ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот
Христов апостол Кодрат
21 септември / 4 октомври
Светлината Христова преку тебе о Апостоле Кодрате,
го посрами мудрувањето елинско,
но гордоста на тие што седат во смртна сенка удри по телото.
Темнината незнаејќи дека словото е храна за верниот во Христа,
сама ја раздра својата наметка,
и затоа спасението по твоите молитви за нас е верно во Господа.
Слава Тебе Боже за Твоето долготрпение.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов маченик
Евсевиј Финикиски
21 септември / 4 октомври
Исполнувајќи се со Божествена ревност по Бога,
Евсевие свети, громко глас подигна кон Небото,
исповедувајќи Го Христа, признавајќи го за Господ
пред луѓето кои седеа во смртна сенка.
Поради тоа, мачеништво од неразумните прими,
а од Господа слава и пофалба.
Затоа денес се молиме по неговите молитви
свети спасени да бидеме.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светите
Христови свештеномаченици
Ипатиј епископ и Андреј презвитер
21 септември / 4 октомври
Ликот Божји, Иконата на душата ваша,
сјај небесен доби над главите ваши
кои маченички пострадаа заради Христа,
и исповедништвото смирено се рашири
по целата вселена, о, Ипатие и Андрее свети.
А вие небесна слава добивајќи
не нѐ оставајте сираци туку молете се непрестано
за наше спасение, во Христа уподобување.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов маченик
Приск Фригиски
21 септември / 4 октомври
Славата твоја о, Приск свети мачениче,
Господ ја рашири во сите векови:
ти кој маченички благодатно закрепнат
заради Името вечно пострада,
нива изорана стана од бесот неразумен човечки.
Молејќи се за своите непријатели
до небесната висина стигна,
од каде сега и за нас пред Бога спомни си.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светите
Христови маченици
Евсевиј, Нестав, Зинон
и со нив Нестор и Висириј
21 септември / 4 октомври
О маченици свети Евсевие, Неставе,
кој ќе ги опише страдањата ваши за Христа примени,
или радоста Небесна при вашето при Господа поклонение.
Кој ќе ја разбере злобата на паднатоста,
или радоста на вечноста блажена.
Затоа со Зинон епископот слава на Бога воздаваме
а и Нестор и Висириј ги спомнуваме,
за да по нивните свети молитви
спасение за нашите души од Христа Бога измолиме.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов епископ
Димитриј Ростовски чудотворец
21 септември / 4 октомври
Сопатниче на ангелите, кои списоци
за дела човечки исполнуваат,
неуморен Божји молитвениче,
Димитрие пастиру слаткоречив,
моли се на Бога за нас епископе свети,
Кој благодатно те обдари,
небесни тајни на светии живи да објавиш
на земни наследници, кои кон вечност итаат,
на Господа Бога да се поклонат.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот отец Заоникиевски Јосиф
Вологодски чудотоворец
Глас 5
Со смиреност добродушно поуката си ја прифатил
ти кој од Небесата неискажлив дар се удостои да примиш,
во тело пребивајќи, како безтелесен во своето служење,
кон Богомајката во трудољубие си се подвизувал,
така и пустината многужителна си ја направил,
човечката пак слава, досетливо со јуродиството си ја избегнал.
Поради тоа, Севишниот Наградодавател,
двојно те прослави и твојот свет гроб
со изливање на чудеса го збогати.
Него моли Го, преподобен оче Јосифе,
да ни подари прошка на гревовите и голема милост.
Извор МПЦ – ОА
Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (04.10.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Светиот апостол Кодрат
Еден од Седумдесеттемина. Ученик на големите апостоли. Го проповедаше Евангелието во Атина и беше епсикоп најнапред во Атина после Св. Публиј, а потоа во градот Магнезија. Беше многу учен во светската мудрост и богат со благодатта на Светиот Дух. Неговиот животописец за него вели: „Беше како утринска ѕвезда сред облаци (Сирах 8, 6); облаците беа темното елинско незнабоштво, без светлоста на благочестието, а Светиот апостол Кодрат низ словото Божјо им заблесна на Елините како голема светлина, ја осветли темнината, ги низложи скверните жртви, ги разурна идолите и демонските храмови ги разори со молитва. Но темнината секогаш ја мрази светлината, па така и незнабожците го замразија Свети Кодрат, та по ова го фрлија во затвор и не му даваа леб сѐ додека не ја испушти својата света душа и не се пресели во Царството на својот Бог Христос. Свети Кодрат напиша одбрана на христијанството и му ја предаде на царот Адријан. Таа одбрана толку подејствува на незнабожечкиот цар, што овој нареди христијаните да не се прогонуваат без особена вина. Свети Кодрат пострада околу 130 година. Погребан е во Магнезија, градот во којшто го заврши животот маченички.