ПУШТИ ЈА СВЕТЛИНАТА ВО ПОДЗЕМЈЕТО
Кој од нас не се задушува од некоја мисла или помисла која настојува да ни го пробие умот? И додека се обидуваш да ја избркаш, извикуваш кон Бога, ја менуваш темата на разговор, положбата на твоето тело, сакаш да исчезне од твојата глава, таа уште повеќе господари со твоето битие, ти ја помрачува душата и многупати те носи кон очајот.
Ѓаволот ништо не може да создаде од ништо, бидејќи тој не е творечки туку деструктивен дух. Сее само катастрофи и сака да гледа од страна. Затоа старец Пајсиј рекол дека тој зема материјал од она што веќе постои во нас. Чувствителниот го прави почувствителен, лошиот - полош, бесчувствителниот уште посуров итн. Односно, тој всушност ги користи нашите достапни душевни и духовни состојби, болки и рани. Затоа, колку е понесредено подземјето на нашата душа, толку повеќе и потешки помисли имаме. Кое е решението? Да ја испразниме просторијата длабоко во нашата душа. Тоа е неопходно. Празнење, грижа, уредување на нашиот душевен простор. Посебно на сите наши рани и трауми.
Но, тоа не може и не треба да се прави со насилие, страв и вина. Затоа што кога си правиме насилство врз себе, тоа води кон отпор. Тоа треба да се случи тивко, смирено, нежно, без паника и брзање. Замислете човек кој после многу години влегува во подрумот на својот дом да го исчисти. Ако одеднаш ја пушти јако светилката, што ќе се случи? Ќе биде исплашен и шокиран од нечистотијата и нередот што ќе го види. Што треба да направи? Полека да ги отвори прозорците за да влезе светлина. Тогаш ќе види каде има нечистотија и ќе започне да се преуредува и чисти.
Потребно е смирение, трпение, многу молитва и добар духовен водач. Нежно и смирено да се свртиме кон Христа, но не со насилство и притисок врз нашиот нервен систем, бидејќи тогаш помислите ќе се зголемат, ќе нè обземат стрес и паника, а порано или подоцна ќе се појави тага и очај во нашите животи.
Свети Порфириј рекол: „Не борете се да ја истерате темнината од одајата на вашата душа. Отворете дупка за да влезе светлина и темнината ќе исчезне“. Со други зборови, светителот ни вели: Не обидувајте се да се промените со критички движења, самопонижување и насилие, туку на позитивен начин. Размислувањето за тоа колку сте лоши, бескорисни и злобни не ве води никаде, особено кога тоа се прави психолошки, а не по благодат, односно преку присуството на Светиот Дух, Кој ве води кон смирение. Да не заборавиме дека благодатното смирение е едно, а психолошкиот комплекс е друго. Затоа, важно е да се поправиме себеси, да си ги залечиме раните на позитивен и светол начин преку Христос, молитвата, светата Литургија и човечките односи, љубовта и пријателството, врската со природата, животните, сето создание. Кога ќе видите сè преку Христа, вашето битие може да се заслади и исцели. Сите овие нешта се допири на Бога, сè додека му дозволуваме да нè допре.
П.С. Научете да ја кажувате Исусовата молитва и не дозволувајте таа да ја напушти вашата уста или срцето. Тоа ќе ве одведе до другите нешта…
Автор: о. Харалампиј Пападопулос / Извор bogonosci.bg
За Преминпортал Симеон Стефковски
17ти јануари 2023 лето Господово