18 Октомври 2011
На многумина во нашата јавност можеби и не им е познато името на авторот. Митрополитот Јеротеј од 1995 година е надлежен епархиски архиереј на Митрополијата на Навпактос и на Свети Власиј во Грција. Долги години пред тоа бил архимандрит во Воденската Митрполија, а подоцна и во Атинската Архиепископија. Но она што е најзначајно за него е тоа што е живо и искуствено втемелен и напоен од исихастичкиот начин на живот, кој имал прилика да го научи и доживее на Света Гора, каде што тој редовно престојувал. Проучувајќи ја светоотечката литература, а истовремено и гледајќи покрај себе личности кои во секоја смисла го живеат Преданието на Отците, тој многу брзо дошол до заклучокот дека православниот христијански живот не може да биде ништо друго освен живеење на исихастичкиот начин. Целта на човекот е да стекне несебична љубов кон Бога и кон луѓето и кон целата твар, а преку тоа да биде во вечна и непрестана заедница со Бога и со луѓето, но и со целокупното создание. Со еден збор, оваа возвишена цел на човекот се нарекува обожување. Трудејќи се од сите можни аспекти да го прикаже патот по кој треба да оди човекот и да стигне до таа цел, Митрополитот Јеротеј до сега има напишано стотина книги, текстови, посланија.
Едно од позначајните негови дела е книгата Господовите празници. Во оваа книга авторот исцрпно и богословски ги анализира сите дванаесет Господови празници. Меѓутоа пристапот е поразличен од класичниот хеортолошки начин на изложување на празниците. А тоа е така затоа што центарот на толкувањето на Господовите празници во ова дело е Христологијата. Но не станува збор за сувопарно богословско размислување, туку пред сѐ се истакнува значењето што овие Христови настани го имаат за животот на христијаните. Следствено, секој настан, односно секој Господов празник не смее да остане само како обична комеморација, туку неопходно е истиот да се живее во срцето на христијанинот. За да се случи тоа, потребно е со аскетски живот да се учествува активно во Светите тајни на Црквата. Светите тајни без подвигот се претвораат во еден вид магиско дејство, а подвигот без Светите тајни преминува во морализам и човекоцентризам. Митрополитот Јеротеј тоа го нагласува на многу места во оваа книга, директно или индиректно.
Правилното, односно православното сфаќање на Христологијата значи и православно сфаќање и прифаќање на еклисиологијата и на антропологијата. Човекот е созддаден според Божјиот образ и подобие, а тоа значи дека неговата крајна цел е обожувањто. Но за да биде возможно обожувањето на човекот беше неопходно да се соединат Божјата и човечката природа. Тоа соединување беше невозможно да го оствари човекот самиот со своите сили и затоа уште од почетокот вочовечувањето на Синот Божји беше во Божјиот план за светот и човекот. Значи независно од падот во грев, Синот Божји ќе ја примеше и обожеше човечката природа за да му овозможи на секој човек преку својата лична определба и борба да стекне совршена заедница со Бога и да биде син Божји по благодат. Но со падот во грев, односно со отфрлањето од страна на човекот на општењето со Бога, во светот влегоа смртта и трулежноста. Поради тоа, по гревопадот, вочовечувањето на Синот Божји се случи и заради победа над смртта, односно заради нејзино онтолошко укинување. Овие длабоки вистини Митрополитот Јеротеј детално ги анализира во ова свое дело.
Меѓутоа, за да не остане таа анализа само на ниво на сувопарна теологија, авторот базирајќи се врз богатото светоотечко предание, многу успешно ни дава патоказ на кој начин можеме да ги живееме Господовите празници во своето срце. Тој начин се резимира во осветениот од отците и единствен метод, кој уште се нарекува и исихастички. Рековме дека исихастичкиот односно духовниот живот на човекот за цел го има обожувањето. Но за да се стигне до обожувањто неопходно е да се помине низ стадиумите на очистување на срцето од страстите и просветлението на умот. По мерата на очистувањето на срцето нам ни се открива Бог. Кога срцето ќе се очисти од страстите, тогаш во него влегува Бог како во Свое живеалиште и ни го подарува просветлувањето на умот, при што ние ја спознаваме Божјата волја и смислата на се што постои. Напредувајќи така во Божјата љубов за возврат од Него како дар го примаме обожувањето, кое нема крај.
Следствено оваа книга е исклучително полезна за секој христијанин. Запознавајќи се со смислата на Христовото искупително дело, преку проучувањето на празниците, нам ни се открива и смислата на нашето постоење и добиваме поттик за растење во Божјата љубов. Книгата Господовите празници исто така може да им биде од голема полза и на студентите на Богословските школи, и тоа не толку во областа на хеортологијата, туку пред сѐ во областа на православната догматика. Имајќи предвид дека Христологијата е нераскинливо поврзана со Тријадологијата, Пневматологијата, Еклисиологијата и Антропологијата, ние слободно можеме да кажеме дека ова дело претставува и еден вид прирачник по догматско богословие.
Се надевам дека проучувањето на ова дело нема никого да го остави рамнодушен, туку секој ќе добие поттик и мотив повеќе за живеење според Божјата волја за човекот и за светот. Нека ни даде Господ на сите уште поголема љубов и благодат, која ни е насушно потребна на нашиот пат кон обожувањето.
Јеромонах Атанасиј Арсоски