По милоста Божја
Архиепископ Охридски и Македонски,
со членовите на Светиот архиерејски синод, до свештенослужителите,
монаштвото и до сите верни чеда на Македонската
православна црква,
а по повод Божикните празнувања,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА,
ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ
И ТОРЖЕСТВЕН ПОЗДРАВ
ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Што да Ти принесеме, Христе, за тоа што заради нас како човек се јави на земјава? Секое Твое создание Ти принесува благодарење; ангелите - песна; небесата – ѕвезда; мудреците – дарови; пастирите –восхит; земјата – пештера; пустината – јасли; а ние - Мајката Дева…
(Црковна песна)
Денес го празнуваме најславното раѓање во историјата на човештвото, го прославуваме јавувањето на Бога во тело. Денес кај луѓето доаѓа долгоочекуваниот Спасител - Богомладенецот Христос. Затоа, што да Му принесеме, се прашува Светата Црква, на Оној, Кој создал сè и Кој e Господар на сè? Што да Му дадеме на Оној, Кој место да прими дар, целосно ни се даде нам како дар?! Но, „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен“ (Јован 3, 16). Па така, што да Му принесеме на Богомладенецот? Мудреците, откако Му се поклонија, ги отворија своите ковчежиња и Му принесоа: злато - како на Цар; ливан – како на Бог и смирна - како на Првосвештеник (Матеј 2, 11). Ете, даровите на мудреците ги содржат сите тајни на Христовото доаѓање. Тие ја покажуваат целта на Неговото јавување на земјава: Он е Цар, Син Давидов, чие царство не ќе има крај; Он е Јагнето Божјо, Кој со Својата смрт ги зеде гревовите на светот; Он е Бог, Син на Отецот, „Светлина од Светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, нестворен, едносуштен на Отецот, преку Кого сè станало.“
Возљубени во Господа,
Со Христовото раѓање ние го добиваме најголемиот дар од небото. И секој треба да Го прими тој дар со вера, со љубов и со благодарност. Зашто, Бог, откако Себеси се понизи, облекувајќи се во гниежливо човечко тело, постана како нас, за и ние да се обожиме, да се искачиме таму од каде што Он слезе. Тоа е Божјиот подарок што на Божик ни се дава на секого од нас. А ние, пак, во овие празнични денови да ги споделиме нашата љубов и дарежливост со сите, а посебно со сиромасите и со оние кои имаат потреба од нас. Тогаш ќе можеме да им речеме со ангелските зборови: „Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ“ (Лука 10, 11).
Христовото раѓање во Витлеем Јудејски не е само далечен историски настан. Витлеем не е веќе некое далечно и напуштено гратче во Палестина. Ако Божик е време кога Бог благоволи да ни се приближи, или според зборовите на пророкот – да Го наречат Емануил (сп. Ис 7, 14), што значи: „со нас е Бог“ (Матеј 1, 23), тогаш Витлеем е многу блиску до нас. Тој е во нас, во секое човечко срце што со радост ја прима веста за Христовото рождество и човекољубивиот Бог сака таму да се роди, таму, во него, да живее и да му даде живот.
Така треба да го сфатиме значењето на празникот: за Божик, Бога да Го најдеме во своето срце. Само така ќе Го најдеме и во Витлеем, и во храмот Божји. И насекаде! Радоста од Христовото раѓање можат вистински да ја почувствуваат само оние коишто преку пост, покајание и исповед се подготвени да Го дочекаат и примат Небесниот Гостин.
Најголемото чудо во историјата не е човековото освојување на вселената, туку тоа што - Бог дојде на земјава и непрестајно се раѓа во срцата и во душите на оние што Го љубат. Па така, и овојпат, празнувајќи го Божик, Витлеем нека биде секој наш православен храм, и овде во Македонија и секаде каде што нè има по светот; Витлеем нека биде секој наш дом и секое наше семејство, каде што на празничната трпеза ќе биде и Богомладенецот Христос; Витлеем нека биде секоја детска градинка, зашто децата најмногу Му се радуваат и најискрено Го љубат Христос Детето; Витлеем нека биде и секоја училница, каде што учениците треба да Го запознаваат Бога и да ја разберат тајната и значењето на Неговото воплотување од Светиот Дух и Марија Дева. Славејќи Го Бога Создателот, да ги отвориме нашите души и срца за да ја разбереме големата спасоносна тајна, тајната во Христа Богочовекот, која токму на овој ден и најдобро се чувствува и најмногу се разбира.
Возљубени во Христа Богочовекот,
И на овој Божик нашите очи нека бидат свртени кон Витлеем, а нашето битие кон Богомладенецот Христос. Токму затоа и го празнуваме овој празник. Светиот Јован Златоуст вели: „Какво оправдување ќе имаме, ако Он доаѓа заради нас од небото, а ние не сакаме ни од дома да излеземе и да дојдеме кај Него?“ – Ќе најдеме ли место за Христа и време за празнување на Божик? Ќе најдеме ли време да дојдеме и да се поклониме пред олтарот на вечноживиот Бог? Ќе ги отвориме ли вратите на нашите срца и ќе Го примиме ли Христа и Неговото Евангелие? Ќе Му дадеме ли достоен подарок на Богомладенецот? Ќе најде ли Бог место во нашиот живот, и не само за Божикните празници, туку и секогаш и секаде?
Затоа, како христијани да не заборавиме дека нашето семејство треба да наликува на мала црква, дека бракот е света тајна и дека подвигот во животот е жртва која исполнува со духовна радост. Грижата за младите генерации, како во семејството, така и во просветните институции, треба да биде постојана задача и обврска и на родителите и на сите учесници во воспитно-образовниот процес.
Возљубени чеда во Господа,
Ви ја упатуваме небесната, ангелска и вечна порака: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“ (Лука 2, 14). Господ Исус Христос дојде за мир и добра волја меѓу луѓето. Он Го измири човештвото со Бога и луѓето еден со друг. Светата Црква, пак, на секоја Литургија и на сите богослуженија ја повторува оваа порака, а дали ќе биде така, зависи од нас. Нашиот Спасител, Кој е вечно Слово, „преку Кое постана сè што постана“, вели дека „небото и земјата ќе минат, но зборовите Мои нема да минат“ (Мт 24, 35). А благочестивиот и христољубив македонски православен народ живеел, живее и ќе живее во духот на божикната порака за мир, љубов и добра волја кон сите. Со право, пак, истото го очекува и од другите кон нас, како народ, Црква и Држава. А сето тоа, за слава на Бога и за мир на земјава.
На овој спасоносен ден, во мислите да ги приближиме вековите меѓу оној првиот и овој денешниов Божик, за да се сретнеме со очевидците на големиот настан. Па така, и овогодишново Рождество Христово да го прославиме со љубов и побожност, онака како што Го прославија Бога: Пресвета Богородица, пастирите, ангелите и мудреците, во онаа витлеемска неповторлива ноќ.
Честит Божик! Христос се роди! Навистина се роди!
Нека е честито и од Бога благословено Новото лето Господово!
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
†СТЕФАН
со членовите на Светиот архиерејски синод
на Македонската православна црква
КИРИЛ, Митрополит Полошко-кумановски
ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски
ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско-кичевски
НАУМ, Митрополит Струмички
АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
МЕТОДИЈ, Митрополит Американско-канадски
ПИМЕН, Митрополит Европски
ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски
КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски
2010 лето Господово.