Со благодарност кон Бога за Неговата милост во годината што измина, ги споделуваме со вас оние настани и збиднувања што оставија белег во манастирот „Зрзе“ во 2011 година
Претходници и наследници
Во март, на третата седмица од великиот пост, монашкото братство се пресели во новоизградениот владички конак. Тоа е нашиот привремен дом, во кој трпеливо ќе ја исчекуваме доизградбата на новиот монашки конак. Тој, според установениот план, се постави на основите на стариот, изграден во триесеттите години на минатиот век. Иако речиси цело едно столетие му одолеваше на забот на времето, сепак последниве две децении, од денот кога се вселивме во него, одблиску ни ги покажа сета своја ислуженост, ранливост и немоќ, за да биде тоа што бил, крепко монашко засолниште. Изгниените дабови греди, распуканите и растресити камени ѕидови, распаднатиот малтер и застарената инсталација бараа скора и темелна обнова. Дојде време за нов.
На Крстопоклона недела, на последната литургија служена во параклисот „Свети Георгиј“, кој се наоѓаше во стариот монашки конак, му заблагодаривме на Бога за нашиот веќе дотраен дом во кој, според запишаното од нашите претходници, свои монашки гнезда свиле над три генерации монаси.
До денес, вреден за помнење беше споменот и уште посилно врежан впечатокот, кога при напуштањето на тој простор и при преселбата на наследените предмети останати од нивното време, изобилно ни се откриваше љубовта на овие луѓе кон местото на нивниот монашки подвиг. Нивните дела говореа за нивните ликови. Нашите духовни предци од тука, од зрзеските келии во часот на смртта, посетени и придружени од небесните жители, тивко ја напуштаа земјата, со надеж на воскресение и живот вечен. Ѕидовите беа неми сведоци на тие чудесни премини. А ние, нивните наследници и следбеници, надградувајќи се на нивното севкупно наследство и испросувајќи благослов од Оној што во секое време сé ново твори, Му оставивме Нему на Неговиот посед, како добар Домаќин, да ја гради куќата.
Мое е она што сум му го дал на другиот