Цару Небесен ,
Утешителу,
Духу на Вистината,
Кој
си насекаде
и сè исполнуваш,
ризницо на
добрини,
Животодателу.
Пријди
и всели се во нас,
и очисти нè
од
секаква нечистота
и спаси ги, Благи,
нашите души.
Во светата Црква сè е света тајна. Светотаинствениот живот во Црквата се одржува и извршува со благодатта на Светиот Дух.* Токму затоа призивот на Светиот Дух се практикува во сите свештенодејстија (богослуженија, свети тајни, молитви за посебни потреби на верните), но исто така и во личите молитви на верните. Тој призив на Светиот Дух се извршува преку молитвата Цару небесен со која се започнува молитвеното обраќање кон Него, за да нè оспособи нас, недостојните, достојно да го повикаме Трисветото име Божјо (што обично и и’ следи на оваа молитва во таканаречената молитва на Трисветиот или популарно наречена Трисвето) за она за што просиме да биде осветено со силата и дејството на Светиот Дух. Молитвата Цару небесен, како што може да се забележи, се состои од два дела. Првиот дел е обраќањето кон Светиот Дух преку истакнување на Неговите атрибути. Вториот дел е прозба за преку Неговото вселување во нас да бидеме очистени и спасени. Во понатамошниов дел на текстов би дале едно подробно толкување на оваа многу важна молитва. Цару небесен – Обраќањето кон Светиот Дух со Цар означува исповедање на Неговата божественост, како една личност од едносуштната животворна и неразделна Троица. Изразот, пак, небесен е потврда на претходното исповедање, но и објава дека Неговото Царство не е некое царство од овој свет, ами Царство на вечно блаженство и наслада од гледањето на лицето Божјо; во исто време, со ова исповедање ние го искажуваме нашиот стремеж да станеме учесници во небесниот живот. Живот на кој сме повикани уште од нашето создавање.
Утешителу, Духу на вистината – „Утешителот, пак, Духот Свети, Кого Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сè и ќе ви напомни за сè што Сум ви зборувал” (Јн. 14, 26); и уште: „А кога ќе дојде Он, Духот на Вистината, ќе* Кога говориме за благодатта на Светиот Дух, треба да знаеме дека таа е воедно и на Отецот и на Синот, бидеќи таа е енергија или зрачење на едната Божја природа, а Светиот Дух се јавува како Дарител на благодатта. ве упати на секоја вистина...” (Јн. 16, 13). Со овие зборови Христови се открива улогата на Светиот Дух како разоткривач на домостројот на спасението (во Кој и Самиот Тој е учесник), разоткривач на волјата на Бога, Кој сака сите да се спасат и да дојдат до познавање на вистината, повикувач на нашата волја да содејствува со Божјата волја, како и објавувач на Вистината, односно самото битие Божјо. Бидеќи „Отецот е Вистинскиот, Синот е самата Вистината, а Духот е Духот на Вистината” (Св. Григориј Назијански, Слово 23. – За мирот).
За ова убаво говори и старец Софрониј: Вистината е самото Битие, Онакво Какво што Е. Таа ни се открива како Личносен Апсолут – Три лица во потполно единство и истоветност на Битието. Соединувањето со Него и нам ни дава да бидеме битија со божествен образ кој е засекогаш непроменлив. (Видети Бога како што јесте, стр. 124) Кој Си на секаде и сè исполнуваш – Секадеприсутноста е својство само на битието Божјо (Света Троица), а со тоа и на Светиот Дух како едно лице на Троичниот Бог. Светиот пророк Давид вели: „Каде да отидам од твојот Дух и од лицето Твое Каде да побегнам. Ако излезам на небото Ти си таму, ако слезам во адот Ти си и таму. Ако ги земам крилјата рано в зори и се преселам на крајот од морето – и таму ќе ме држи Твојата рака, Твојата десница ќе ме поддржува...”(види Пс. 138, 7).
Богомудриот св. Атанасиј пак пишува: „По својата доброта и сила Бог престојува во сè, а по својата природа вон сè, што означува дека Бог е во сè, но ништо освен Бога не е Бог.” Ваквото Божјо исполнување се извршува преку нестворените сили и енергии – благодатта Божја, кои произлегуваат од Божјата суштина, но не се самата Божја суштина. Ризницо на добра , Животодателу – Преку Светиот Дух се дава неисцрпната благодат Божја, која е изворот на секое блаженство – на секое добро. Свети Василиј Велики, во своето дело За Светиот Дух, вели: „Извор на осветување, кој не пресушува поради мноштвото причасници. Он е целосно присутен насекаде и во секого. Раздавајќи се, Он не трпи делби, кога стануваме причасници со Него, Он останува цел.” При самиот почеток на Светото Писмо се покажува учеството на Светиот Дух во создавањето на светот: „И Духот Божји се наднесуваше над водата” (Бит. 1, 2). Под Дух Божји св. Василиј Велики го подразбира Светиот Дух, а зборот „се наднесуваше” означува дека Светиот Дух ја загревал и оживотворувал природата на водата, подготвувајќи ја за произведување живи битија (Ј. Поповиќ, Догматика 1, стр.216). Светите отци ова го толкуваат уште и како поддржување (во смисла на пројава на постојана грижа) на секое создание од самиот негов почеток од страна на Светиот Дух. Еден антифон од воскресната утрена можеби највпечатливо говори за Светиот Дух како животодавач, очистител и осветувач на созданијата: „Со Светиот Дух живее секоја душа и со чистота се возвишува, таинствено се осветува со едната природа на Света Троица”.
Пријди и всели се во нас и очисти нè од секоја нечистота и
спаси ги, Благи, нашите души –
Во вториот дел од молитвата ние најпрво ја
искажуваме согласноста на нашата слободна волја со Божјата волја, која секако е
очистување од секоја нечистота, односно ослободување од секоја зависност од
кнезот на овој свет – создаденото и паднато битие. Ова е возможно преку
очистителното дејство на Светиот Дух внатре во нас. За ова ни зборува и
апостолот: „Духот нè поткрепува во нашите немоќи; бидеќи не знаеме за што да се
помолиме, како што треба, туку Духот Сам посредува за нас со неискажливо
воздивнување” (Рим.8, 26). Тоа значи дека Светиот Дух со благодатта нè
поттикнува нас на молитва, произведува во нас свето расположение, пали во нас
оган на синовска љубов кон Бога на неискажлив начин кој е неразбирлив за
нашиот ум. И додека ние со нашите грешни желби молиме и она што не Му е угодно
на Бога, со дејството на Светиот Дух молиме од Бога само она што е за
прославување на името Божјо и што е за наше спасение. (Венјамин, Новаја
Скрижал, стр. 87) Можноста за нашето спасение ни се дава на објективен план
преку исполнувањето на домостројот на спасението од Синот Божји. Сега сите ние,
како личности кои ги користат благодетите од домостројот на спасението, преку
хранењето со светотаинствениот живот во Црквата Божја (кој е таков благодарение
на силата и дејството на Светиот Дух во Црквата Божја), и на личен план, го
градиме Царството Небесно уште овде на земјава, со стремеж за постојано живеење
во Него во вечноста – што и е спасението на нашите души – и сето тоа го вршиме
со силата и дејството на Светиот Дух, Кој е и внатре во нас. Секако дека во
домостројот на спасението учествуваат и Отецот и Светиот Дух, но вака се
изразуваме заради посебната улога на Синот – воплотен, распнат, вкуси смрт,
воскресна, се вознесе и со тоа подготви слегување на Светиот Дух.
Ѓакон Горан Тасески
Извор: Православен пат