Грција“.
Се проценува дека повеќе од илјада монаси и монахињи се директни духовни потомци на Старец Јосиф. Духовното раководство на шест манастири, еден скит и многу ќелии на Света Гора, осумнаесет манастири низ Грција, шест во Кипар, дваесет во САД, два во Канада и еден во Италија се заслуга на блажениот Старец Јосиф Исихастот. Бидејќи Старецот можеше да го предвиди ова збиднување, осум месеци пред неговото упокојување во декември 1958 година, ги подели своите ученици на четири групи. Ова е невообичаено на Света Гора, бидејќи обично, првите што ќе му се придружат на братството го преземаат водството. Меѓутоа, тој веќе знаеше дека неговите ученици подоцна ќе станат игумени и Старци на големите општожитија.
И покрај тоа што Старец Јосиф живееше далеку од луѓето, тој беше свесен за страдањата во светот. Тој правеше сè што може за да ги утеши, да помогне, да ја намали болката и да им биде од корист на сите што го посетуваа, му пишуваа или бараа да се моли за нив. Малкуте сочувани писма што ги напишал го покажуваат мисионерскиот дел од неговиот живот.
Најголемиот дел од својот живот го посвети молејќи се за овој свет. Кога достигна бестрастие и стана „чист по срце“ – а ова се случи по осум години монаштво – тој стана сад на благодатта, застапувајќи се со своите молитви за спасение на човештвото. Тој можеше да ја почувствува и да сострадува со болката на човештвото; се застапуваше пред Бога за секоја несреќна душа да најде спасение.
Неговиот биограф кажува: „Еднаш, видов дека е вознемирен и го прашав што го мачи. Тој загрижено ми рече дека некој што го знаеме страда и бара помош“. Не можеше да слушне нешто вознемирувачко за некој, а да не заплаче сострадувајќи или молејќи се за него. Тој Го молеше Исус и него да не го прима во рајот ако прво не го прими или утеши неговиот брат. Усрдно се молеше сè додека неговите собраќа не добија духовна полза. Срцето му беше толку големо што можеше сите да ги смести во него. Целото битие му достигна огромни размери бидејќи огнено се молеше за човештвото. Иако беше многу строг, дури и немилосрден кон себеси, беше многу кроток и сочувствителен кон другите. Тоа е особина на еден вистински православен подвижник.
Неговата љубов и сострадување кон неговите ближни може да се видат и од овој пример: Пред да избие Втората светска војна, еден млад човек, болен од туберкулоза, патуваше низ манастирите и скитовите на Света Гора да види дали некој ќе го прими и потстриже во монах. И покрај неговата ревност, никој не сакаше да го прими бидејќи се плашеа од инфекција. Некој го посоветувал: „Само Старец Јосиф од Мала Света Ана има доволно љубов за да те прими“.  
Старец Јосиф само што го виде, веднаш го засака и беше известен од Бога да го задржи. И покрај негодувањето на останатите членови од братството, тој го прими и му изгради посебна ќелија, малку подалеку од останатите. Тој лично се грижеше за него и секоја ноќ го учеше како да ја кажува умната молитва, бодрејќи го да биде трпелив и благодарен на Бога за оваа мака. Исто така, му ветуваше дека Христос ќе го прими како маченик. Го потстрижа и му го даде името според свети Василиј Велики, кој исто така бил болен. Младиот монах, Василиј, малечкиот Василикис како што го нарекуваше Старецот, по молитвите и под раководството на Старец Јосиф успеа да дојде до добра духовна состојба и покрај физичката немоќ и болките од болеста. Меѓутоа, неколку месеци подоцна се упокои во Господ. Вечерта, на четириесетиот ден од неговото упокојување, додека Старец Јосиф се молел во својата ќелија видел како светлина влегува во собата. Всушност, можел да го види отец Василиј. Отец Василиј се поклонил пред Старецот за да го прими неговиот благослов и му се заблагодарил за сè што направил за него додека бил жив; му рекол дека Христос го вброил во редот на мачениците – како што Старецот му претскажал.
Старец Јосиф Исихастот беше водечка фигура. Останатите светогорци во него гледаа опитен, прониклив Старец и тајноводач во монашкиот живот. Не случајно неговото братство беше формирано „од она што веќе го имаа“ додека беа во местото посветено на свети Василиј. Ова братство, покрај отец Арсениј и отец Атанасиј, ги вклучуваше и отец Герасим Менагијас (поранешен професор по хемија на универзитетот во Женева), отец Спиридон Кампанаос (прочуен доктор од манастирот на Великата Лавра) и отец Атанасиј Балсамакис (фармацевт). Фактот што тројца прочуени научници, постари од него и со подолго искуство во монашкиот живот, покажаа послушност кон еден непознат Старец сведочи дека Старец Јосиф поседуваше извонредни духовни способности и добродетели. Кога се сретнавме со Старец Софрониј од Есекс и го прашавме за Старец Јосиф Исихастот, тој извика: „Го имам сретнато; го посетив трипати во пештерите на Мала Света Ана и имав впечаток дека седам спроти еден духовен генерал!“
Многу светогорски монаси и мирјани кои знаеја за неговата духовна состојба го посетуваа и го прашуваа за совет и за духовни прашања. За оваа мисија Старецот напиша: „Многу луѓе доаѓаат овде од различни манастири и скитови од Света Гора. Со Божјата благодат им кажуваме што ни дава Бог.“ Неговиот придонес се чувствува многу пошироко од Света Гора и Грција. Тој вели: „Постојано им пишувам на сите што ме прашуваат. Оваа година ме посетија од Германија само за да дознаат за умната молитва. Луѓе од САД ми пишуваат со толкава ревност. Луѓе од Париз непрестајно ми поставуваат прашања“.
Неговото срце кое беше очистено со практикување на добродетелите, неговиот просветлен и остроумен ум од молитвата и љубовта која ја покажуваше кон своите сонародници и природата, му ја овозможија состојбата која Адам ја имал пред падот. На овој начин, преку божествената благодат тој покажуваше знаци кои природно се необјасниви. Старецот, секако, не ги покажуваше и воопшто не обрнуваше внимание на вакви настани. И покрај тоа, ние ќе наведеме неколку примери како сведоштво за нашето излагање.
Кога живееле со отец Арсениј во скитот посветен на свети Василиј, глувци им го јаделе сувиот леб. Една вечер, ненадејно ги фатил и им рекол на глувците: „Не може вака да продолжиме. Вака ќе направиме. Ќе го поделиме лебот на два дела, еден дел за вас и еден за нас. Вие ќе го јадете само вашиот дел и нема да се допирате до нашиот“. Глувците навистина го послушале и правеле како што им рекол! Честопати, додека се молеше во својата ќелија, мноштво птици ќе се собереа на прозорецот и ќе почнеа весело да цвркотат. Самото негово присуство ги привлекуваше бесловесните животни, создавајќи врска како онаа во рајот.
Во почетокот на триесетите години, додека сè уште биле во скитот на свети Василиј, блажениот Старец Јосиф со своите духовни очи преку Светиот Дух ја видел смртната опасност која го демнела неговиот брат Никола – тој бил обвиткан со кабли со висок напон додека работел на еден електричен далновод во Атина. Старец Јосиф го спасил брат му со својата молитва. Подоцна, Никола се замонашил и го добил името Атанасиј. На сличен начин тој со својата молитва спасил еден монах наречен Давид, кога мечка сакала да го нападне во градината во манастирот Свети Павле. Во една друга прилика, додека сè уште биле во пештерите на Мала Света Ана, можел да го види целиот пат по кој отец Атанасиј одел од манастирот Свети Павле до пештерите. Подоцна, Старец Паисиј ќе го спореди овој вид на видение со „гледање телевизија“.
По неговото упокојување, им се јавувал на духовните чеда како и на непознати, пренесувајќи им ја божествената благодат и објавувајќи им ја Божјата волја. Дури и денес им се јавува на млади луѓе, нам познати, и ги охрабрува да го следат монашкиот живот. Утешува многу монаси и монахињи во нивните искушенија. Му рекол на еден монах дека патот кон спасението е практикувањето на трезвеноумието и внатрешен духовен подвиг. Долго време разговарал со светогорскиот Игумен за духовни прашања. Една вечер ѝ се јавил на една жена од Крит и дискутирал со неа за многубројните еретици кои ја опкружувале. Наредниот ден жената видела слика од Старецот во една книжарница и дознала дека човекот што разговарал со неа, всушност, бил мртов со години. Во Тексас, му се јавил на еден протестантски работник во манастирот посветен на Архангелите и го благословил. Работникот подоцна станал катихумен во Православната Црква. Од неодамна ѝ се јавил на една бремена жена во Кипар, која била многу загрижена за бременоста. Ја утешил и ја благословил. Подоцна, сѐ било во ред и жената се породила по природен пат.  
Како заклучок би можеле да кажеме дека блажениот Старец Јосиф Исихастот, кој се држеше понастрана од светот и светските грижи, кој бараше осамување во најаскетските и најизолираните делови на Света Гора, во скитот Свети Василиј и пештерите на Мала Света Ана, беше способен да влијае врз најблискиот круг на луѓе и врз сите оние што бараа совет од него. За време на последните години во Новиот Скит неговото влијание и авторитет како духовен носител на божествената благодат беа појасно изразени и очигледни, како за монасите така и за мирјаните. Меѓутоа, по неговото упокојување блескавата жетва на неговите подвижнички борби стана посебно позната низ целата планета преку малкуте негови објавени ракописи – кои, пак, изобилуваат со божествената благодат; но и преку неговите наследници и духовни потомци. Неговите ракописи се преведени на осум јазици. Зборовите „по плодовите ќе ги познаете“ се исполнија во Старец Јосиф (види Матеј 7,16), односно квалитетот на дрвото се познава по плодот што го дава. Веруваме дека ова дрво нема да престане да ѝ ги дава на Црквата своите сочни плодови, кои во себе го носат вистинскиот и совршен духовен живот во Христос. Амин.


Архимандрит Ефрем Ватопедски,
игумен на манастирот Ватопед

превод од англиски јазик:
Македонка Божиновска

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7698
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная