
ЗА СУПТИЛНАТА ДЕМОНООПСЕДНАТОСТ
Денешното евангелие, во кое Богочовекот Исус Христос се среќава со демоноопседнатиот и луѓето од Гадаринскиот крај, е добра можност да направиме споредба за тоа, чија демоноопседнатост е поголема: јавната и видливата или суптилната и невидливата – на прв поглед.
Согласно исходот на евангелското четиво, лесно е забележливо кој, на крај, беше исцелен и пратен на проповед, а кои беа тие што не го примија Богочовекот, па уште и најучтиво го замолија да го напушти нивниот крај. Видливо демоноопседнатиот испадна дека е многу полесно ослободлив од демоните и полесно исцелив, отколку суптилно демоноопседнатите, кои и си останаа заробени од демоните. Зошто е тоа така? Ќе бидам краток.
Одговорот е во слободата. Видливо демоноопседнатиот не можеше сосема слободно да одлучува за себеси и Христос можеше да му се смилува без учество на неговата слободна волја, додека, пак, суптилно демоноопседнатите, сепак можеа слободно да одлучат дали ќе го прифатат Христос или ќе останат заробени од своите страсти: сластољубие, среброљубие и славољубие. Од поседувањето на свињите можеа да си ги задоволат сите наброени страсти, но од исцелението на својот ближен не гледаа корист. Самољубието е главна карактеристика на демоноопседнатите.
Ова што го кажав до сега е општа карактеристика за сите демоноопседнати, но постојат и посебни видливи знаци на демоноопседнатост и кај луѓето што формално си се сметаат себеси за христијани и ги посетуваат богослужбите во храмовите во населените места и во манастирите. Првиот знак е одбегнување да се стави умот во процес на исцеление, преку послушание на својот духовен отец – Епископот на локалната Црква или нему послушен духовник. Вториот знак е помалку видлив, но лесно се забележува прку првиот, а тоа е отсуство на подвигот на покајно насочување на енергијата на својот ум, кон неговата суштина во срцето, од каде происходат зборовите на молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј нас!“ – во содејство на Светиот Дух Господ.
Кој сака да види во колкаво демонско ропство се наоѓа, само нека проба да ја насочи молитвено енергијата на својот ум кон срцето. Исто така, и кој сака да се ослободи од тоа ропство; тој треба, не само да проба, туку константно да ја насочува, до отворање на срцето за умно-срдечната молитва.
И да се потсетиме, ви говорам за демоноопседнатоста – не толку како пречка за спасение, колку како непремостлива пречка за духовно исцеление и развој, како и пречка за успешна мисија на Црквата во овој свет.
Пресвета Богородице, спаси нас!
P.S. Се надевам дека за кратко време ќе напишам еден текст за тоа како демонот држи простор внатре во нас и како тој простор му се одзема; и не само на лично ниво, туку и на ниво на семејство, на манастир, на локална Црква, на ниво на Помесна црква итн. Како и какви се неговите реакции.
Митрополит Струмички г. Наум
Ноември 2025 лето Господово


























