ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на поклонението на
Чесните вериги на Светиот
Апостол Петар
16 јануари / 29 јануари
Не оставајќи го Рим при нас си дошол,
со чесните вериги што си ги носел,
првопрестолен меѓу апостолите.
Ним со вера поклонувајќи им се
ти се молиме: по твоите кон Бога молитви,
дарувај ни голема милост.
Извор МПЦ – ОА
Тропар на светите
Христови маченици
Певсип, Елевсип, Малевсип
и баба им Неонила
16 јануари / 29 јануари
Свети Христови маченици
Певсип, Елевсип и Малевсип,
како новонасадени маслини на гората Господова,
имајќи таков силен корен во нивата Неонила,
која со благодат се напојуваше од нивата Христова,
го посрамија мачителот и Бога го прославија,
подигнувајќи се со Господа над овој свет,
и молејќи се за оние кои на Него се надеваат.
По нивните молитви свети,
Господи спаси ги нашите души.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (29.01.2024
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Чесни вериги на Светиот апостол Петар
Овој ден се споменува заради веригите во коишто беше окован од беззакониот Ирод и кои при појавата на ангелот во затворот паднаа од него (Дела 12, 7). Овие вериги христијаните ги чуваа колку заради споменот на великиот апостол толку и заради нивната исцелителна моќ, зашто мнозина болни се исцелуваа допирајќи се до нив (како од ризата на апостолот Павле; Дела 19, 12). Ерусалимскиот патријарх Св. Јувенал овие вериги ѝ ги даде на царицата Евдокија, прогонетата жена на царот Теодосиј Помладиот, а таа ги преполови и едната половина ѝ ја испрати на црквата на Светите апостоли во Цариград, а другата на својата ќерка, царицата Евдоксија, жената на Валентијан во Рим. Евдоксија му изгради црква на Св. апостол Петар и во неа ги положи овие вериги заедно со оние во коишто апостолот беше окован пред да најде смрт од царот Нерон.
Светите маченици Певсип, Елевсип, Малевсип и нивната баба Леонила
Пострадаа за Христа во времето на царот Марко Аврелиј (161 г. – 180 г.) во Франција. Тие беа тројца близнаци. Најпрво христијанка беше само Леонила, а нејзините внуци без незнабожци. После долги советувања од страна на благочестивата Леонила и од месниот свештеник, овие тројца браќа се крстија. Откако се крстија почнаа да ревнуваат за својата вера со сиот младешки жар и во таа ревност појдоа и ги испокршија сите идоли по целата околина. Обвинети и изведени на суд тие го признаа своето дело и јавно ја исповедаа својата вера во Христа. Судијата ги фрли во затвор, па ја повика нивната баба Леонила и ја упати и таа да оди во затворот за да ги посоветува нејзините внуци да се одречат од Христа и да им се поклонат на идолите. Леонила молчешкум појде во затворот и наместо да ги советува внуците да се одречат од вистинската вера, таа почна да ги храбри да не се колебаат да истраат докрај во маките и да умрат за Христа. Кога судијата повторно ги испита и ја виде нивната уште и засилена непоколебливост во верата, ги осуди на срмт. Сите тројца беа најнапред обесени на едно дрво на кое висеа „како жици на гусле“, потоа ги биеја и најпосле ги изгореа. Една жена, Јовила, восхитена од нивната храброст повика: „И јас сум христијанка!“ Веднаш ја фатија и заедно со старицата Леонила ги убија со меч.