(манастир Св.Пантелејмон, с.Нерези -Скопјe, септември 2007г.)
Интервју со епископ Иларион (Алфеев) за римокатоличкиот весник
Inside the Vatican
извор: OrthodoxNews
ITV: Епископ Иларион, сите сакаат да знаат зошто ја напуштивте средбата во Равена на 9 октомври? Како беше возможно да се случи тоа во последен момент? Дали присуството на Естонската делегација беше нешто, за кое не знаевте пред да пристигнете?
Епископ Иларион Алфеев: Прво, не ја напуштив само јас средбата. Тоа го направи целата делегација, која се состоеше од мене и отец Игор Вижанов. Решението да ја напуштиме средбата не беше мое. Тоа беше решение на Епископскиот собор на Руската православна Црква од 2000 година, на коешто јас не можам а да не се потчинам. Освен тоа, по молба на Митрополитот Јован Зизјулас, јас обавив телефонски разговор со митрополитот Кирил, за да прашам како да постапам, и одговорот беше дека јас и отец Игор треба да ја напуштиме средбата. Така, тоа решение не беше мое – тоа беше решение на Руската Православна Црква. Многу е важно тоа да се знае, да биде објавено. Јас не мислам дека на ниеден начин сум одговорен за решението, кое не беше мое. Но, секој еден од нас ја претставува својата Црква.
Второ, списокот на учесниците не беше познат пред јас да пристигнам. Всушност, од самиот почеток на официјалниот римокатоличко-православен дијалог од 1980 г. до 2007 г. списокот на учесниците остануваше непроменет и средбата во Равена беше првиот пат, кога Константинополската Патријаршија еднострано реши да повика претставници од таканаречената Естонска автономна Црква. Тоа беше едно непријатно изненадување, особено ако се има предвид дека Константинополската Патријаршија ја знае позицијата на Руската Православна Црква објавена на нејзиниот епископски собор во 2000 г. На тој собор беше решено, дека ние не можеме да учествуваме на официјална средба, на која присуствуваат претставници на тнр. Естонска Православна Црква.
Има многу автономни и афтокефални цркви, кои од различни причини не се сеопшто признаени од православниот свет. На пример тоа се афтокефалната Православна Црква во Америка и автономната Јапонска православна Црква: тие никогаш не биле поканети на такви дијалози со оглед на тоа дека Константинополската патријаршија не го признава нивниот сегашен статус. Ако треба да биде поканета тнр. Естонска православна Црква, која е автономна структура на Константинополската патријаршија, зошто да не ги поканиме и тие Цркви? Зошто тогаш да не ја поканиме Украинската православна Црква, која има автономен статус под омофорот на Московската Птаријаршија? А автономната Латвијска Православна Црква? А Естонската православна црква која принадлежи на Московската Патријаршија, и исто така има автономен статус?
Ако составот на православната делегација од Мешаната комисија треба да биде променет, тоа треба да се случи со согласност од сите Православни Цркви. Ако и тогаш нема таква согласност, тогаш најбезболно е да се запази составот на православната група таков, каков што тој бил на почетокот – додека прашањето не се реши на сеправославен собор.
ITV: Што ќе се случува понатаму? Ќе има ли друга средба? Има ли некаква веројатност, христијаните да бидат во општење едни со други или поделбата ќе продолжи – можеби уште илјада години, а можеби и засекогаш?
Епископ Иларион: Се надевам, дека до наредната средба на Мешаната комисија, која веројатно ќе се одржи за две години, ќе биде изнајдено некакво решение, кое ќе им дозволи на Православните Цркви да работат заедно во единомислие и согласност, како што беше пред Равена. Во меѓувреме Руската православна Црква ќе го разгледува прашањето за првенството во Вселенската Црква од богословски аспект. По решение на Светиот Синод, Богословската комисија на Московската Патријаршија доби мандат да го разгледа тоа прашање и да подготви соодветен документ. Тој документ ќе биде основата на која Московската патријаршија ќе ја изгради својата позиција во понатамошната дискусија по прашањето на преемството, во рамките на Мешаната комисија ако се вратиме во неа. Велам “ако“, зашто можноста да се вратиме во Комисијата во голем степен ќе зависи од позицијата на Константинополската патријаршија.
Само Господ знае дали и кога ќе биде надминат расколот помеѓу Римокатоличката и Православната Црква. Но јас верувам дека ние треба да работиме на тоа. И јас сум длабоко нажален што црковната политика ја поткопува нашата работа. Во време кога треба успешно да изнајдеме нови патишта за приближување едни кон други, ние покажуваме разединетост и несогласие.
Сепак, јас сум задоволен, што освен Мешаната комисија има и други механизми за римокатоличко-православна соработка и уверен сум дека во иднина ќе бидат создадени уште повеќе такви механизми. На пример, постои цел спектар од взаемни односи помеѓу Римокатоличката Црква и Руската Православна Црква. Постои културна размена, размена на академско ниво, како и многу други примери за соработка. Тоа ни дава надеж за еден голем напредок во нашите односи во блиска иднина. Таков напредок би бил исклучително поволен и особено посакуван.
ITV: Каква е улогата на “ап. Петровата служба“ во православното богословие и пракса?
Епископ Иларион: Ние немаме богословие за “ап. Петровата служба“ на ниво на Вселенска Црква. Во нашата еклисиологија нема место за таквa идеја. Ете зошто Православната Црква во продолжение на вековите се спротивставувала на идејата за вселенска јурисдикција на било кој епископ, вклучувајќи го тука и Римскиот. Ние признаваме дека постои определен ред, според кој следува да бидат спомнувани претстојателите на помесните Цркви. Во тој ред Римскиот епископ заземал прво место до 1054 година, а после тоа првенството според редоследот во Православната Црква е префрлен на Константинополскиот Патријарх, којшто до схизмата бил втор по ред. Но, ние веруваме дека сите претстојатели на помесните Цркви се еднакви меѓу себе и ниеден од нив нема јурисдикција над некој друг.
ITV: Деновите за дискусија, кои продолжија без вас, донесоа ли нешто интересно или полезно?
Епископ Иларион: Јас незнам до каков заклучок дошол соборот, зашто таков документ сеуште не е објавен. Откако ќе биде објавен, Московската Патријаршија внимателно ќе го разгледа.
ITV: Имаше ли нешто особено кое сакавте или планиравте да го кажете во Равена?
Епископ Иларион: Мојата намера во Равена беше, засилено да работам и како член на Мешаната комисија и како член на нејзиниот редакциски комитет. Пролетта, оваа година, Редакцискиот комитет имаше средба во Рим и ние успешно ги разрешивме проблемите кои се создадоа за време на пленарната средба на Комисијата во Белград, во 2006 г. Јас имам цврста основа да верувам, дека ако нашите предлози беа прифатени во Равена, ние би се придвижиле напред и би го завршиле документот. Најверојатно тој документ веќе е завршен, но бидејќи јас не учествував во дискусиите, јас не сум компетентен да кажам дали нејзините заклучоци ќе бидат прифатливи за мојата Црква.
Отсуството на Московската патријаршија од оваа етапа на работа на Мешаната комисија, според мое мислење, создава проблем во целата работа на Комисијата. Знам дека Константинополската патријаршија не го дели моето мислење. Митрополитот Јован Зизјулас ми кажа мошне јасно пред сите останати православни делегати: “Ако една Православна Црква го напушти дијалогот, останатите ќе го продолжат“. Но, Московската патријаршија претставува повеќе од половината на православното христијанство во светот. Без неа, римокатоличко – православниот дијалог ќе биде всушност дијалог на Римокатоличката Црква со помалку од половина од Православната Црква.
Разбирам дека римокатолиците гледаат на целава ситуација како на “внатрешноправославен проблем“. Тоа е удобна позиција. Но, јас сепак сметам дека оваа ситуација би требало да ги интересира и нашите римокатолички партнери, ако сакаат овој дијалог да биде навистина легитимен и да ги вклучува сите. Треба да бидат направени некои општи напори, за да се избегнат вакви ситуации во иднина.
превод: М.З.
Посети:{moshits}
Николај Балашов, е име кое значи многу во руската црковна дипломатија. Тој е секретар на одделот за комуникации на РПЦ со останатите помесни цркви, можеби еден од најупатените за црковниот спор во Македонија.