логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

лого

16ти ноември   2020 лето Господово

 

 

Има времиња кога темнината се чини попогодна за очите од светлината. Одредени болести или лекарства може да предизвикаат светлината да изгледа неподнослива, а темнината удобна. Истово се случува и со светлината на Евангелието. Исто како што светлината не влијае врз слепиот човек и предизвикува болка и неудобност кај оние, чиишто очи не можат да ја поднесат светлината, на истиот начин, зборовите на нашиот Господ ќе останат незабележани од некои или ќе им причинат болка на други.

Како родители кои сакаат да им ја пренесат светлината на Словото Божјо врз душите на нашите деца, мораме да ги носиме погорните факти во умот и да дејствуваме соодветно. Поучувањето во Православната Вера не може да ги следи методите на световната настава. Формалното образование пренесува знаење со цел да ги оспособи студентите за чување и анализирање на информацијата. Затоа, колку повеќе изучува, колку повеќе аналитична станува личноста, толку повеќе се вели дека е образувана. Поучувањето во верата не пренесува толку многу информации, колку што се стреми да го образува умот Христов (1 Кор. 2, 16) во душата на оние кои се поучувани.



Бидејќи целта на духовното образование е толку различна, исто така и методот е различен. Што мислиме кога велиме дека целта на Христијанското образование е образување на умот Христов? Овие зборови на Свети Јован Златоуст ја илустрираат разликата:

„Бидејќи таква е природата на нашите таинства. Јас, на пример, се чувствувам поинаку за овие теми, отколку еден неверник.

Јас слушам, ‘Христос беше распнат’; и веднаш í се восхитувам на неговата љубов кон луѓето: друг, пак, слуша и тоа го смета за слабост.

Јас слушам, ‘Тој стана слуга’; и не се чудам на неговата грижа за нас: друг, пак, слуша и тоа го смета за срам.

Ја слушам, ‘Он умре’; и јас сум запрепастен од неговата моќ, бидејќи иако во смрт Он не беше задржан во неа, туку дури и ги скрши врските на смртта: друг, пак, слуша и претпоставува дека тоа е беспомошност.

Тој, слушајќи за воскресението, вели, тоа е легенда; јас сум свесен за фактот што го покажува тоа, паѓам ничкум и му се поклонувам на Божјото снисходење.

Тој слушајќи за бањата (крштението), ја смета само за вода: но јас не го гледам само она што се гледа, туку очистувањето на душата коешто е од Духот. Тој смета дека само моето тело било измиено; но јас поверував дека душата исто така постанала чиста и света“ (Омилии на Коринтјаните, Омилија 7, параграф 2).

Целта на духовното образование нè води кон тоа да разбереме дека методот на поучување е исто така различен од методот кој се употребува во световното образование. Светиот Пророк Исаија објавува, „Он ми даде уво за да слушам“ (Ис. 1, 4). Исто така на ова дополнително уво се мисли кога Он рече, „Кој има уши да слуша, нека чуе“ (Мт. 11, 15). Што друго е ова уво, освен дарот на Светиот Дух, на коешто мора да му претходи поучување. Поради оваа причина, Црквата како целина се моли за Огласените, и посебно, службата за Огласените се извршува на самиот почеток на образованието во Верата.

Накратко, Христијанското образование никогаш не може да биде разделено од молитвата, особено од Божествената Литургија. За време на Божествената Литургија, како што нè учи свети Максим Исповедник, секоја личност е преобразена, преобразена и претворена во побожествен образ, покорна на Самиот Дух (Свети Максим, Тајноводство, 24). Токму за време на молитвата го спознаваме присуството Божјо, Го запознаваме и засакуваме нашиот Господ, така што тогаш и само тогаш историските факти од Светото Писмо ќе имаат некакво значење за нас.

Целта на Христијанското образование е обликување на душата и ова изискува голема трудољубивост. Свети Јован Златоуст, во неговите поуки до родителите, ја споредува детската душа со град. Детската душа е град дури и кога во неа некои се крадци, а некои чесни чуѓе, па така е и со мислите и размислувањето на душата (За тоа, родителите да ги донесат децата на вистинскиот пат, p. 23). Борбата помеѓу разните склоности на душата е борбата помеѓу себељубието (гордост и чувственост) и тежнеењето да се стане едно со Христа (Гал. 2, 20). Во оваа борба за обликување на душата, Христијанското образование се обидува да ја намали силата на себељубието и да ја зголеми желбата за Христоподобие.

Христијанското образование, без сомнеж, мора да започне уште од моментот кога се раѓа детето. Исто како што детето зависи од неговата мајка за телесна исхрана, исто така бара и духовно хранење. Уште од моментот кога мајката го добива нејзиното бебе во рацете, таа треба да го запечати со знакот на крстот, исто како што се прекрстува себеси. На овој начин детето не добива само благослов од неговата мајка, туку и поука. Тоа е основно поучување во молитвата и покажува дека секое христијанско дело треба да биде запечатено со знакот на крстот. Амбиентот е дел од христијанското образование и детето прима поука исто како, кога некој оди во парфимерија, дури и ако не купи ништо, учествува во пријатниот мирис (Поуките на Пустинските Отци). Кога мајката се моли пред домашниот иконостас, таа треба да го носи нејзиното новороденче во рацете. Овој молитвен амбиент исполнет со Божјата Благодат, е парфимеријата и детето учествува во благоуханието на молитвата.

Имајќи го погорекажаното во умот, гледаме дека христијанското образование не може да биде ограничено само на црковното училиште, туку тоа е доживотна пракса којашто треба да започне уште од раѓањето на детето. Кога мајката или таткото се молат со детето и го благословуваат со крсниот знак, со икона, парче памук што било допрено до свети мошти или било потопено во кандило, не само што се пренесува благослов, туку и душата на детето се поучува во верата. Образовната вредност на литургиските чинови, како што е едноставниот родителски благослов, не може да биде потценет. Литургиските чинови играат значајна улога во приведувањето на душата кон Богопознание, коешто, после сè, е целта на христијанското образование.

Во процесот на образување на умот Христов во душата, христијанското образование има сугуба (двојна) улога. Тоа мора да се бори со склоноста на душата што ги следи дошепнувањата на ѓаволот и ја води душата кон познание и единство со Бога. Литургиските чинови дејствуват токму на овој начин. Телесните образи дејствуваат како гориво на разните склоности на душата. Токму затоа нашиот Господ заповеда јавно сведочење на верата, толку очигледно во Евангелијата и во житијата на Светиите.

Ликот на маченик кој радосно ги прима измачувањата или на еден подвижник седнат на врвот на столбот, имун на пустошот на стихиите, безброј души ги приведе кон Богопознание. Овие примери го одразуваат Лицето на нашиот Господ и гледачот го гледа Бога. Сите овие се икони на нашиот Господ. Мораме да го сфатиме тоа, исто како што има икони на Христос, исто така има и икони на Антихристот коишто ја водат душата кон познавање на таткото на сето зло, ѓаволот. Иконите на нашиот Господ ја поништуваат силата на иконите на Антихристот и следи дека, христијанското образование треба да се стреми да ја опкружи христијанската душа со овие икони на нашиот Господ и на овој начин да го удави Фараонот во Црвеното Море.

Се чини дека христијанското образование има две полиња на дејствување, но, всушност, целта е една: образување на Умот Христов. Преку падот на нашиот праотец Адам, нашата душа стана предмет на интригите на Сатаната. Нашиот Господ ја покажува оваа сатанска активност додека го истакнува патот кон спасение. „Сатаната посака да ве сее како пченица; но Јас се молев за тебе, за да не намали твојата вера“ (Лк. 22, 31-32). Овие зборови се однесуваат на секоја личност, не само на свети Петар. Свети Макариј Египетски му посвети прекрасна омилија на овој стих. Следниве неколку зборови ни укажуваат на што мислел нашиот Господ со зборовите „ќе ве сее како пченица“: „Луѓето биваат доведувани во колебливост од постојанен страв, од збрканост и желби, како и од разновидни многубројни задоволства. Кнезот на овој свет ја бранува секоја душа, која не е родена од Бога и, слично на пченицата во решето, на најразлични начини ги вознемирува човечките помисли, – сите ги доведува во колебливост и ги уловува преку измамите на овој свет, преку телесни задоволства, стравувања и збрканост“ (Добротољубие том 1, Омилија 5/2, Скопје, 1997, 163).

Во нашите борби за да го преживееме метежот со којшто ѓаволот се обидува да ја завладее нашата душа, христијанското образование служи не само како оружје, туку уште поважно, како крилја. Нашиот Господ нè увери, „Јас се молев за тебе, за да не намали твојата вера“. Во овие неколку зборови ја гледаме тајната на нашето спасение опишана во сопостоењето на Божествената благодат и човечката вера. Човечкиот елемент во тајната на спасението е борбата да му се одолее на ѓаволското сеење и, ако се бориме, крилјата нè извлекуваат од ситото на Сатаната. Токму на овие души Господ им зборува кога вели дека тие поминуваат „од смрт во живот“ (Јован, 5, 24). Ова е прераѓањето кон кое упатува Свети Никодим. Раѓањето и препораѓањето на Христијанинот е како она на гасеницата. Нејзиното прво раѓање произведува едно грдо, влекачко суштество; а препораѓањето – прекрасна пеперутка којашто има крилја да ја носат кон височините. Коментирајќи го ова повторно раѓање, Свети Макариј ги истакнува Божествените и човечки елементи на оваа тајна. Преку тоа да се биде роден од Бога одозгора и да се биде привилегиран со станување на чедо Божјо во вистина и ефикасност и со стигнувањето, преку многу борби и напори кои траат долго време, во стабилна и сталожена состојба на слобода од немир и понатаму нерасеани и разбранувани од немирните и суетни помисли (Омилија 5, 4).

Христијанското образование се обидува да и помогне на душата да Го засака Господ опкружувајќи ја со впечатоци што ќе ги згаснат злобните склоности на душата и ќе ги засилат склоностите кои ќе ја родат повторно и ќе ја соединат со Господ.

Овде би сакал да ги споредам овие впечатоци со иконите. Иконата не е само претставување на историски настан или лик на светител, туку Благодатен сад. Свети Јован Дамаскин на прекрасен начин го објаснува ова:

„Исто како кога некој предмет доаѓа во допир со огнот станува оган, не по сопствената природа, туку преку соединувањето, горењето и мешањето со огнот, па исто така се случува, велам, со плотта на Синот Божји која нè завзема. Преку заедницата со Неговата Личност, таа плот учествува во Божествената Природа и преку оваа заедница Бог останува непроменлив… Светителите за време на нивните овоземни животи биле исполнети со Светиот Дух и по завршувањето на нивните животи, благодатта на Светиот Дух не се одделува од нивните души или нивните тела во гробовите, или од нивните подобија и свети икони“ (За Божествените Образи, 19).

Христијанското образование не ги користи само Светите икони на кои се изобразени Светителите и настаните кои се случија за време на Домостројот на Спасението, туку и други икони. Би сакал да ги поделам овие икони на три вида: Вербални Икони, Литургиски Икони и Живи Икони. Овие Икони, заедно со Светите Икони го сочинуваат темелот на Христијанското образование.

Светото Писмо и општо делата на Богоносните Отци се средства на Благодатта и поучувањето. Зборовите изговорени од Божествената Уста на Словото Божјо во никој случај не може да се мешаат со зборовите изговорени од човек. Исто како во деновите кога нашиот Господ го проповедаше Евангелието на Небесното Царство, голем број луѓе не можеа да Го распознаат Царот на Славата, бидејќи тие беа слепи за Божествената Природа, на истиот начин многу луѓе се духовно глуви и не можат да ја распознаат Божествената Природа на Словото Божјо.



Има Тајна во зборовите на целото Свето Писмо и никогаш не смееме да ја изгубиме од предвид Благодатта што овие зборови можат и ни ја пренесуваат. За време на Малиот Вход, токму на Благодатта Божја која се наоѓа во Светото Евангелие ñ пееме, „Пријдите поклонимсја и припадем ко Христу“. Токму поради ова верување, многумина Богољубиви Христијани, кога имаат некаква мака, клекнуваат под Книгата на Светото Евангелие, додека се чита во Црква. Ако крајот од облеката на нашиот Господ можеше да го сопре крвотечението на жената која боледуваше многу години, и ако сенката на Апостолите (Дела 5, 15) можеше да исцелува болни, тогаш колку повеќе зборовите изговорени од Светиот Дух!

Зборот Господов не е само звук создаден од движењето на јазикот, туку е живототворно семе, насадено во плодните срца на слушателите. Поради ова Бог заповедал слушање и изучување на Зборот Божји како интегрален дел на духовниот живот на древниот Израил. Чедата Божји, во нивните секојдневни молитви, го предвидоа Воскресението на нашиот Господ и запеаја, „Стани Господи, и помогни ни, избави не поради името Твое“ (Пс. 43, 26). Ова е така бидејќи во истиот Псалм, првата Пасха е употребена од Пророкот за да укаже на Пасхата на нашиот Господ: „Боже, со ушите наши чувме, а татковците наши ни раскажуваа за делото што си го направил во нивните дни, во деновите древни“ (Пс. 43, 1). Ослободувањето на децата на Стариот Израил од ропството на древниот Фараон беше постојано во нивното сеќавање (Излез, 13, 1) влевајќи им надеж на Новата Пасха, Воскресението на нашиот Господ. Зборот Божји беше Манната што ги хранеше децата на Стариот Завет.

Па така, Светото Писмо е Вербална Икона која им пренесува Божествена Благодат и поука на слушателите и исполнителите на Зборот Божји. Низ текстовите на Светите Отци, Зборот Божји е проткаен со Делата Божји. Ова е Икономијата на Спасението, Божјото дејствување и нашиот одговор на Неговиот повик кон нас, зависи од двостраното хранење на Благодат и поука. Кои се различните икони што Светото Писмо ни ги претставува? Свети Јован Златоуст ги опишува: Сиромаштијата Христова; кротоста на нашиот Владика; долготрпението на нашиот Бог; љубовта на нашиот Спасител (На Псалмите, Омилија 43, 9). Ова се иконите што ги наоѓаме во Светото Писмо. Светото Писмо не само што ни кажува дека Бог е љубов, туку исто така ни ја покажува нам Љубовта Божја, или, со зборовите на Свети Јован Златоуст, Христос ги потврдува Неговите со зборови со Неговите дела (На Делата, Омилија 1).

Сфаќањето на Светото Писмо како Икона е Апостолско. Свети Иринеј, следејќи ги преданијата на Светите Апостоли, го споредува Светото Писмо со прекрасен мозаик изработен од скапоцени камења, којшто изобразува голем цар. Тогаш тој нè предупредува да внимаваме на еретиците, кои ги преместуваат скапоцените камења и измислуваат лик на куче (Против Ересите I, 8, 1). Гледајќи ја оваа икона, било преку слушање или читање, Христијанинот ја прима Благодатта на Небесното Царство. Свети Јован Златоуст, говорејќи им на Христијаните кои доаѓале да ја слушната неговата омилија на Евангелието според св. Јован, ги потсети на овој факт, Ние влегуваме во Небесата кога влегуваме овде: јас мислам, не во место, туку во расположение; бидејќи можно е за некој кој е на земјата да стои на Небесата и да има созерцание на тамошните нешта (На Евангелието според св. Јован, Омилија 1, 10).

Сè што беше кажано погоре во врска со Светото Писмо е вистина исто така и за Делата на Светите Отци. Зашто исто како што Евангелијата се продолжение на Стариот Завет, Делата и Посланијата продолжение на Евангелијата, на истиот начин, пишувањата на Светите Отци се продолжување на Светото Писмо. Не е ли Светиот Дух автор на сите овие текстови? Светиот Дух, којшто во старо време зборуваше преку Пророците и Апостолите, продолжи да зборува преку Светите Отци. Било да го читаме Законот Мојсеев или Пророците, Евангелијата или Посланијата, Светото Писмо или Делата на Отците, ние се запознаваме со Иконата Христова. Токму оваа икона ја почитуваме кога ние внимателно и молитвено го слушаме или читаме целото Писмо (II Тим. 3, 16). Токму од оваа икона Христова добиваме Благодат и поука.

Уште од раните денови на Црквата, Светите Отци зборуваа за Божествената Литургија како за Икона. Свети Дионисиј Ареопагит, во неговото дело „За Црковната Ерархија“, и Свети Максим Исповедник во неговата „Мистагогија“ (Тајноводство), прекрасно нè поучуваат како Црковните богослужби, а особено Божествената Литургија се Икона на Небесното Царство. Исто како што насликаната икона е средство на Божјата Благодат за Христијанинот кој ñ се поклонува, на истиот начин ние сме осветени и просветлени кога учествуваме во Божествените Служби на Црквата. Заедничкото собирање на Христијаните за да се молат е голема Тајна. Навистина нашиот Господ е со нас како што Самиот Он ни вети, зашто, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив (Мт. 18, 20). Овој стих не е сфатен како да има само симболичко значење од страна на Православните Христијани, туку тој јасно ја објавува тајната на присуството на нашиот Господ на Христијанските собири (Синаксис). Токму поради тоа детето се носи во црква, кога ќе биде физички возможно, се крштева и станува член на Телото Христово и учесник во собирите на браќата на нашиот Господ.

Свети Јован Златоуст го опишува Христијанскиот Синаксис како Тајна во којашто сите Христијани земаат учество: Влегуваме во Небесата кога влегуваме овде (во Црквата)… бидејќи можно е за некој кој е на земјата да стои на Небесата и да има созерцание на тамошните нешта (За Евангелието според св. Јован, Омилија 1, 10). Во иконата на Покров на Мајката Божја, којшто се слави на 1 октомври, го имаме истово учење опишано иконографски. Видението на Свети Андреј е Тајната на Христијанскиот Синаксис. Сите Христијани се учесници во оваа Тајна и годините не се пречка. Поради Тајната на Христијанскиот Собор, интимната молитва не може да го замени. Христијанските родители чувствуваат неопходност да ги донесат нивните деца на Синаксис за да ја примат Благодатта на оваа голема Тајна. Оваа благодат е таму и наспроти фактот што многумина од нас не се свесни за тоа. Нашиот Господ и Спасител им го открива Неговото присуство на оние кои беа способни да ја примат Неговата Благодат. На патот за Емаус, после Воскресението на нашиот Господ, учениците Лука и Клеопа чекореа со нашиот Господ, а сепак не беа свесни за Неговото Присуство, сè додека Он Самиот не им се откри (Лк. 24, 13-33).

Учествувајќи во Божествената Литургија ние всушност учествуваме во Свадбената Прослава во Небесното Царство. Свети Максим нè учи дека нашиот Господ мисли на Божествената Литургија, кога Он ќе рече, отсега нема да пијам од овој лозов плод сè до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец (Мт. 26, 29). Секој свет Храм во којшто се собираат Православните Христијани за да Му служат на Господ е втората Гора Тавор. Влегувањето во Светиот Храм е исто како искачување на Гората Тавор, на чијшто врв светите ученици стана учесници во Божественоста на нашиот Господ. Токму присуството на нашиот Господ допушти Гората Тавор да стане Небесно Царство и оние кои се најдоа на нејзиниот врв да станат жители на Царството. Токму истото ова Божествено Присуство кое се наоѓа во секој Православен Храм и во кое земаме учество, полека се зголемува сè додека не ја добиеме полнотата на Восиновувањето.

За време на Божествената Литургија секој чин е средство на Божјата Благодат што нè води кон полнотата на восиновувањето. Поради ова Свети Максим Исповедник нè предупредува: Затоа да не отсуствуваме од Светата Црква Божја бидејќи таа содржи, преку воспоставувањето на осветените Божествени Симболи, такво изобилие на Тајните (Мистагогија, 24). Малиот Вход таинствено е Икона на доаѓањето на нашиот Господ во овој свет (Мистагогија, 8). Пеењето на Трисветото нè причислува кон ангелите (Мистагогија, 13). Големиот Вход нè воведува во Небесното Царство во коешто ќе пиеме од лозовиот плод со нашиот Господ (Мистагогија, 16). Самите химни имаат духовна радост… којашто ги издигнува нашите души кон совршената и света љубов Божја (Мистагогија, 9).

Што е она што ги тераше Христијаните кои живееја и сè уште живеат под гонителите на Црквата да ја игнорираат смртната закана и да се собираат заедно на Божествена Литургија? Не можеа ли сами да се молат во своите домови? Благодатта од Присуството на нашиот Господ на Светиот Синаксис направи да ги презираат заканите на тираните. Тие беа свесни за присуството на нашиот Господ на Светото Собрание. Тие знаеја дека Светиот Храм е Гората Тавор и дека преку учеството во Благодатта на Светите Служби, тие беа водени, чекор по чекор, во полнотата на Царството.

Опкружени од мноштвото икони коишто нашиот Господ и Спасител ни ги дал за да бидеме способни да се ослободиме од стариот човек и да се облечеме во новиот човек, ни се понудени храна и сила за да ја постигнеме нашата цел. Образувањето на Умот Христов многу ќе се потпомогне, опкружувајќи се себеси со Светителите Божји, кон кои се обраќаме како кон Живи Икони. Избраниците Божји не само што посредуваат за нас, туку исто така ни се нудат себеси за да нè поддржат во нашите напори да станеме Христоподобни. Токму поради оваа причина нашиот Семоќен Отец ни ги откри Светителите. Инаку тие би можеле да останат непознати посредници како што всушност се и мнозинството Светители.

Да ги погледнеме зборовите на Апостолот Павле кој стана сè за сите и беше спремен да го даде своето спасение само за да се спаси некој од браќата. „И како што го носиме обликот (образот) на земниот, така ќе го носиме и образот (иконата) на Небесниот (I Кор. 15, 49). Свети Григориј Низиски го толкува стихот со следниве зборови: Тогаш Бог, Кој е над секое знаење и сфаќање, Кој е неискажлив и неопислив, за тебе повторно да те направи образ (икона) Божји, поттикнат од љубовта кон човештвото, стана образ (икона) на невидливиот Бог, па така со истиот облик што го зема Он ќе биде оформен во тебе; и ти повторно ќе се сообразиш на печатот на Прототипот (За Христијанското Совршенство, VII). Со други зборови, нашиот Господ и Спасител е Икона на Семоќниот Бог и ние сме повикани да се сообразиме со образот Христов и така да станеме икони на Иконата Божја.

Свети Григориј го илустрира погорекажаното велејќи, „претпостави дека се обучуваме во уметноста за сликање на портрети. И ако инструкторот постави пред нас прекрасен портрет, секој од нас би требало да ја прецрта истата убавина во неговиот цртеж. На истиот начин, секој слика портрет на сопствениот живот. Меѓутоа постои опасност, прецртувајќи ја изворната убавина да насликаме грда и несимпатична форма (За Христијанското Совршенство, VII). Очигледно она што е потребно овде е поголема умешност во техниката  и во изборот на боите. Нешто што може да се научи од оние кои веќе ја прецртале изворната убавина врз нивното земско платно, и станале икони на Иконата Божја. Овие инструктори се Светителите на нашата Света Црква.

Низ посланијата сретнуваме како Свети Павле нè поттикнува да го подражаваме, како што тој Го подражава Христа (I Кор. 11, 1; I Кор. 4, 16; Ефес. 5, 1; I Тим. 1, 6; 2, 14). Ова не е празно фалење туку молба на татко кој над сè посакува да ги приведе децата свои кон Бога. „Чеда мои, кои пак со мака ве раѓам, додека не се изобрази во вас Исус Христос“ (Гал. 4, 19). Свети Павле се радува во неговите страдања бидејќи гледа дека тоа ги приближува неговите браќа кон Бога. „И повеќето од браќата на Господа, поттикнати од моите окови, почнаа посмело, без страв, да го проповедаат словото Божјо (Фил. 1, 14). Тој знаеше дека преку неговите страдања и пример тие ќе станат учесници во неговата благодат (Фил. 1, 7) и дека Христос беше возвеличан бидејќи браќата беа обновени според Иконата (Образот) на нивниот Создател (Фил. 1, 20; Кол. 3, 10).

Житијата на Светителите ни даваат можност да учиме од оние кои станале икони на Иконата или како што вели Свети Василиј, житијата на Светителите се запишани како живи икони на побожниот живот за ние да ги подражаваме (Писмо 2 – До Григориј). Нашиот Господ ни ги дава Светителите та ние да можеме да се просветлиме преку нивниот живот и од нив да научиме како да станеме Христоподобни. Вие сте светлината на светот… и им свети на сите в куќи (Мт. 5, 14-15). Свети Григориј Низиски споредувајќи го Свети Ефрем Сириски со свеќа објавува, Самиот Господ свети како оваа светлосна свеќа која е посјајна од сонцето… разлевајќи ја неговата светлина врз оние кои бесцелно лутаат во светот (За Свети Ефрем, Migne, P.G. 46:820). Житијата на Светителите навистина се светлина, проголтуваќки оган којшто расте од зафаќањето на разни материјали и се зголемува од сè што ќе допре (Свети Јован Златоуст, Пофалба на Свети Павле, VII). Ликот на Светителот им ја дарува неговата благодат на оние кои со чисто срце ги гледаат борбите на Светителот. Кој може да изброи колку пагани беа приведени во Верата преку гледање на борбите на Апостолите и на Христијаните од Апостолскиот и Пост-апостолскиот период. Колкумина беа распалени преку аскетските борби на пустиножителите? Колкумина ги смачкаа нивните идоли во темелот на светите столбови на чијшто врв седеа најсветите Столпници? Како Свети Павле страдањата на Новомачениците од Муслиманското ропство станаа храна за безброј Христијани, како што сегашниве Новомаченици од Советската тиранија ја раширија нивната светлина како светилник во бура и одведоа многумина во сигурното пристаниште на Црквата.

Житијата на Светителите се вистински икони, кои ни ја пренесуваат нивната благодат за да можеме да го следиме патот што тие ни го покажаа. Тие ги водат сите од грев во праведност. Мажи и жени од сите возрасти и од сите општествени нивоа преку Житијата на Светителите се сообразуваат со Образот на нашиот Небесен Отец. Житијата на Светителите ја лечат секоја болест на нашата падната природа. нашиот Господ ни ги дал овие за да можеме да откриваме во нив разновидност на човечки слабости и демонски искушенија со кои се соочуваме во секојдневниот живот и со нашите очи да гледаме како да ги надминеме. Преку следење на примерите на Светителите ние учиме како да ја избришеме од нас земската икона и да ја облечеме Небесната Икона. Ова е целта на Христијанското Образование – изобразување на Образот на Семоќниот Бог во срцата на оние кои се повикани да бидат Синови Божји.

Превод од англиски:

Свештеник Јани Мулев

 

16-ти ноември 2020 лето Господово

Извор

TVITer270

П.П. 2019-04-12 06:01:50

 

 

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7698
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная