О, каква неискажлива тајна! Каква неиспитлива премудрост на Божјата промисла за спасение на човечкиот род! Кој може да ја опише таа неизмерна љубов и милосрдие на преблагиот Господ, Кој слегува на земјата да се роди заради нас и нашето спасение, да прими тело и стане човек, помирувајќи го огревовеното човештво со Бога. Сѐ до Христос оваа љубов му беше туѓа на светот. Како сонце таа блесна од Витлеемските јасли и се рашири по целиот свет, дарувајќи ни со благодатната и спасителна вера, надеж и љубов, чиста слобода, братство и еднаквост во Христос.
Радоста на Христовото рождество како да го преобрази Бигорското светилиште, кое зрачеше со својата снежна белина, како Витлеемската ѕвезда привлекувајќи ги сите оние што од ревност за Бога ги надминаа сите искушенија, снегот, заледените патишта и сепак пристинаа во манастирот за да Го пречекаат Богомладенецот и да го прослават Неговото неискажливо раѓање од Пречистата Дева. А монасите, водени од Христовата љубов, искрено се потрудија на луѓето да им ја пренесат таа божикна радост, така што светиот храм на Претечата како украсена Витлеемска пештера, таинствено ја раскажуваше приказната за воплотувањето на нашиот Спасител, Господ Христос.
Зборувајќи, на почетокот на сеноќното бдение, за оваа голема и надразумна тајна, игуменот на Бигорската обител, Архимандрит Партениј, се надоврза на едно древно пророштво, искажано од пророк Исаија, дека „девојка ќе зачне во утробата, ќе роди син и ќе го наречат Емануил, Што значи: Со нас е Бог”. Имено, токму воплотувањето Христово на земјата е почеток на нашата заедница со Бога. Ако порано човекот Го чувствувал Бога како далечен и недостижен, сега со Неговото раѓање, Тој толку многу ни се приближува, Тој е во нас. Доколку сакаме, Бог е секогаш со нас. Во нашите неволји за да ги разрешиме, во нашите жалости за да се претворат во радости. Затоа и се воплоти, за никогаш да не сме сами. Зашто ние самите не можеме да ги надминеме своите слабости. Оној што паднал во некакви пороци, во денешните страшни модерни зависности, не може сам да ги победи. Но може, доколку Христос е со него. „А, Христос”, продолжи о. Партениј, „сака да биде со сите нас, само треба доброволно да Му го отвориме нашето срце преку покајанието и се приброиме кон Неговата света Црква, како нејзини членови, бидејќи Црквата е едно огромно Божјо семејство, љубовно поврзано со Христос, а таа иста Христова љубов не поврзува и нас сите меѓусебно. Црквата е заедница на љубовта и мирот, кораб на спасението. Зашто христијанството не е само збир на заповеди и правила. Не, тоа е едно постојано присуство на Господ меѓу луѓето. Присуство кое започнало токму со Неговото раѓање. А какво беше тоа раѓање? Во најголемо смирение. Гледајте како се раѓа Тој во една скромна пештера, меѓу бесловесните животни. За Него немаше место во царските палати ни убаво уредените куќи. Само една бедна пештера. Со ова Господ ни покажа каков треба да биде секој хрстијанин, кој го носи Неговото свето и пречесно име, која е најважната добродетел што треба да се трудиме да ја стекнеме. Смирението е првата скала за вистински христијански добродетелен живот. Трудете се во смирението, бидејќи преку него ни доаѓаат сите дарови. Ако човек не се смирува, нема да ги добие благодатните дарови на Црквата - љубовта, радоста, мирот и единството со Бога.”
Најпосле, привршувајќи ја својата проповед, о. Партениј ги замоли присутните да му ги принесат своите срца на дар на Бога бидејќи, како што рече тој: „Денес е роденден на Најголемиот. Денес е роденден на Светлината, роденден на Љубовта. А за роденден се носат дарови. Да се потрудиме и ние да му принесеме дар на Родениот заради нас, дарови на смирение, љубов, молитва. Такви дарови треба да Му се принесуваат на Бога. И да Му благодариме на нашиот Господ што нѐ удостои да ја познаеме оваа Света Тајна, да ја живееме оваа Света Тајна, да живееме со Рождеството Христово, да се причестуваме со Христос и да бидеме во Неговата Света Црква, која е Неговиот најголем дар што ни го остави на земјата. Добар Божик и Христос нека се роди во вашите срца!”
Така, со овој благослов на нашиот Старец започна една прекрасна молитвена вечер, исполнета со торжествени псалмопеења и проследена со силна, небесна, речиси пасхална радост кај сите присутни, радост која ни посведочи дека Бог е навистина со нас, Богомладенецот нѐ посети со Својата благодат.
А таа благодат особено силно се излеа на Божествената Литургија, на која монасите и верниците, сплотени, со исти мисли, постојани славословија, се причестија со небесната храна, примајќи го во себе Христос. Затоа, на заедничката трпеза на љубовта, што беше послужена после бдението, о. Партениј, гледајки ги нивните лица озарени од радост, вака им се обрати на присутните: „Ви благодарам што сте сите овде со нас, за нашето монашко семејство да биде многу поголемо и поубаво. Сега се радуваат сите отци кои живееле овде илјада години наназад, маченици и преподобни, зашто гледат дека и покрај неправославната околина, манастирот сепак цвета во духовност, цвета во љубовта, а тоа е бидејќи и вие сте со нас. Ете колку е силна Црквата. Ни мразот, ни снегот, ништо не можеше да нѐ спречи да се собереме сите заедно заради Рождеството на нашиот Спасител. И да знаете дека вашето доаѓање овде е голем благослов за нашиот народ. Со ова докажуваме дека ние не ги забораваме нашите вековни татковски светилишта, дека ги сакаме и чуваме, а Господ, гледајќи го тоа, ќе ни го испрати Својот небесен благослов и ќе ни ја чува земјата од сите искушенија и зла. Христос се роди!“
За најмалите беа приготвени и слатки божиќни пакетчиња, подарок од АД „Витаминка”, редовен спонзор на манастирот.
Извор:http://www.mpc.org.mk/vest.asp?id=3375
Посети: {moshits}