ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светите Христови
маченици Галактион и Епистима
5 ноември / 18 ноември
Вера имајќи повредна од животот земен,
дарувана ви беше о Галактионе и Епистимо,
времето дадено за преумување мудро го употребивте поучени одозгора.
Маченички страдајќи раце подадовте –
во прегратка Христова примени бевте,
нозе подавајќи – до Царството Небесно стигнавте,
молете се за нас о вие чии срца,
го глаголат Името Господово.
Извор МПЦ-ОА
Манастир св Јован Претеча Слепче
Православен календар за 18/11/2023
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2023 лето Господово
Од Верскиот календар:
Преподобните маченици Галактион и Епистима
Родени се во финикискиот град Едеса, обајцата од родители незнабожци. Мајка му на Галактион беше бездетна сѐ додека не се крсти. Потоа таа го приведе кон верата и нејзиниот маж и го крсти и воспита како христијанин својот син Галактион. Кога стаса за женидба, неговата добра мајка Левкипија се упокои, а татко му го сврши за некоја девица Епистима. Галактион никако не сакаше да стапи во брак, па ја посоветува Епистима да се крсти, а потоа и истовремено со него да се замонаши. Се повлекоа на гората Пуплион, Галактион во машки, Епистима во женски манастир. И секој од овие двајцата во својот манастир се покажа како вистинско светило. Први во подвигот, први во молитвата, во смирението и послушанието, први во љубовта. Од манастирот не излегуваа ниту се видоа еден со друг освен пред смртта. Настана луто гонење на христијаните и тие обајцата беа изведени на суд. Кога Галактион го биеја, Епистима плачеше. Тогаш и нејзе ја избија. Потоа им ги отсекоа рацете, па нозете, а најпосле и главите. Нивните тела ги зеде Евтолиј и чесно ги закопа. Овој Евтолиј беше најнапред роб кај родителите на Епистима, а потоа монах заедно со Галактион. Тој и го напиша житието на овие прекрасни Христови маченици, коишто пострадаа и примија небесни венци во 253 година.