Натпреварувајќи се со Пасха во својата торжественост, празникот на Христовото Раѓање принуден е да причека, иако тој се појавил во самите први времиња на христијанството, уште во апостолскиот век. Дури е тешко и да си замислиме дека христијаните не можеле да не го празнуваат денот на раѓањето на Својот Спасител, да не се „сеќаваат“ и да не го „светат“ тој ден. Всушност, тоа ни од далеку не било така, и тоа од многу едноставна причина.
Не е случајност што христијаните уште одамна, според обичајот, не го празнуваат денот на своето раѓање, туку својот именден, денот на своето крштевање, и тоа многу пофално и трогателно. Со тоа христијаните докажувале дека не била голема радост за светот, па дури ни за нив самите, дека на земјата се родил уште еден грешник, ако во свое време не се преродел во праведник (праведник, според крајната мерка на возможност), преку Тајната на Крштението. Доколку би го немало духовното раѓање, за својот роденден христијанинот би можел да кажи заедно со многустрадалниот Јов: „Нека е проклет денот, во кој се родив, и ноќта во која рекоа – се роди дете!“ (Јов 3: 3). Овој презрителен и потценувачки поглед на денот на телесното раѓање, отсекогаш бил близок во христијанството, особено во раните векови, отколку во подоцнежните и современите. Не е лесно да се сфати ова, но навистина, древните христијани денот на раѓањето на човекот го нарекувале „ден на смртта“, и тоа звучело мошне сериозно. А за денот на смртта на мачениците најприфатлив термин бил „natalitia“ – роденден.
При еден таков поглед на роденденот, воопшто, зарем на христијаните би можело да им дојде на ум да го празнуваат и денот на раѓањето на Спасителот? Навистина, Неговото раѓање било толку многу необично, било толку среќно за светот, така што и не може да се споредува со било кое човечко раѓање на земјава. Но, тогашните христијани можеле искрено и убедително да повторуваат со апостол Павле: „Затоа ние отсега никого не познаваме по тело; иако Христа Го познаваме по телото, но сега веќе не Го познаваме“ (2, Кор. 5: 16). Христос за нив бил небесен човек, втор Адам, Господ од небесата, така што нивната мисла не можела доволно љубовно да запре на Неговото плотско раѓање. Доволно продуховени биле тогашните христијани, така што малку ги интересирала плотта. Оној, кој вниамтелно ги читал посланијата на апостол Павле, тој навистина е поразен од неговото кристално-духовно „мудрување“ за Христа, од неговиот поглед за Него, па така ќе сфатиме дека, при еден таков поглед, од точка на разбирање на Христа од таа страна, многу повеќе се сакало да се празнува Неговото Воскресение, Вознесението на небо, испраќањето на Светиот Дух, отколку Неговото раѓање „по плот“...
Без преувеличување, слободно може да се кажи дека древната Црква била принудена од надворешните влијанија да востанови празник во чест на тој настан, но лесно можеме да заклучиме дека многу порано, пред да се празнува празникот на раѓањето, Црквата почнала да го празнува денот на Неговото крштевање. Но, и овој ден таа почнала да го слави не целосно по своја волја. Во раната Црква, овој празник почнале торжествено да го слават еретиците – гностици, а бил воведен затоа што тие му придавале многу големо значење во животот на Спасителот на Неговто крштение. Климент Александриски (III век), со тон на некакво неодобрување говори: „Следбениците на Василид го празнуваат и денот на Неговото (Христовото) крштение, поминувајќи ја целата претходна ноќ во читања“ (Стромати). Од друго место, од истиот писател, го дознаваме погледот и ставот на василидијаните за настанот на Христовото крштение: „Бог Го испратил својот Ум, првиот извор на Божеството, и тој како гулаб слегол во Јордан на исуса, Кој дотогаш бил прост човек, подложен на гревот“. И, треба да се кажи дека, во ереста, особено во гностицизмот, христијаните биле привлечени не од нивното богослужење или мудрување, туку од изобилството на хармонични и убави песни и пеења. Затоа било потребно на гностичкиот празник да му се стави противтежа, свој празник, дотолку повеќе што основата на таквиот празник се базирала не на нешто друго, туку на самото Евангелие, па тогашната Православна Црква востановила и кај себе торжествен празник во чест на Христовото крштение и го нарекла Богојавление, нагласувајќи ја мислата и догмата дека во тој ден Христос не постанал Бог, туку се јавил како Бог, се покажал како Бог, како Еден од Троица. Но, се мислело дека ова е недоволно, па за да се поткопа уште повеќе лажното умување на гностиците, тогашната Православна Црква кон споменот на крштението го присоединила и споменот на Христовото раѓање, така што името на денот – Богојавление, добил уште повеќе во своето вистинско значење. На таков начин, и крштението и раѓањето, се празнувале во еден ден под заедничко име – Богојавление, и тоа на 6 јануари. Најверојатно, така било во IV, V, па дури и во еден период од VI век во Палестина, Египет и други места на Исток, според сведоштвата на современите писатели (Касијан, Козма Индикоплевс и др.). Ерменската Црква, која се одделила од католичанската (соборната) во таа епоха, ја сочувала таа пракса досега. Таа го празнува денот на Христовото раѓање на 6 јануари и нема одделен празник, посветен на Неговото крштение.