Митрополит Сурожски Антониј
БОГОМИСЛИЕ И МОЛИТВА
Во практиката често не правиме разлика меѓу богомислието и молитвата, и
тоа не е опасно доколку богомислието перераснува во молитва. Опасноста
настанува тогаш кога молитвата преминува во размислување. Богомислието,
пред сѐ, означува размислување коешто за свој предмет го има Бога. Ако,
размислувајќи, постепено се исполнуваме со духот на молитвено
богопоклонение, ако Божјото присуство станува веродостојно и ние
забележуваме дека навистина пребиваме со Бога, и ако од размислување
постепено преминуваме кон молитва - сѐ е во ред; но, никогаш не смееме
да си дозволиме обратен процес, и во таа смисла меѓу богомислието и
молитвата постои јасна разлика.
Главната разлика меѓу богомислието и нашето обично хаотично размислување
е во јаснотијата, во хармоничноста: богомислието треба да претставува
аскетска активност на отрезнување на умот. Првата работа којашто треба
да ја научиме, без оглед на тоа што ќе избереме како предмет на нашето
рамислување, е следење на одредена линија. Веднаш штом ќе почнеме да
размислуваме за Бога, за божествените работи, за сето она што го
сочинува животот на душата, се раѓаат споредни мисли; од сите страни
гледаме неброени можности, неброено многу интересни и содржајни нешта;
но ние мораме, откако ќе го избереме предметот на нашето размислување,
да се откажеме од сето друго, освен од избраната тема. Тоа е
единствениот начин текот на мислите да го задржиме во една насока, така
што тие да може да се продлабочуваат.
Целта на богомислието не е во академско вежбање на мислите; тоа не смее
да биде чисто интелектуална активност или прекрасен, но бесплоден полет
на мислите; тоа треба да биде работа на размислување насочено кон
одредена цел, реализирано под Божјо раководство и насочено кон Бога, и
неговиот плод треба да бидат заклучоци за тоа како треба да живееме. Од
самиот почеток треба да спознаеме која е ползата од тоа вежбање во
богомислие, коешто ни помага да живееме во поконкретно и поодредено
соодветство со Евангелието.
Секој од нас е затворен спрема едни проблеми и отворен за други; додека
сѐ уште не сме се свикнале на насочено размислување, подобро е да
започнеме со нешто што е за нас живо: со оние стории коишто нѐ
привлекуваат, од коишто нашето срце гори во нас, или, обратно, со она на
што му се противиме, она коешто не можеме да го прифатиме; во
Евангелието го наоѓаме и едното и другото.
17-ти јули, лето Господово 2013