Светa Maрија Египетска
Во петтата недела од Чесниот пост, нашата Црква го слави споменот на светата Марија Египетска. Црквата во Постот го истакнува нејзиниот живот како пример на покајание. Оваа чудесна светителка беше по род од Египет. Од својата дванаесетта година помина полни седумнаесет години живеејќи развратно, но се покаја и се обрати на прагот на Црквата на Гробот Господов во Ерусалим, каде некоја невидлива сила и забрануваше да влезе и да се поклони на Чесниот Крст. Тогаш, иако во голем страв, се молеше пред иконата на Пресвета Богородица во тремот, да и дозволи да влезе и да го целива Чесниот Крст и вети дека ќе оди таму каде што Светата Пречиста ќе ја упати. Слушајќи глас да премине преку Јордан, таа се упати. Во пустината проживеа 48 години во потполна осаменост и покајание. Јеромонахот Зосим ја сретна во зајорданската пустина, ја причести пред смртта и чесно ја погреба. Се упокоила на 1. април. Тој ден нашата света Црква молитвено го прославува нејзиниот спомен.
Во четвртокот од петтата седмица повторно се чита канонот на свети Андреј Критски и канон во чест на света Марија Египетска, што се нарекува „стоење на Марија Египетска“ или, понекогаш „Андреево стоење“. Со читањето на тие канони, светата Црква ја помага ревноста на христијаните да издржат во духовните подвизи.
Христе, силата на Твојот Крст направи чудеса над Марија Египетска, зашто поранешната блудница сега стана правило и образ на подвижничкиот живот. Отфрлајќи ја природната слабост, таа мажествено војуваше против сатаната. Сега, како небесна светителка, доби награда на победата и се застапува за душите наши.
Вечерна, петта недела од Чесниот пост