Денес со носталгија во срцето одбележуваме еден тажен настан: 555 год. од падот на Константинопол, како престолнина на една од најголемите цивилизации во историјата на човештвото - Византиската империја. Затоа денес не можеме, а да не си спомнеме за овој некогашен мегалополис на милиони граѓани, возвишена заедница на просветени и учени луѓе; на угледни достоинствени империјални универзитети; на архитектонски ремек дела од славните византиски мајстори, кои и ден денес ги восхитуваат стручњаците со своето технолошко совршенство; а пред сѐ, град кој изобилувал со бесценети свети реликвии и уметнички дела кои и ден денес ги красат музеите низ Европа.
Но, она што особено тесно нѐ поврзува со оваа моќна империја е нејзиното непроценливо духовно богатство, чии духовни наследници станавме и ние, како продолжувачи на нејзината православна традиција и мисија во светот. Зашто душата на Византија и нејзината смисла за постоење била токму Православието, чистата исповед на христијанската вера која така се одржала непроменета повеќе од 1000 год. Најголемото богатство на Византија беше Бог. Во пространата империја, во која живееле разни националности, имало само една вера - православното христијанство и сите што сакале да станат полноправни членови на општеството требало само да ја прифатат и признаат православната вера. Затоа во Византија постоела вистинска личносна зедница со Бога и општо тежнеење кон Царството небесно.
Во историски поглед, Византија била уникатна држава која во многу аспекти се разликувала и од Истокот и од Западот. Она по што е најуникатна е фактот што Византија била мултинационална империја во која живееле Ерменци, Грци, Арапи, Словени, Германци, Сиријци и други народи, но жителите на сметка на својата националност, ја сметале државната припадност за свое најголемо богатство, што било потполно несфатливо за тогашниот западен свет. Имено, жителите на Византија се сметале за историски законски наследници на антички Рим и затоа се нарекувале Ромејци, со единствен јазик - ромејскиот, што ја чувало земјата од деструктивните бури на етнички конфликти. Кога Ромејците почнале да ја чувствуваат својата националност, прашањето за националноста станало една неизлечива болест која во многу придонела за падот на Византија.
Сепак, последниот и најпогибелен удар за Византија била нејзината црковна унија со Рим. Зашто двата основни принципи на кои што се темелела империјата, познати на секој Ромеец уште од неговото детство, биле: верата во Бога и во Неговите Закони кои се зачувани во Православната Црква и потпирање на сопствената традиција и сила. Сѐ додека византиските императори се придржувале на овие два принципи, империјата опстојувала. Оној момент кога Византија, од чисто практични причини го предала најсветото нешто што го имала, она што било најважно во нејзиниот живот - вистинитоста на верата, се изгубила смислата за нејзиното постоење и започнал нејзиниот пад.
Жртвувањето на возвишените идеали од практични причини довело до вистински духовен пад на Ромејците. Душата се срушила. Духот на луѓето бил скршен. Од големата величествена нација, која што на светот му давала извонредни примери на возвишеност на духот, не останало ништо. Народот бил обземен од порокот на алкохолизам, интересот за астрологија и неопаганизам, кои свесно и цинично ја уништиле верата кај луѓето. Напуштајќи ја верата во Бога и лишена од Божјиот благослов, Византија станала лесен плен на исламските освојувачи кои освојувале дел по дел од нејзината територија и најпосле на 29.05.1453 год., по неколкумесечна опсада, го освоиле и Константинопол со што официјално завршува постоењето на Византиската Империја.
А големиот град Константинопол, чии што жители некогаш ги заборавиле заветите и традициите на своите предци, заради таа заборавеност го загуби и своето име и остана како нем сведок за славата на некогашната Византиска империја и за нејзиниот страшен пад.
Овој трагичен настан е голема загуба за Православието, а истовремено и опомена за нас православните како духовни наследници на Византија, дека одговорноста што ја носиме е голема и дека ако не ја запазиме верата, која до сега нѐ одржала, ќе престанеме да постоиме како народ. Во спомен на ова, во манастирот на свети Георгиј Победоносец во Рајчица беше отслужена трисагија за душите на сите оние што пострадале во одбраната на светата православна вера при падот на Константинопол.
Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица
Посети:{moshits}