логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БОГОНОСЕН
ОТЕЦ НАШ ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ


ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА


Блажен е оној човек:


На Господи, повикав, стихири на 8, глас 1, самогласни.
Преподобен отче Гавриле, твојот живот во овој свет се покажа како натприроден, зашто живеејќи на земјата, си останал  бестрасен и си го возљубил мирот и тихувањето; следејќи го Христовиот тесен и мачен пат, си се искачил кон небесните обители, каде што се молиш за наше спасение.
   Преблажени отче Гавриле, достојно си ја примил честа рамноангелна и, стоејќи пред Бога со бесплотните (сили), не заборавај нѐ и нас, кои твојот чесен спомен го славиме, туку погледни од небесата и пушти ни ја твојата светлина, та радосно да ги прославиме твоите чудеса.
   Отче Гавриле чудотворче, гледајќи ги Бог твоите бројни подвизи и напори, со кои си блеснал на свешникот од Христовата светлина, со дарот на чудесата збогати нè, и направи сите ние да те знаеме, заради чудесните исцеленија. Поради тоа и ние ти викаме: Моли Го Христа Бога за сите нас кои твојот спомен го славиме, и од гревовните страсти избави нѐ.

Други стихири, глас 6.


   Денес торжествува мноштвото монаси, во  спомен на претставувањето на преподобниот отец наш Гаврила, нашиот украс и Лесновската похвала, кој беше
овоземен по природа, но им стана рамен на духовните суштества. Затоа е наш молитвеник, пред престолот на Севишниот, за да ги примиме  во судниот ден вечните блага.
   Денес на сводот од верата, повеќе од сонцето, болсна споменот на богоносниот отец наш Гаврила, кој соборот на верни го упати кон добродетели: едни со боговдахновени учења и со рамноангелно живеење, а други, пак, како извонреден духовен водач, преславно покажувајќи ги богоподобно. По неговите молитви, Христе Боже наш, помилувај нè и нас, и спаси нѐ.
   Денес се собираат сите краишта на Македонската земја, и набожно, со псалми и песни, го воспеваат преблажениот отец наш Гаврил, кој ја остави светската прелест, а го зеде Христовиот јарем на рамо, и бесовските полкови храбро ги победи, и на дело ни го покажа извонредниот пат на љубовта Божја, и се моли непрестајно за да ги спаси душите наши.
Слава, глас 6:
   Кој нема да те нарече блажен тебе, преподобен отче, кој ли нема да го воспее твоето рамноангелно живеење, кој на земјата блесна со светост како ученик Христов!  Истиот Он те прими и тебе во Царството, и те вброи со сите свети; по природа  човек и земно суштество, те покажа како пријател на ангелите и познат на сите поколенија. Него моли Го, Гавриле преблажени, да ги помилува душите наши.
И сега, богородичен, истиот глас:
   Кој нема да те нарече блажена, тебе, Пресвета Дево, кој ли нема да го воспее  твоето пречисто рождество, зашто Единородниот Син, Кој безвремено засветли од Отецот, истиот Он излезе од тебе, Чиста, откако се воплоти неискажливо; Он, Кој е Бог по природа и Кој, заради нас луѓето, стана и човек по природа; не во две лица разделуван, но во две природи неслиено познаван. Него моли Го, чиста, себлажена, да ги помилува душите наши.
Вход. Прокимен на денот.
Три паримии на преподобниот.

Од книгата Мудрост Соломонова ( 5, 15-24; 6, 1-3 ), читање:
А праведниците живеат довека; нивната награда е во Господа, за нив се грижи Севишниот. Затоа тие ќе го добијат царството на славата и венецот на убавината од раката Господова; Он ќе ги закрили со Својата десница и со Својата мишка ќе ги заштити. Он ќе ја земе Својата ревност и како силно оружје, ќе ги вооружи сите созданија за одмазда против непријателите.
Како оклоп ќе ја облече правдата, а како шлем ќе го стави – нелицемерниот суд; светоста ќе ја земе како штит непобедив; гневот Свој строг ќе го изостри како меч, и сиот свет ќе појде со Него во бој против безумните. Тогаш ќе полетаат добро вперените стрели, и од облаците, како од силно затегнат лак, ќе ја погодуваат целта; и како од бојна направа за фрлање камења – ќе се исипе град; морската вода ќе беснее врз нив и реките без милост ќе ги издават. Духот на силата ќе стане против нив и како виор ќе ги разнесе. Така беззаконието ќе ја опустоши целата земја и лошите дела ќе го превртат престолот на силните. Затоа, слушајте цареви и разберете, поучете се судии од краиштата на земјата. Внимавајте вие што владеете со множествата и кои се фалите пред народите! Господ е Оној, Кој ви ја подари власта; силата е од Севишниот, Он ги иследува вашите дела и ги испитува вашите намери.
Од книгата Мудрост Соломонова ( 3, 1-9 ), читање:
А душите на праведниците се во Божја рака; до нив нема да се допре никаква мака. Во очите на нерзумните, тие се како умрени, а нивниот крај се сметаше за пропаст; и тоа што тие заминуваат од нас – како уништување, но тие живеат во мир. Зашто иако во очите на луѓето се казнуваат, надежта нивна полна е со бесмртност. Бидејќи малку казнети, тие ќе добијат големи блага, зашто Господ ги испитал и ги нашол достојни за Себеси. Он ги проверил како злато во печка и ги примил како најсовршена жртва. Во времето на воскреснувањето, тие ќе светкаат како искри меѓу гранки. На племиња ќе им судат, над народи ќе владеат, а над нив Господ ќе царува довека. Оние што се надеваат на Него, ќе ја познаат вистината, а кои Му се верни во љубовта – ќе живеат во Него, зашто Он има милост и милосрдност (за Своите светии и промисла –) за Своите избраници.


Од книгата Мудрост Соломонова ( 4, 7, 16-20; 1-7 ), читање:
А праведникот и рано да умре, ќе биде во мир, Праведник, умирајќи, ќе ги осуди  живите безбожници и младоста што стигнала бргу до совршенство – долговечната старост на неправедникот, зашто тие ќе го видат крајот на мудриот и не ќе сфатат што определил Господ за него и зошто го поставил во безопасност;  тие ќе видат и ќе го понижат, но Господ ќе им се потсмее;  и потоа тие ќе бидат презрен труп и срам меѓу умрените довека, зашто Он ќе ги турне и тие ќе паднат безгласно ничкум – ќе ги отргне од нивната основа и тие најпосле ќе опустеат, ќе бидат во жалост и споменот за нив ќе загине; сознавајќи ги своите гревови, тие ќе застанат со страв и нивните беззаконија самите нив ќе ги осудат. Праведникот ќе застане со голема смелост пред лицето на оние што го навредувале и ги презирале неговите подвизи;
а тие, откако ќе видат, ќе се збунат во голем страв и ќе се вчудовидат од неговото ненадејно спасение. И, раскајувајќи се и воздивнувајќи од притеснувањето на својот дух, ќе мислат во себеси: тоа е оној истиот, кој некогаш служеше за подбив и кој ни беше предмет на потсмев.
Ние, безумните, неговиот живот го сметавме за лудост, а смртта негова – нечесна! А како ли е приброен кон синовите Божји и како добил дел меѓу светите? И така, ние, навистина, се одвоивме од патот на вистината, светлината на правдата не ни светеше, а и сонцето не нè огреа. Ние се исполнивме со беззаконија и лоши дела, а патот на Господа не го познавме.


Литиски стихири на храмот и на преподобниот, глас 1.
    Денес  е споменот на твоето претставување, секогаш споменуван отче Гавриле и, ете, твоето чесно стадо те воспева набожно, славејќи ги твоите подвизи и напори, што си ги претрпел, како прекрасен град во пустината.
   Денес  торжествува Македонија и сета земја славјанска, а најмногу храмот на светиот архистратиг Михаил во Лесново, што си го изградил ти, благодарејќи Му на Бога Кој нам ни те дарува тебе, крепкиот застапник и топол молитвеник пред Света Троица. Неа моли Ја за нашите души.
Слава, глас 4:
   Веселете се, небеса; торжествувајте вие кои ја љубите набожноста; Лесновски гори, заиграјте, зашто пред Христа стои непобедлив поборник и топол застапник на нашиот народ, кој го пресече коренот на страстите и на бесовските напади, и ни ја покажа непобедливата сила и дејство на Крстот Спасителев, кому поклонувајќи се, Му се моли на Христа да им подари на душите наши милост  голема.


И сега, богородичен, истиот глас:
   Пресвета Дево Богородице, Мајко милостива, ете, приоѓаме  кон твојата добрина, подигајќи ги очите на срцата наши кон тебе и, преклонувајќи ги колената, со плач те молиме, не презирај ги нашите воздишки, и во судниот ден биди ни заштитница и помошничка.
Стиховни стихири, глас 2.
   Ти се искачи на врвот на добродетелите, преподобен отче Гавриле и, откако ги уништи ѓаволските лукавства, го прими венецот на победата.


   Стих: Скапа е во очите на Господа смртта на Неговите свети.
   Заради Царството небесно се подвизаваше на земјата богоблажен Гавриле и, откако Го следеше Христа, за даровите на Светиот Дух се удостои.
   Стих: Блажен е оној човек, кој се бои од Господа, и кому му се мили Неговите заповеди.
   Имајќи скриено богатство во својата душа, ти беше дом на Светиот Дух. Моли се, да се спасат нашите души.
Слава, глас 6:
   Денес принесувам пофална песна во твој спомен, отче Гавриле, прими ги и принеси Му ги на Бога со твоите молитви, и избави нè од стоењето од левата страна, а удостој нè да стоиме од десната (страна), та како  топол застапник достојно да те славиме.
И сега, богородичен, истиот глас:
Творецот и избавител мој Христос Господ, откако мина низ твојата утроба, Пречиста, се облече во мене и го ослободи Адама од првата клетва. Затоа, Сечиста, како на Божја Мајка и навистина Дева, гласно ти викаме: Радувај се, ангелски; радувај се, Владичице, застапнице и покрове, и спасение на душите наши.
На благословувањето на лебовите, тропар, глас 8.
Откако Го возљуби Христа ревносно повеќе од  сѐ, и се украси со убавина, смирение и трпение, целиот  свој живот на земјата му го предложи Нему. Затоа ги наследи небесните обители и се удостои за делот на праведните. Со нив, пак, моли се, да се спасат душите наши (2-пати).
И Богородице Дево, еднаш.УТРЕНА
По Шестопсалмие ектенија, и потоа: Бог, Господ:
Тропар на преподобниот, глас 8.
   Откако Го возљуби Христа ревносно повеќе од сè, и се украси со убавина, смирение  и трпение, целиот свој живот на земјата му го предложи Нему. Затоа ги наследи небесните обители и се удостои за делот на праведните. Со нив, пак, моли се, да се спасат душите наши (2-пати).
Слава, и сега, богородичен.
По првото стихословие, седален, глас 1.


   Откако од младоста го засака монашкиот живот, Христа Го следеше од  душа, богоблажен Гавриле. Откако  засветли со добродетелното твое живеење, во молитви постења и бдеења, им стана пример на монасите. Затоа ти викаме: Слава Му на Оној што ти даде сила,  слава Му на Оној што те овенча, слава Му на Оној што, преку тебе, на сите им дава исцеление.
Слава, и сега, богородичен, истиот глас:
    Надеж на христијаните, Пресвета Дево, моли Го непрестајно Бога Словото, Кого што Го роди надумно, заедно со небесните  сили, да ни дарува прошка на гревовите и исправање на животот, на сите кои со вера и љубов постојано те славиме.
По второ стихословие, седален, глас 4.
    Твојот живот, преблажен отче Гавриле, за монасите се покажа како сигурно правило, според кое ревносно живеејќи, се спасуваме, сладејќи ги твоите божествени поуки.
Слава, и сега, богородичен, истиот глас:
   Себлажениот Гаврил, сакајќи да ја види неискажливата слава на Твојот Син и Бог, Богородице, откако чесниот крст  Негов го зеде на рамо, ги следеше Неговите стапки живоносни.
Полиелејни псалми.
Величание.
   Те величаме, преподобен отче, свети Гавриле, и твојот свет спомен го славиме; образецу на монасите и, уште на земјата, сожителу на ангелите.
Избран псалм:
   Трпеливо се надевав на Господ, и Тој се наклони над мене и ја чу молитвата моја. Па ги постави нозете мои на камен и ги зацврсти стапалата мои. Далеку би отишол и би се сместил во пустината. Заприлегав на пеликан во пустина; Не спијам , седам како самотна птица на покрив. Колената ми изнемоштија од пост. А телото мое ослаби. Секоја ноќ го навлажнувам леглото мое. Г лутница кучиња ме опколија, цела чета од злочинци се врти околу мене. Тие исфрлаат ранливи зборови, како стрели. За да стрелаат скришно на непорочниот. Секогаш пред очи ми е Господ, зашто Тој е од мојата десна страна, за да не се поколебам. Сите народи ме опколија, но со името Господово јас ги разбив. Нека е благословен Господ, Кој не нѐ предаде во плен на нивните заби. Нека Те прославуваат, Господи, сите Твои дела. И нека Те благословуваат светиите Твои. Знајте дека Господ го запазил Својот верен. Д ури и да се мачи долго, да живее вечно. Ја чува Господ душата на своите светии.  Ќе се развеселат светиите во слава, ќе се зарадуваат врз леглата свои. Скапа е во очите на Господ смртта на Неговите светии. Пејте Му на Господ, верници Негови, благодарете Му на Неговото свето име, и на сите народи – чудесата Негови. Слава, и сега: Алилуја (3- пати)
По полиелејните псалми, седален, глас 8.
   Подигајќи ги твоите  раце кон небесата, преподобен отче наш Гавриле, и испраќајќи ги кон Севишниот твоите молитви, си Го гледал јасно Царот на славата – Христа, со ангелите и, населувајќи се во непроодните пустини, си Го славел Господа, Кој те чува со Божјата благодат.
Слава, истото.
И сега, богородичен, глас 8:
   Ти го принесуваме гласот Гаврилов, Богоблагодатна, радувајќи се и говорејќи: Радувај се, место за осветување! Радувај се славо на преподобните и спасение на сите верни! Радувај се, преку тебе се обоживме, Богородице Приснодево.
Степена, првиот антифон од глас 4.
Прокимен: Скапа е во очите на Господа смртта на Неговите свети.
Стих: Што да Му дадам на Господа за сите Негови добрини што ми ги направи мене.
 Потоа: Сѐ што дише:
Евангелие според Матеј ( 11, 27-30 ), зачало 43.
По 50-от псалм, стихира глас 6:
   Преподобен отче Гавриле, твојата проповед се рашири по  целата земја, затоа на небесата си примил награда за твоите  подвизи, си ги погубил демонските полкови, и си ги достигнал ангелските чинови, чиј живот си го подржавал непорочно. Имајќи смелост пред Христа Бога, испроси мир за душите наши.
Канон на Богородица со ирмос на 6, и на преподобниот, на 8.


Канон на преподобниот, глас 3:
Песна 1.
   Ирмос: Ти си, Боже, Тој што правиш чудеса дивно и славно, Кој бездната (морска) ја исуши, и ги спаси луѓето кои што Ти пеат Тебе, како на Цар наш и Бог.
   Ти, кој што ревносно Го возљуби Господа, се подвизаваше со желба да го достигнеш Царството небесно и се просветли со божествената благодат, озари ми го умот за да го воспеам твоето житие.
   Никој не може да ги изброи твоите подвизи и напори, сеноќни бдеења и со нив мноштвото други добродетели, преку кои си примил од Бога награда.
   Чудесен живот на земјата помина, бдеејќи, молејќи се и трудејќи се. Поради тоа се всели во небесните обители.
   Богородичен: Избави ја душата моја од замките ѓаволски, Пречиста Богородице, зашто на сите земни ти си им крепка помош и топла застапница.Песна 3.
   Ирмос: Утврди ги, Господи, срцата наши, и просветли ги за да ти пееме, и да Те славиме, Спасе, во вечни векови.
   Откако се озари со благодатта на Божјата промисла, се покажа туѓ за сите роднини и пријатели, откако се прилепи кон роднините небесни; и сега живееш живот бесконечен.
   Сите убавини на овој живот си ги сметал за ѓубре, оти ништо повеќе не си сакал од љубовта Христова, имајќи желба да се наситиш од Неговата слава и со радоста вечна, во кои имаат желба да се појават и ангелите.
  Имајќи во душата вера изобилна, дадениот ти талант си го умножил трудољубиво, и си примил власт над нечистите духови. Не заборавај нè нас кои твојот свет спомен го славиме.
   Богородичен: Владичице, Мајко Божја, благословена и пренепорочна, раните на мојата душа исцели ги, и страстите телесни умртви ги и, те молам, умот мој од секаква штета непријателска и напасти избави го.
Седален, глас 2.
   Со смирение и строго подвизување се покажа син на Светлината, и сега во Царството небесно јасно Ја гледаш Света Троица, преблажен Гавриле! Неа моли Ја, да им даде прошка на гревовите на оние што со љубов го празнуваат твојот свет спомен.
Слава, и сега, богородичен, истиот глас:
   Архангел Гаврил, стоејќи пред твојата красота, Богорадосна, ѝ се восхитуваше и викаше: О Невесто неискусобрачна, Отроковице чиста, како да ти ја пренесам тајната криена од пред вековите, зашто ти си соединувањето на небесното и земното. Радувај се  благодатна, Господ е со тебе.
Песна 4.
   Ирмос: Необична и неискажлива е тајната на Твоето раѓање! Го слушнав гласот Твој и се исплашив и, веселејќи се, Ти викам: Слава на силата Твоја, Човекољупче.
   Ти си бил син на послушанието и, откако страсните помисли ги покори на умот на Господа, си Му викал на Христа: Слава на силата Твоја, Човекољупче.
   Живеејќи во пустината како во град, преподобен отче Гавриле, не вознемирувајќи се од ништо, заради твоите подвизи се овенча од Христа Бога, Кому, пак, непрестајно Му пееш: Слава на силата Твоја, Човекољупче.
   Откако гревовниот мрак го замрази, и светлината на ангелската чистота ја возљуби, си полетал како со златни крилја кон небесата, непрестајно пеејќи: Слава на силата Твоја, човекољупче.
   Богородичен: Покров и застапница и прибежиште биди ми, мене – твојот слуга, Богородице, и од неизмерните зла исцели ме, за да ти пеам, Пречиста: Слава на твојата Рожба.
Песна 5.
   Ирмос: Со Твојата незаодна светлина, Христе, озари ја, Боже, смирената моја душа, и упати ја на Твојот страв, зашто заповедите Твои се светлина.
   Ти си процветал како кипарис на Лесновската Гора, преподобен отче Гавриле, и плодови на Духот си принел со огромното трпение, телесното скротување, и од бесовите и злобните луѓе понижување. Поради тоа си ја примил вечната утеха.
   Твојот позив  беше не од луѓе, но од Бога, премудри Гавриле, и како жеден елен си потрчал на Изворот од живата вода, напојувајќи ја душата со љубовта Христова, зашто Царот на мирот те поткрепи за ова.
   Просветлен со премудроста Божја, вештествениот (материјален) оган си го изгаснал со невештествениот (нематеријален), и со чистотата на твојот живот, се удостои за хорот на бестелесното  воинство.
   Богородичен: На болните од секаде им точиш води на исцеленија, зашто Господ на милоста, Кој се роди од тебе, те направи извор на милосрдие, Владичице.
Песна 6.
   Ирмос: Бездната на страстите стана против мене, и бурата на противните ветрови; но побрзај да ме спасиш, Спасителе, и избави ме од гибелта, како што од ѕверот си го спасил пророкот.
   Од  Духот Божји воден, богоблажени, си ја запазил чистотата на твојата природа, и си имал живот сличен на ангелите. Затоа, моли се, да се спасиме од нашите непријатели.
   Имајќи го својот ум секогаш во Бога, си бил нечувствителен кон сите овоживотни работи, а сите лукавства на ѓаволот си ги искинал како мрежа, и сега се молиш за сите нас непрестајно.
   Те молиме, богоблажен отче Гавриле, моли Го Христа Бога за нашата православна татковина, и за сите верни испроси ослободување од гревовите и спасение, и мир во вселената.
   Богородичен: Пружи ги твоите раце, Пречиста, и покриј ги тие што се надеваат на тебе, и кои на Твојот Син, Богородице, Му викаат: Подари им ја, Христе, на сите милоста Твоја.
Кондак, глас 6.
   На земјата си поживеал ангелски, и со животот си го објаснил Евангелието; умот твој си го свртел кон небесата, а луѓето си ги учел на благочестие. Поради тоа те славиме: Радувај се, преподобен Гавриле, Лесновска похвало.
   Икос: Тешко мене осквернетиот и сегрешниот, како ќе се осмелам да ти пеам тебе – чистиот и светиот, преподобен отче Гавриле! Но, надевајќи се на твојата помош и милосрдие, сепак се осмелувам да те воспевам: Ти си бил земен ангел и небесен човек, од душа си Го следел Христа, зашто на земјата си ги занемарил гнилежните работи, со подвизи и напори, и крајно воздржание, со страдање и на земјата лежење, со пост, бдеење и молитви си им бил пример на твоите ученици, храмот на твоето тело си го запазил непорочен, откако стана дом Божји и на Светиот Дух живеалиште. Затоа, откако дојде и се всели во тебе Отецот и Синот и Светиот Дух, ти дарува и небесно наследство. Поради тоа ние те чествуваме: Радувај се, преподобен Гавриле, Лесновска похвало.
Песна 7.
   Ирмос: Младите момчиња го изгаснаа пламенот во печката, и со вера ја примија небесната роса: Благословен си, Боже, на нашите татковци.
   Денот Господен гледајќи го секогаш пред очите, на твојот Господар си Му послужил со многу трпение, пеејќи: Благословен си Боже, на нашите татковци.
   Ништо од убавините на овој свет не те оддели од љубовта Христова, бидејќи повеќе од сè Го возљуби слаткиот Исуса, Кому и Му викаш: Благословен си Боже, на нашите татковци.
    Останувајќи бестрасен, богоблажени, како тврд дијамант се покажа со душата. И сега, стоејќи пред Христа, извикуваш: Благословен си Боже, на нашите татковци.
   Богородичен: Смирената моја душа не презирај ја, Сечиста, но бргу помилувај ја, и од мноштвото од мене направени зла спаси ме и, откако ќе ја обновиш благодатта твоја, просветли ме, Дево Пречиста.
Песна 8.
   Ирмос: На Оној што е носен на престолот херувимски, свештеници, пејте Му: луѓе, превозносете Го во сите векови.
   Ти си засветлил на свешникот од Христовата светлина, и Господ Христос те збогати со дарот на чудеса, те направи познат на вселената, и сега сите викаат со тебе: Сите дела Господови, благословете Го Господа, и превозносете Го во сите векови.
  Ти се покажа извонреден со многуте напори и подвизи, и со тајни молитви кон Бога упатени, иако за луѓето и непознати, но сите видени и знаени од Бога, Кому сега викаш: Сите дела Господови, благословете Го Господа, и превозносете Го во сите векови.
   Од овоземното ништо не си возљубил, зашто умот свој во бездната на смирението си го потопил, сакајќи да се вселиш во Царството небесно. Откако го прими него , викаш: Сите дела Господови, благословете Го Господа, и превозносете Го во сите векови.
   Богородичен: Сите дела Господови, благословете Го Господа, Кој се роди од Дева Марија, и пак го вознесе човештвото на небесната височина, Кому, пак, сите ангели Му пеат: сето создание нека Го благослови Господа, и нека Го превозноси во сите векови.
Песна 9.
  Ирмос: Тебе несогорливата капина и света Дева, Мајка на Светлината и Богородица, надеж на сите нас, ние те величаме.
   Ти си бил син и наследник на Царството Божјо, кое си го скрил внатре во себе со добродетелите. Поради тоа те славиме, Христа величајќи Го.
   Сите собори македонски, момчиња и девојки, старци и старици, немоќни и крепки, се поклонуваат на твоите чесни мошти, и те слават тебе, Христа величајќи Го.
   Твојот светлоносен спомен пофалувајќи го, те молиме преподобен отче, исполни  нè и нас со духовна радост и веселие.
   Богородичен: Да ја возвеличиме Мајката на нашиот Бог, што ја воспеваат сите небесни сили на светите ангели и архангели, и сите народи и поколенија ѝ се поклонуваат и ја слават, викајќи: радувај се, Благодатна, Господ е со тебе!
Светилен.
 Откако се просветли со Христовата светлина, се покажа како светилник на целиот народ наш, зашто, горејќи во духот по заповедите Христови, сите ги просветлуваше со Евангелието. И сега, стоејќи во светлина на Света Троица, моли Ја да се спаси ме.
   Богородичен: Богородице, откако Ја роди Светлината на душите наши – Христа Кој засветли од Отецот, ги просветли сите верни, и го протера мракот идолски, а нам, со благодатта, ни дарува да бидеме чеда Божји, да се населуваме во вечната Светлина, и со Духот Божји да се осветуваме ние, кои тебе те воспеваме.
Хвалитни стихири на 4, глас 6.
  На Христа нашиот Бог служејќи Му ревносно, Му ги принесе твоите подвизи и трудови, од кои мнозина имаа полза; твојата душевна облека побела од снег ја направи, откако вистински Му стана послушен на Христа, Кого со смелост моли Го, за душите наши.
   Откако ги презре засекогаш плотските мудрувања, сите блага во овој свет ги остави, и стана вистински послушник на Христа, со трпение, пост и смирение, на сите верни им се покажа како неизгаслив светилник и за себе го стекна Царството небесно. Него моли го, за спасение на душите наши.
   Кој може да ги изброи сите твои трудови и подвизи, што за Христа ги поднесе, бидејќи ти со дела ги исполни сите  учења Христови и, по претставувањето, светлоста на твојот живот болсна, и сега престојуваш во светлина со светите ангели. Затоа сега те молиме: Моли Го да се спасат нашите души.
   Со уздите на воздржанието си ги победил сите страсти чувствени, и си се облекол во Христа, и на земјата си покажал ревност кон бесплотните (сили), затоа си победил и мноштво непријателски полкови. Преподобен отче Гавриле, моли Го да се спасат нашите души.
Слава, глас 4:
   Нека ликува денес Лесновската Гора, нека торжествуваат сите што ја сакаат набожноста, и нека го восфалат богоносниот отец наш Гаврила, кој уште додека беше на земјата, болсна со светлина на своето житие, и го прими благодатното богатство, и сега на небесата се моли за спасение на душите наши.
И сега, богородичен, истиот глас:
   Синџирот на нашите прегрешенија  скини го, Дево Владичице,  молејќи Го твојот Син и Господ;  и гревот што нè измачува, Приснодево, отстрани го, за да те воспеваме секогаш, Сенепорочна, ние кои преку тебе се спасуваме.
Големо славословие.
Тропар на преподобниот, глас 8.
Откако Го возљуби Христа ревносно повеќе од сè, и се украси со убавина, смирение и трпение, целиот свој живот на земјата му го предложи Нему. Затоа ги наследи небесните обители и се удостои за делот на праведните. Со нив, пак, моли се, да се спасат душите наши (2-пати).
Слава, и сега, богородичен, глас 8: Ти, Кој заради нас се роди од Дева:
Ектении, и отпуст.

 

Извор: ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември-јануари

 С.Т.

Друго:

1. Акатисти и канони (1)

4. Акатист на св. Јован Крстител

5. АКАТИСТ КОН ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

 28.01.2017



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7697
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Мина, Ермоген и Евграф 10 декември / 23 декември 2024

Велики сте вие Мино и Ермогене,кои лично Христово присуство вовашите страдања измоливте.Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото...

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная