Те прашуваат, или поточно, ти досадуваат…
Родители, познаници, роднини — зошто сè уште не си се оженил/омажила, зошто сè уште немаш деца, зошто не си го студирал ова или она и слично…
Не им одговарај.
Не ги интересира, дури и кога те прашува мајката што те родила. Човекот што не ги почитува твоите избори и твојата слобода сака да биде твојот тивок тиранин и да живее преку своите манипулативни наметнувања врз тебе.
Не одговарај. Остави го отровот да падне на земја, а твоето молчење нека биде осветување.
Не дозволувај никому да посегне по сликата на твојот живот што сакаш самиот да ја насликаш.
Ако некој ти рече: „Ама што ќе каже светот?!“, дури и ако тоа е твојата мајка, не постапувај според тоа што ти го наметнуваат! Тоа ќе биде револуција против една диктатура.
Твоето „не“ ќе биде излез кон слободата да ги носиш сопствените одговорности и да ги правиш сопствените избори. Со тоа твое храбро одбивање ги сечеш конците на марионетата!
Оној што живеел заради светот, живеел како жив мртовец.
Остави ги мрачните желби на овој свет и со копнеж и љубов моли се во твојот живот да се исполнува волјата на Господ.
Влези во разговор со Христос. Кажи Му што можеш да поднесеш, а што не; што можеш, а што не можеш.
Божјата волја има многу патишта. Ќе менуваме правци, ќе поминуваме низ различни крстосници и околности. Но суштината е да бидеме со Него.
Не обидувај се да отвориш врата ако е заклучена. Не ја крши!
Не обидувај се да ги пополниш сите оние полиња што овој свет ги поставил како задолжителни. Дури и ако треба да се искачиш на Крстот, нека тоа биде твој сопствен избор. Не качувај други на него, ниту самиот качувај се само затоа што некој ти рекол така.

Слободната лична одговорност не подлежи на преговори. Таа не може да се пренесе на друг. Никогаш не обидувај се да ја префрлиш својата одговорност врз некого.
Дури и ако некои луѓе се виновни за она што ти се случило — било да се родители, пријатели или познаници — ти продолжи понатаму. Прости и продолжи.
Не обидувај се да ги исполниш очекувањата на кого било. Носи ја во себе радоста на Рајот, во сè што правиш.
Сè може да се промени и преобрази со Божјата благодат. Доволно е да го посакаш тоа и да ѝ се предадеш на Божјата благодат.
Доста со мрморењето и самосожалувањето. Животот во Христос е радост и благослов.
Не плаши се. Доволно е да бидеш со Христос, што и да се случи и што и да избереш.
„Еве ме, Господи, таков сум. Во лоша состојба сум, но Те сакам во мојот живот. Сакам ТИ да станеш мојот живот!“
Ти треба ли нешто друго? Сакаш ли нешто друго? Зарем Христос не ти е доволен?
Стрес, автоимуни заболувања, психолошки проблеми, тага, неисполнети очекувања и желби… „Зошто Бог не ми го даде она?“ „Зошто Бог му го даде тоа на друг, а не мене?“ „Зошто токму мене ми се случи ова?“ И така натаму.
Целото ова наше ЕГО! Тоа е нашата болест!
Знаеш што? Проблеми ќе имаме, секогаш ќе имаме. Извини што ќе те разочарам.
Но знаеш што е убавото? Проблемите нема да нè имаат нас, затоа што ние ќе Го имаме Христос.
Сега разбра?
Живеј за себе, преземи ја одговорноста и прифати ја цената на сопствените избори. ТИ! Само ти! Слушаш ли?
А светот нека си зборува! Не одговарај! Танцувај и пеј, и не грижи се за тоа што ќе кажат другите.
Царството Небесно е тука. Го живееме уште овде, во Божествената Литургија. Тука започнува и едноставно никогаш не престанува. Смртта не може да го прекине, затоа што, многу едноставно, таа не постои.
Внимавај што сака да ни каже Христос и запомни ги овие зборови:
„САМО БИДИ БЛИСКУ ДО МЕНЕ!“
„Јас сум за тебе татко, Јас сум брат, Јас сум сопруг, Јас сум дом, Јас сум храна, Јас сум облека, Јас сум корен, Јас сум темел — сè што сакаш, тоа сум Јас. Ништо да не ти недостига. Јас ќе се погрижам за сè. Дојдов да ти служам, а не ти да Ми служиш. Јас сум и пријател, и член на твоето тело, и глава, и брат, и сестра, и мајка — сè сум Јас. Само биди блиску до Мене.
Јас осиромашив за тебе и станав скитник за тебе. Бев на Крстот за тебе, во гробот за тебе. На Небото Го молам Мојот Отец за тебе, а на земјата доаѓам како пратеник на Мојот Отец за тебе.
Ти си сè за Мене — и брат, и сонаследник, и пријател Мој, и член на Моето тело. Што друго сакаш?“
Свети Јован Златоуст
(Толкување на Евангелието според Матеј, Беседа 76, сте. 58, 700; избор и превод: Елени Кондиљи)
протопрезвитер Спиридон Скутис
Подготовка С.Стефковски
08.11.2026


























