Магистерски труд на Софија Грандаковска
3. Молитвата и жртвата
3.1. Иако божјите херои биле слични со луѓето според своите страсти, сепак човекот ја барал нивната наклонетост. Боговите не се одликувале со етичка светост (Џемс, 1990, 295-296), но сепак, во свеста на Хелените постоело сознанието дека од Бога се бара само добро. Затоа, треба да подвлечеме: молитвата и во хеленската книжевност е барање добро. Таа е тесно поврзана со жртвата. Кога еден хеленски автор ќе напишел молитва или упатувал молитва, тоа по автоматизам значело жртвување. Овој момент го носи единството во разбирањето на хеленската молитва. Оттука молитвата и жртвата се јавуваат како единствени облици на богослужење преку коишто дури и Хомеровите јунаци остваруваат врска со своите богови.
3.2. Како конкретен пример го посочуваме дијалогот меѓу Хектор и неговата мајка (270-275), кој ѝ вели да ги собере тројанските жени да се упатат кон храмот на Атена и да ѝ принесат жртва и молитви:
„Туку собери ги ти старичките смерни и појдиСега во храмот н’Атена пленачката с’темјан и кадеж;Сајата, што ти се чини најголема и најарна тебе,И што од сите што г’имаш во куќата најмила ти е,На краснокосата Атена на кољена да и ја кладеш,И да је жртва во храмот дванаесет јунички ветиш,Млади, невпрегнати в јарем за милости д’има кон градот...“
Извадокот ни открива на кој начин и со какви дополнителни ритуали биле вршени жртвувањата и молитвите. Во самата молитва која била притоа упатувана, забележуваме дека таа била проследена со извесни гестови, како што е: „тие со тажења сите подигнале раце н’Атена.“ Молитвената структура започнува со инвокација: „Силна заштитнице градска, о богињо дивна Атено!“, продолжува со давање аргумент за молитвата и завршува со барањето, како трет конститутивен елемент на молитвената структура, а тоа е барањето милост за заштита на градот, како и на тројанските жени и на нивните деца.
3.3. Семантизмот на молитвата во нејзината етимологија открива синонимност со поимите колење и убивање. Во контекст на нашите истражувања врзани со значењската димензија на молитвата, нејзиното потекло и говор, можеме да констатираме дека молитвата во себе ја содржи, без исклучок, бинарната опозиција на нештата. „Постојаното гонење и убивање дивеч, најпосле создало систем на односи sui generis помеѓу ловецот и отепаните животни.“ (Елијаде, том I, 2005, 10) Оваа врска Елијаде уште ја нарекува и мистична солидарност меѓу ловецот и дивечот преку чинот на убивање, кога пролеаната крв не е различна од онаа на човекот. Извесната сродност на овој план зборува за жртвување, каде жртвите меѓу себе се менуваат. Ваквото верување е од неизмерна важност во контекст на еволуцијата на молитвата и пред-религиозниот говор, како говор за осознавањето на човекот во младиот палеолит. Во продолжение на овие податоци, не смее да се одмине од системот на значења: самиот лов како носител на семиотичкото поле владеење со далечината и семантичката длабочина на висината, далечината, упатувањето молитва кон [...] Овие атрибути ги носат и значењскиот ситем на молитвата.
3.4. Од друга страна, пештерското сликарство и ритуалното убивање на животното, говорат за најраната ритуална кореографија на верувањата како систем на знаци кој ги одбележува најраните молитвени повици на човекот. Симулакрумскиот гест, од своја страна говори за верување во душа способна да го напушти телото. Телото на животното кое ја напушта душата станува храна за човекот. Иако тој систем со сигурност ниту може да се реконструира, ниту да се објасни до крај, сепак таквиот симболичен јазик говори за еден систем во кој се препознава молитвата како првичен крик за себеконцептуализација на човекот. Палеолитската археологија дава значаен аргумент за магиско-ритуалната функција на молитвата која била практикувана во пештерите. Синкретичниот обред кој го обединува танцот, ритуалот и магиската формула составена од гласовни и фразеолошки обрти при изговарањето на името на животното, се постигнувал ефект на оддек (Павловић, 1996, 19) или ехо во пештерската внатрешност како одговор на принесеното барање за добар лов. Во тој симулакрумски одек е содржана релацијата ’јас-ти’ како елемент на молитвениот говор.
Хомер. Илијада. Шеста песна: Средба на Хектор и Андромаха, 1982, 124.
Хомер. Илијада. Шеста песна: Средба на Хектор и Андромаха, 1982, 124.